Си замина доајенот на македонската ТВ-режија

306

Познатиот македонски режисер Тихомир Бачовски ненадејно, во понеделникот во својот дом, си замина од овој свет, но неговото обемно творештво ќе остане да сведочи за неговиот голем професионализам, немирен дух и креативна љубопитност постојано да истражува и да се докажува како режисер во повеќе жанрови.
Во матичната Македонска радио-телевизија Бачовски режираше различни програми од забавно-музички карактер, реклами, документарни филмови, играна програма, како ТВ-драми и ТВ-серии, а беше зад камерата и на голем број фестивали и манифестации.

Ќе остане запаметен како режисер на телевизиски серии, но и по реализацијата на стотици музички спота, фестивали, концерти… За жал, не успеа да го сними својот игран филм за чие сценарио толку зборуваше последниве години, со кој можеби ќе го освоеше и Холивуд, бидејќи тој никогаш не се откажуваше од своите соништа.
Тихомир Бачовски е роден 1950 година во Скопје. Како познат киноаматер веќе во 1967 и 1968 година, во рамките на тогашните југословенски простори освојува повеќе награди за режија на фестивали за аматерски филм. Од 1971 година се вработува во МТВ. Учествува на повеќе телевизиски фестивали во некогашната ЈРТ-шема и добива повеќе признанија и награди.

Во 1970-тите ја режира документарната серија „Луѓе и судбини“ од кои се издвојуваат документарниот филм за „Маалата и маалскиот живот“ и „Старата чаршија“ во Скопје.
Покрај на играната програма, се ориентира и на снимање шоу-програми и спотови, над 300, а реализира и стотина рекламни спота, од кои некои се и наградени.
Во 1984 година ја снима ТВ-драмата „Записник“, со современа тематика како и филмот „Двојка“, а следната година и играната серија „На наш начин“ во шест продолженија. Како режисер го потпишува и играниот проект „Салон хармони“, серија снимена 1997-1998 година во десет продолженија.

Од 2004 година работи во забавно-музичката телевизија Макспот како уметнички директор и режисер, а од 2007 година неговиот статус е слободен уметник, за да им се посвети на играните проекти.

Во 2015 година, за телевизијата Алфа ја снима играната серија „Цимери“ во 40 епизоди, а од 2003 до 2016 година режисер е на фестивалот „Охрид-фест – Охридски трубадури“.

Погребот на доајенот на македонската ТВ-режија е извршен вчера на Градските гробишта во Бутел во Скопје, а го испратија голем број роднини, колеги и пријатели.