Сите песни на концертот Лозано ги испеа со публиката

355
Фото: Стефан Рајхл

По енергичниот почеток со „Километри“ се нижеа познатите хитови, а повеќето песни Влатко Лозаноски ги продолжуваше само за да може повторно да ја слушне распеаната публика

Уште од првите тактови на „Километри“, песната со која Влатко Лозаноски-Лозано го почна завчеравечер својот прв голем концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, публиката беше негов сојузник. Хорот од осум илјади грла цели два часа пееше со него, без да згреши ни збор ни тон.

За овој концерт Лозано рече дека е остварување на негова голема надеж, животен сон, и оти тоа е најсреќен ден во неговиот живот.
Ова скромно момче, кое веќе петнаесетина години е присутно на македонската естрада, досега сними многу песни, повеќето станаа хитови и често се вртат на радиостаниците, спотовите за нив ги гледаме на телевизиите, а имал и голем број настапи низ целата земја. Пеел и освојувал награди во странство и дома, а кога го прашавме зошто досега не се осмели да направи голем концерт, тој рече дека токму сега е вистинското време за тоа и беше во право.

Одамна не сме виделе толку расположена и распеана публика, која до последното место ја исполни арената, и талентиран и харизматичен пејач, чии песни лесно допираат до луѓето. Секако, тоа е благодарение и на авторите во кои, како што вели Лозано има најголема доверба, братот и сестрата Ена и Лазар Цветковски, кои прават песни по негова мера, токму за неговиот глас и сензибилитет.

И по енергичниот почеток, се нижеа неговите хитови („Јако, јако“, „Жена како ти“, најновата емотивна балада „Мајко“, „Надеж“, „Сонце не ме грее“, „Кога мене ќе ме немаш“,….). Повеќето песни Лозано ги продолжуваше само за да може повторно да ја слушне распеаната публика.

Иако на почетокот тој беше затечен од фантастичната глетка, веќе по првите песни Влатко се опушти и како што го посоветувал еден пријател пред почетокот на концертот, ги пушти своите „чеда“ (песните) да се растрчаат во салата, која бликаше од позитивна енергија.

Го придружуваше одличен бенд, кој цело време како да му ги читаше мислите, а имаше и одлични светлосни ефекти и, секако, звук како од плоча. А Лозано пееше лесно, и нежно и јако, си поигруваше со својот мек, но пробивен глас, а по секоја пејачка бравура добиваше врисоци и аплаузи од публиката, претежно составена од млади луѓе, но, сепак, имаше и посетители од повеќе генерации. Мобилните светнаа повеќепати, трибините се нишаа во ритамот на музиката, а насмевките ги красеа лицата на присутните.

Убав и емотивен беше и моментот кога единствените гости на концертот, дуото „Некст тајм“ ја испеаја својата преработка на народната песна „Ја излези Ѓурѓо“.
„Ви благодарам Македонијо за прекрасната вечер“, се заблагодари повеќепати Лозано.
По официјалниот дел, публиката еуфорично почна да извикува „Сакаме уште“, а Влатко уште еднаш ги испеа „Километри“ и „Јако, јако“.

По мегаконцертот во Скопје, со кој Лозано го скрши мразот и направи сериозен исчекор во својата кариера, се надеваме дека наскоро и регионот ќе слушне за ѕвезденото момче од Кичево.

Концертот го организира продукцијата „Авалон“.