Скап автомобил направен од лего-коцки во вистинска големина!

218
Со повеќе од еден милион коцки, ова е еден од најлудите проекти создадени од лего

Се забележуваат повеќе автомобили направени од лего, еден од најимпозантните и најсофистицирани е „лего бугати чирон“. Иако овој концепт е постар, сепак потребно е да се потсетиме дека има целосно функционални автомобили што се создадени од идеи што можат само да се замислат.

– Кога се даде идејата за овој проект, имаше многу тишина во собата. Беше многу смешно, никогаш не сум ги видел моите соработници такви – објаснува повозрасниот уметнички директор на „Лего“, Алан Јенсен.

На почетокот сите инженери и менаџерот на проектот Лукас Хорак се смееле на концептот, мислеле дека станува збор за шега, но кога сфатиле дека не станува збор за шега, настанала тишина. Не е ни чудно што сите биле изненадени, кога ќе се размисли дека сепак оваа идеја била дадена на брифинг на техничките инженери на „Лего“ за да изградат „лего бугати чирон“. Искрено, навистина е луда идејата да се изгради целосно функционален автомобил од лего-коцки. Инженерите во суштина треба да направат автомобил што не само што ќе изгледа убаво и верно на моделот туку и ќе се движи.

По нешто повеќе од една година со разни проблеми, 13.500 часа и повеќе од еден милион лего-коцки, гледаме во најневеројатниот проект на „Лего“ што некогаш бил создаден. Во неговата целосна големина „лего бугати чирон“ има тежина од 1,5 тон. Лего-коцките не смеат да се виткаат, па од таа причина инженерите почнале да ги истражуваат границите на специјалните лего-коцки создадени за автомобилот.

Градителите на модели поминале многу време во создавање различни видови примероци, а потоа седнувале на нив за да ги тестираат и да ја видат нивната издржливост. Можеби овој пристап не е многу научен, но сепак на почетокот им се покажал како добра практика, додаваат инженерите. Автомобилот е направен на таков начин што се поставени слоеви што се испреплетени заедно со игли и греди, кои создаваат технички рамки. Наедно се завиткани во технички панели за дополнителна цврстина. Сите овие работи се поставени над челична рамка. Рамката е еден од трите дела што всушност не се направени од лего-коцки, другите се вистински чирон-тркалата и кафезот на автомобилот.

Кога станува збор за изгледот, инженерите создадоа лего-ткаенина, составена од мали триаголни елементи поврзани заедно и прикачени на рамката преку активатори. Со триаголната „ткаенина“ се овозможува рекреирање на формата на „бугати чирон“. Но за да го обликува автомобилот во нешто што ќе личи на „бугати чирон“, тимот поголемиот дел од автомобилот го направил по сеќавање и по фотографии, вели шефот за дизајн Лубор Зелника, бидејќи нема книга со чекори за ваква работа. Исто така, за создавање на овој автомобил воопшто не е користено лепило. Павел Волни, маестрото за електроника, ја доби задачата да направи овој проект да се движи. Тој вели дека тоа воопшто не е лесно.

Внатре во автомобилот има 24 моторни кутии, секоја од нив има по 96 мотори со „лего пауер фанкшнс“. Тоа се вкупно 2.304 мотори, а секој мотор е целосно направен од лего-компоненти. Вториот голем чекор беше всушност да се постигне брзина со автомобилот. Теоретски, автомобилот може да постигне 29 километри на час, но тешко ја достигнува таа брзина.

Како што може да се забележи, автомобилот не може да постигне голема брзина. Исто така нема педал за забрзување, туку пар батерии што ги напојуваат моторите и го движат напред преку потенциометар. Кочници има, а кога ќе се притиснат, електромагнетните спојки на задната оска се исклучуваат и автомобилот сопира. Во автомобилот има простор за две седишта направени од лего, многу копчиња, безбедносни ремени (вистински), преносен управувач и врати со механизам за затворање направен целосно од лего-коцки.