Сириската агонија се решава со дипломатија, а не со ракети

681
Разговор помеѓу амбасадорите на Русија и на САД во ОН

Британската влада, наместо да пропагира воздржаност во сириската криза, се вклучи во една непромислена и легално сомнителна воена интервенција

Џереми Корбин

Ова се сериозни времиња. По ракетниот напад на Сирија, сега е моментот за силни залагања за мир. Безгрижното прифаќање на шефот на британската дипломатија Борис Џонсон дека конфликтот ќе продолжи во актуелната насока и дека мировните преговори само би биле „вишок“ беше едно несовесно отфрлање на одговорноста и на моралот.
Во овој тежок конфликт веќе загинаа повеќе од 500.000 лица, а пет милиони бегалци беа принудени да ја напуштат Сирија, додека шест милиони други се внатрешно раселени. Мораме во центарот на вниманието да го ставиме политичкото решение на конфликтот, а не да почнеме нов циклус воени реакции и контрареакции.
Проширената надворешна воена интервенција во Сирија, од финансирање и вооружување до бомбардирање и распоредување војници, воопшто не помага. Сирија стана бојно поле на регионалните и на меѓународните сили, како што се САД, Британија, Русија, Франција, Турција, Иран, Саудиска Арабија, Израел, Катар и Обединетите Арапски Емирати.

Последниот напад на локации во Сирија што се поврзува со капацитетите за производство на хемиско оружје беше погрешен чекор и беше погрешно интерпретиран. Целта или беше чисто симболична, со уништување веќе напуштени објекти што се покажаа како целосно неефикасни за одбрана, или беше најава за поширока воена акција. Со тоа би се ризикувало несовесна ескалација на војна и на жртви, како и опасност за директна конфронтација меѓу САД и Русија. Ниту една опција не нуди крај на војната и страдањето или некакви шанси да се спасат човечки животи, туку го нуди спротивното. Засилената воена акција само ќе предизвика поголем број жртви и бегалци.

Не смее да има воена
операција без одобрение од ОН, смета Корбин

Во никој случај не треба да се игнорира употребата на хемиско оружје. Самата употреба претставува криминал и мора некој да одговара за тоа. Владата на Башар ал Асад требаше да ги предаде резервите на хемиско оружје (но не и хлорот) според договорот од 2013 година поддржан од ОН, додека стотици тони беа уништени под надзор на Организацијата за забрана на хемиско оружје, Русија и на САД.
Спротивно на тврдењата, тогаш беше постигнат договорот во Советот за безбедност на ОН и повторно во 2015 и во 2016 година за независен режим на Организацијата за контрола на хемиското оружје. Тоа може и мора повторно да се воведе, како што сега предлагаат двете страни во Советот за безбедност на ОН.
Инспекторите мора да добијат целосен пристап за да соберат докази, но и дополнителни овластувања. Русија мора да ги исполни обврските од 2013 година и мора да се изврши притисок врз Асад да соработува во истрагите за катастрофата во Дума.

Истото тоа важи и за вооружените опозициски групи, некои со поддршка на Саудијците или на Западот, кои исто така беа вмешани во употребата на хемиски оружја. Притисок исто така треба да се изврши и врз одговорните преку санкции, ембарга и, ако е потребно, преку меѓународниот кривичен суд.
Крајот на конфликтот ќе зависи од преземањето на целосната одговорност. Но сега можат да се преземат многу чекори без да се додава масло на сирискиот оган. Има и скептици за мултилатералната демократија. Но мора да се инсистира на законската оправданост и санкциите на ОН за секаква понатамошна воена акција. Не можеме да прифатиме дека „новата студена војна“ е неизбежна, како што предупреди генералниот секретар на ОН, Антонио Гутиерес. Промена во реториката на бескрајната конфронтација со Русија исто така ќе помогне да се намалат тензиите и да се постигне консензус во ОН за повеќекратна акција, за да ѝ се стави крај на сириската агонија.
Воената акција е правно дискутабилна. Самото оправдување на британската влада, која силно се потпира на спорната доктрина за хуманитарна интервенција, дури не ги исполнува ниту нејзините критериуми. Без одобрение на ОН, повторно зависи од американските и од британските влади дали сами бесправно ќе си дадат овластување да дејствуваат еднострано, кое воопшто го немаат.

Фактот што премиерката Тереза Меј нареди напади без да бара дозвола од парламентот само ја истакнува слабоста на Владата, која во реалноста само чека дозвола од воинствениот и нестабилен американски претседател Трамп. Токму затоа сакаме парламентот да го има последниот збор во планираната воена акција во иднина во нова војна на силите.

Понатамошна воена акција би била непромислено решение. Многу повеќе отколку во случајот на катастрофалните интервенции во Ирак, Либија и во Авганистан, континуираната војна во Сирија ја зголемува опасноста од поширок конфликт, почнувајќи со Русија и со вмешувањето на Турција, Иран, Израел и другите земји. Не постои ниту некаков политички план. Либија е последниот катастрофален пример за преземање воена акција без притоа да се разгледаат политичките последици. Во меѓувреме, хуманитарна катастрофа предизвика и кампањата на Саудиска Арабија за бомбардирање на Јемен, која е поддржана од Британија.
Британската влада треба да пропагира воздржаност во оваа криза, а не да биде поддржувач. Добро е тоа што Советот за безбедност на ОН сега ќе дискутира за инспекцискиот режим за новите оружја и обновувањето на мировните преговори. Целта на ваквите дискусии треба да биде постигнување договор, а не освојување поени од страна на големите сили.

Мораме да ги уништиме хемиските оружја и исто така да го искористиме нашето влијание за да ѝ се стави крај на уште поголемата сириска војна. Итно е потребно да се постигне дипломатско решение, што ќе ѝ овозможи на земјата повторно да застане на нозе, бегалците да се вратат во своите домови и да се создаде инклузивна политичка атмосфера, која ќе им даде можност на сириските граѓани да одлучат за сопствената иднина.
Сето ова, а не нова офанзивна кампања, е она што треба британскиот народ да го побара од својата влада. Сега е време за морално и политичко лидерство, а не за избрзани воени одговори.

Авторот е лидер на Лабуристичката партија во Британија