Симпатизира ли Трамп потајно автократски режими?

254

Трамп им противречи на ЦИА, Канцеларијата на директорот за национално разузнавање, ФБИ, Агенцијата за државна безбедност, Одделот за правда, Одделот за домашна безбедност, Комитетот за разузнавање и Разузнавачкиот комитет во рамките на Сенатот. Наместо да се соочи со информациите од највисоките безбедносни институции, тој не ги преиспитува своите позиции и наметнува автократски, интуитивни заклучоци…

Дејвид Принг Мил, консултант за медиуми и комуникации

Во една пригода претседателот на САД, Доналд Трамп, опишувајќи го Ким Јонг-ун, Трамп рече: „Тој е главен во земјата, сакам да кажам навистина главен, нема дилема за тоа. Тој зборува, а неговиот народ го гледа со внимание, сакам и мојот народ да го прави истото тоа“.
Ова не е првпат Трамп да изразува поддршка за автократски или репресивни режими.
Еден поранешен шеф на ЦИА сугерира дека Трамп негува „автократска завист“ кон Путин.
Тука има и еден контрааргумент. Многу од поддржувачите на Трамп се благодарни што сегашната Бела куќа одбива да се ангажира со подмолност и воен интервенционизам по цена на крвопролевање и богатство. На некој начин, тие имаат право. Насилството треба да се користи како последно средство.

Лажните сомнежи и искривените стравови понекогаш се ублажуваат или разјаснуваат со ангажман. Постојат ветерани што сметаат дека војската е погрешно користена и злоупотребувана од претходните администрации. кои премногу се обврзуваа кон сомнителни цели. Сево ова е вистина. Проблемот е во тоа што поддржувачите на Трамп често претеруваат со одбивање на реалноста. Наместо да ги прифатат геополитичките состојби и настани и да кажат дека не е во наш интерес да интервенираме, тие своеволно одбираат да го игнорираат флагрантното кршење на нашата национална безбедност, оправдувајќи ги грозоморните дела на странски сили и фрлајќи сомнеж врз целото новинарство и нашите разузнавачки служби. Криењето на главата во песок не може да претставува долготрајна стратегија.

Ваквата намерна игнорантност е најочигледна кога станува збор за политиката кон Русија. Путин се вмеша во американските избори со намера да ја поткопа демократијата во САД. Сајбер-актерите поддржани од Русија „нишанеа“ кон нашата инфраструктура, се обидоа да ги изманипулираат нашите гласачки механизми, спроведоа кампањи за влијание и ги крадеа корпоративните тајни.

Исто така, Русија нелегално го анектира Крим, поттикна насилство во Украина, потона украински бродови и сруши цивилен авион. Многу новинари и дисиденти во Русија беа затворени, казнети и убиени.

А Трамп не го почитува консензусот во својата сопствена влада. Во прилог на неговите невешти напори за заматување на реалноста околу убиството на Кашоги, Трамп се обиде да ги поткопа разузнавачките извештаи за руското мешање во изборите. Тој им противречи на ЦИА, Канцеларијата на директорот за национално разузнавање, ФБИ, Агенцијата за државна безбедност, Одделот за правда, Одделот за домашна безбедност, Комитетот за разузнавање и Разузнавачкиот комитет во рамките на Сенатот. Наместо да се соочи со овие убедливи факти и да ги преиспита позициите на лидерот, неговата база смислува теории на заговор во стилот на „тајните политички манипулатори“.

Вредно е да се истакне дека ова постепено свртување на републиканците кон неинтервенционизам од технички аспект му претходеше на Трамп. Можно е тоа да потекнува од влијанието на Рон Пол. (Патем речено, синот на Рон Пол, сенаторот Ренд Пол, изјави дека реакцијата на Белата куќа не ја става Америка пред сѐ, туку Саудиска Арабија.) Понекогаш филозофијата на неинтервенционизам може да послужи за одржување на мирот. Сепак, ставот на Трамп сѐ уште страда од сериозен психолошки расцеп. Тој „глуми“ дека мора да избереме помеѓу неговата страхопочит кон автократи и директна војна. Постојат и други опции.

Понекогаш и заканата од потенцијална воена акција служи за одржување на мирот, дури и ако никогаш не дојде до таа акција. Теодор Рузвелт еднаш рекол: „Зборувајте нежно и носете со себе голем стап“. Кога Трамп експлицитно изјавува дека нема да ја користи нашата моќ, рушејќи го така нејзиниот кредибилитет, тој го отфрла големиот стап. Време е за враќање на вистината и на чистиот морал во Белата куќа. Време е одново да се размислува за економијата на човековите права.

„Тој е главен во земјата, тој зборува, а неговиот народ го гледа со внимание, сакам и мојот народ да го прави истото тоа“, изјави Трамп за Ким