Скопје – луѓето и комарците

704

Во брзината да ги уништиме комарците можеме и ние граѓаните да се уништиме. Обично тоа се случува така, ако брзаш да го надоместиш испуштеното време или да ја оправдаш неодговорноста за ненавремено прскање, ќе направиш друга грешка, народот вели влегуваш од грешка во грешка. За тоа се сноси одговорност бидејќи граѓаните сигурно ќе страдаат. Нема да го почувствуваат негативниот ефект веднаш, тој може да се појави подоцна.

Сега моментално ќе ги уништиме комарците, но треба да ја зголемиме концентрацијата на препаратот во воздухот, а и со подолгото време на одржување на таа концентрација во воздухот (должината на третманот), ќе дојде до загадување на животната средина. Наместо еден ден, два дена или наместо два, четири дена.
Кога би можело прскањето да се одвива во набиени термини, а да нема штета по другиот животински свет (тука се и луѓето), тогаш немаше да се прават планови за прскање на градот или контроли на материите што треба да се користат за прскањето. Станува збор за отровни средства, поради што и целата процедура се продолжи. Не можеме сега одеднаш да ги уништиме комарците без штета, порано тоа го правевме во подолг временски период. Сигурно ќе направиме штета и спрема оние за кои не е наменето прскањето.

Не е битно која партија е на власт, тоа е реалноста и штети ќе има поради концентрацијата на материјата што се дозира. Доколку во одлуката учествува и партијата, а не стручните луѓе, тогаш одговорноста ја сноси политика и затоа треба да има ригорозни казни, и не да се чека на казната, дали ќе добијат на следните избори. Но бидејќи тие се на власт одговорност ќе нема, а граѓаните ќе го платат цехот. Затоа стручните служби треба да бидат самостојни во одлучувањето. Независно која партија е на власт. Градоначалникот не е тој што треба да одлучува за стручните служби и да дава изјави за јавноста од стручен карактер.

И поради вакви и слични ситуации имаме бегање на младите од нашата земја. Тие бараат гаранција за сигурност не само за економската егзистенција (плата, стандард и сл.), туку ми се чини повеќето за егзистенцијата од овој тип (сигурност во градот, на улица, услови за работа и сл). Тие бегаат и поради кадарот што доаѓа на власт во државата, не е битно која партиска гарнитура. Нестручни луѓе ја водат државата и тоа се повторува сите овие 27 години наназад.

Тие, наши млади луѓе, се главно образовани кај нас во средните школи, факултетите и универзитетите и кога ќе дојдат на прагот за вработување тука веќе не важат рангот и успехот што го постигнале при образованието туку партиската припадност. Тоа прави голем револт и, за жал, се одлучуваат да ја напуштат својата татковина. Тоа не е лесен чин, но грешките треба да ги бараме во нашето општество.

Стефан Поцев, проф. во пензија