Скопје ќе се претвори во музичка сцена под отворено небо

81

„Скопје стрит мјузик фестивал 2018“ четири дена ќе го забавува Скопје на седум локации

„Скопје стрит мјузик фестивал 2018“ од 21 до 24 јуни ќе овозможи забава за сите љубители на музиката на седум различни локации во градот. Плоштадот „Македонија“, Градскиот парк, ТЦ „Лептокарија“, паркот кај авиончето во Ново Лисиче, плоштадот „Скендербег“, платото пред Универзалната сала и Боемската улица се локациите на кои ќе ечи добра забава.
Настапите ќе почнуваат во три термини, од 18, 20 и 22 часот, а на последниот ден од фестивалот настапите ќе почнат во 12 часот.

– Скопје, улица, музика – трите збора, кои во себе ја содржат суштината на тоа што ќе се случува од 21 до 24 јуни. Целта на фестивалот е на граѓаните да им се овозможи на улиците и во своите маала да слушнат квалитетна музика, која инаку ја има само на официјалните сцени и во концертните сали. Со тоа, градот Скопје ќе се претвори во музичка сцена под отворено небо. Наедно, „Скопје стрит мјузик фестивал“ го следи форматот на музички фестивал, со што се стреми да го вброи Скопје на мапата на познатите музички фестивали – соопштуваат организаторите.
За време на фестивалот посетителите ќе можат да слушнат рокенрол, џез, боса нова, класична, филмска и етно-музика. Покрај тоа ќе настапат и специфични состави со француски шансони, еврејска музика и со хорско пеење.

– На репертоарот ќе биде застапена авторска музика, но и преработки на познати песни. Во исто време присутните, особено помладите, ќе можат да се запознаат со различни музички инструменти, некои од нив и многу ретки и несекојдневни.
На отворен простор, а не во концертна сала ќе може да се видат најразлични инструменти како ксилофон, вибрафон, акустично пијано, бандонеон. Изведувачите, каде што се вбројуваат познати уметнички имиња, но и аматери, се избрани по пат на конкурс, од страна на селекторот на фестивалот. Ќе учествуваат вкупно 24 артисти, групи и ансамбли. Изборот на изведувачи е направен врз основа на квалитетот на музиката и жанрот на музика со која ќе настапат артистите – додаваат од „Скопје стрит мјузик фестивал“ Коорганизатор на фестивалот е конгресниот центар „Александар Македонски“, а покровител е градот Скопје.