Скептицизам околу непушачкото Токио 2020 година

32

Организацискиот комитет (ОК) за Игрите 2020 година посочи дека ќе има забрана за пушење на сите спортски објекти каде што ќе се одржуваат натпреварите, вклучувајќи го и новиот национален олимписки стадион во Токио

Локалните жители и владините службеници во областите на Токио каде што ќе се организираат олимписките натпревари се загрижени околу тоа дали забраната за пушење на спортските борилишта ќе биде соодветно почитувана за време на Игрите 2020 година.

Организацискиот комитет (ОК) за Игрите 2020 година посочи дека ќе има забрана за пушење на сите спортски објекти каде што ќе се одржуваат натпреварите, вклучувајќи го и новиот национален олимписки стадион во Токио.

На стадионот во Јокохама, каде што ќе се одржуваат натпреварите во бејзбол, нема да се користат постојните осум пушачки места, вклучувајќи ги и оние без ограничувања за навивачите. Општинските власти на Јокохама повеќето делови на трасата помеѓу блиската станица и стадионот ги определи како непушачка област, оставајќи само две пушачки места во околината.

– Веројатно ќе одам да пушам на некое друго место – вели 42-годишната работничка со скратено работно време од Фуџисава, од префектурата Канагава.
Генкичи Еномото, 72-годишен генерален секретар на здружението „Канаи“, кое се грижи за чистотата на местата околу стадионот, додава дека „можеби има луѓе што пушат надвор од местата за пушење и луѓе што ги фрлаат догорчињата од цигарите наоколу“.

За време на Игрите 2020-та, Јокохама планира да распореди луѓе околу местата каде што ќе се одржуваат натпреварите, кои ќе предупредуваат дека постои правило да не се пуши.

– Ќе биде многу тешко за општината да ги спроведе овие мерки – предупредува официјално лице од Јокохама.

Властите на западното предградие на Токио, Чофу, исто така размислуваат за ангажирање луѓе со слични задолженија околу стадионот „Аџиномото“, каде што ќе се играат фудбалските и рагби-натпреварите.
– Не постои концепт на забрана за пушење на отворено во странските земји. Ние ќе мора да побрзаме во напорите да ја издигнеме свеста за оваа работа кај странците – нагласува претставник на општинските власти на Чофу.