Сината боја на терените е заштитен знак на турнирот во Њујорк

35

Годинашното Отворено првенство (ЕП) на САД во тенис (од 27 август до 9 септември) ќе биде 138-то по ред (првото се одржа во 1881-та), јубилејно 50-то во опен-ерата, откако во 1968 година им беше дозволено на професионалците да настапуваат. Таму, натпреварите се играат на тврда подлога, почнувајќи од 1978 година (претходно се играше на трева) на националниот тениски центар што од 2006 година го носи името „Били Џин Кинг“ во Флешинг Медоу, во Квинс, Њујорк, и на кој има вкупно 33 терени.

Наградниот фонд на САД опен е најголем од четирите гранслем-турнири, 53 милиони долари, од кои победниците во двете конкуренции, машка и женска, ќе добијат по 3,8 млн. долари. Турнирот во Њујорк е и првиот на кој тенисер(к)ите почнаа да добиваат иста парична награда, почнувајќи од 1973 година. Тогаш Били Џин Кинг се заканила дека ќе го бојкотира турнирот откако претходната, 1972 година, како победничка во Њујорк добила 10.000, а победникот во машка конкуренција, Романецот Илие Настасе 25.000 долари!

Од 2005 година терените во Њујорк се со сина боја, која на некој начин стана заштитен знак на турнирот. Тоа беше направено заради контраст и полесно следење на топчето, на ТВ-екраните и на терените. Следната 2006 година првпат се воведе и електрониката (хок-ај) за проверка на спорните моменти и за елиминирање на човечките, судиски грешки.
Ланските титули ќе ги бранат Американката Слоун Стивенс и Шпанецот Рафаел Надал.