Сликарот како романсиер

147

(Кон ,,Патување со Самаритен“ на Коле Манев, издание на „Магор“, 2018 г.)

Ефтим Клетников

Воопшто не е изненадување што Коле Манев, еминентен сликар (Бапчор, Егејска Македонија 1941) сега се појавува и како писател со романот ,,Патување со Самаритен“. Впрочем, тој и досега ја има манифестирано својата литературна страст со многу свои записи за сликарството, но и за најразлични егзистенцијални теми како колумнист, а пред три години (2015) ја објави книгата со шест филмски сценарија под наслов ,,Сценарио зошто да не“. Во неа е на дело неговиот талент за посложена литературна композиција и рафинирано ткаење на човечките судбини.

И еве сега пред нас е и романот на Коле Манев ,,Патување со Самаритен“ една убава интимна приказна раскажана во јас-форма. Таа е во основа реалистична и со автобиографски карактер, при што во неа суптилно се допираат и испреплетуваат фикцијата и фикцијата со доза лиризација на трпкиот живот во кој сепак на крајот зема превласт горчината. Романот на Манев од првата до последната страница е напишан убедливо во автобиографски стил, но не во клучот на оној што го бара Валери од поезијата како ,,свеченост на интелектот“ туку во клучот на егзистенцијализмот и неговиот елан витал на човекот, како што велат филозофите, фрлен во постоење. Она што целосно се поклопува и со реалниот живот на сликарот, кој како дете на родители бегалци од Граѓанската војна во Грција рано ја запознава суровоста на егзистенцијата во сиропиталиштата во неколку града во Романија, калејќи се така за идните чекори низ скрките на животот, така, еден ден, кон крајот на шеесеттите години од минатиот век, тие го носат него во Париз, иако намерата била Лондон. И Париз, и од уметнички, естетски и од егзистенцијален аспект ќе стане негов значаен судбински топос. Во него тој константно ќе помине десет години на престој, времето во кое и се случува неговата идилична и трпка сторија со убавата Самаритен, а потоа пак, до денес, во покуси и подолги интервали ќе навраќа тука, влечен од магнетот на спомените.

Така поставен на егзистенцијална, гола основа ,,Патување со Самаритен“ на Коле Манев има нагласена димензија и на ахасверство, карактеристично за модерното време во кое секој бара место под сонце по разните меридијани на светот. Како среќа, или на крајот и како несреќа, во зависност од околностите и речта на третата вечер на пророчките. Во таа смисла, името, и главниот лик на романот Никола (авторот сликар) и го дефинира прецизно животот како ризик, основен судбински топос и во филозофијата на егзистенцијалистите од Киркегард до Ками, Сартр на пример или, пак, сизифовскиот апсурд на човековиот проколнатнички експресија на ,,мачнотија на постоењето“ како што е тоа кај Сартр на пример или, пак, на сизифовскиот апсурд на човековиот проколнатнички живот како што е тоа кај Ками. Едноставно, приказната во ,,Патување со Самаритен“ иако суптилно го поседува во себе, не инсистира посебно нагласено на егзистенцијалистички филозофски клуч.

Во неа е исклучен егзистенцијалниот грч типичен за егзистенцијалистичката проза. Со други зборови, тој е суптилно ,,маскиран“ во стилот на едно многу спокојно развивање на автобиографската нарација во клучот на она што Пруст го дефинира како ,,потрага по загубеното време“. Клуч во кој суровоста на егзистенцијата добива поетичен, лирски, емотивен тек. Ин медиас рес, сижето на ,,Патување со Самаритен“ е едноставно, со широк литерарен тек. Сликарот Никола доаѓа во Париз за оттука да отпатува за Лондон, но останува на некој начин судбински тука. Егзистенцијалната среќа ја побарува на Тертр на Монмартр, каде што ги наоѓа уште и Егеецот Коста, Андреј и Мишо, чии судбини се кроки-опишани во стилот на едно судбинско свумато во кое се мешаат задоволството и разочарувањето од животот, радоста и тагата. Во таквата психолошка свумато-состојба на крајот од романот ќе се најде и главниот лик од романот. На Тертр тој како некој вид привидение и подарок од Господ ја запознава девојката во бело Самаритен, име што таа го крие под Саманта, затоа што тоа ја поврзува со една несреќна љубовна епизода пред познанството со Никола. Тоа е на некој начин почетокот на романескната приказна во романот на Манев, која се одмотува во спокоен, благ ритам и хедонистички љубовен лиризам. Таква, всушност, таа како да е илустрација на едно парче мермер што сликарот го открива, не случајно, во „Лувр“, а кој гласи: ,,Ако сите нешта ги ставиш на нивното вистинско место, ќе бидеш силен“. Со еден збор, сложување и подредување на убавите коцки на животот.

Арно ама, како што ќе се покаже подоцна тоа сложување не испаѓа идеално. Доаѓа миг кога нешто непредвидливо се крши и сѐ убаво го налегнува некоја тешка меланхолија и тага, како што е тоа на крајот од идиличната приказна во романот ,,Патување со Самаритен“ кога необјасниво по смртта на татко ѝ на Самаритен исчезнува некаде во Швајцарија, а Никола купува „пежо“ и во длабока меланхолија, скрушен, се враќа во Македонија. Крај на еден среќен животен период, кој сепак на крајот изгледа шопенхауревски како илузија, бидејќи овој свет е најнесреќен од сите можни светови. За разлика од Лајбниц за кого тој е најсреќен. А во романот главниот лик всушност ги доживува, се чини, еднакво и Шопенхауер и Лајбниц.

Во секој случај во романот на Коле Манев станува збор за едно убаво интроспективно патување низ спомените. Еден подотворен тек на свеста во која временските и егзистенцијални мигови минуваат како на филмска лента. Во нив на некој начин среќата се појавува како централен спонтан мотив. И таа тука е елементарна, иако звучи идилично. Елементарна како заработен леб и сол на масата на животот. Таква е, во тој тон, всушност и врската меѓу сликарот Никола и Самаритен: едноставна, спонтана, со отворени чувства и искрена еротска импулсивност.

Коле Манев во ,,Патување со Самаритен“ се претставува како вешт раскажувач. Неговата нарација пленува со својата неизнудена сугестивност и елементарен, лиризиран натурализам. Тоа е стил на една филмска подвижна наративност, аналоген на методот на филмската монтажа за која и Ајзенштајн сметаше дека е една од најважните во филмската уметност. А ние сега велиме и во секоја друга уметност. Можеби и најмногу во уметноста на литературата, поезијата и прозата. За драмата и да не зборуваме. Во манирот на таа филмска техника, иако сижетно конзистентен, и е компониран од многу фрагментарни секвенци романот на Манев. Тие се притоа проткаени со многу ефектни епизоди од неговото насушно егзистецијално, бегалско детство по Граѓанската војна во Грција, во Романија. Очигледно дека Коле Манев, кој успешно се огледал и во филмската уметност, добро го апсолвирал значењето на тој план на контрапунктот без кој не само фугата во музиката, туку и секоја друга уметничка творба би била сиромашна. Сето тоа, пак, говори дека Манев покрај сликар, неговата доминантна уметност, е импресивно талентиран и во подрачјето на филмот и литературата.