Се зголемува демократскиот дефицит на ЕУ

256

По изборите за Европскиот парламент, на кои се покажаа неосновани стравувањата од голем популистички бран, Европскиот совет понуди свои квалификувани кандидати за водечките позиции во ЕУ. Проблемот е што со таквиот потег само го зголеми „демократскиот дефицит“ на Унијата

Даниела Шварцер

Политичките пазарења можеби не се пријатни, но квалификациите на кандидатите номинирани од Европскиот совет да ги водат челните институции на ЕУ се несомнено импресивни. Ако бидат одобрени од Европскиот парламент, германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен и белгискиот премиер Шарл Мишел ќе ги предводат Европската комисија и Европскиот совет, а шпанскиот министер за надворешни работи, Жозеп Борел, ќе биде висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика. Во ноември, Кристин Лагард ќе го наследи Марио Драги, како претседател на Европската централна банка.

Добрата вест е дека секој од овие кандидати ќе ја зајакне ЕУ во време на глобална несигурност. Лошата вест е дека самата ЕУ ќе продолжи да се соочува со значителни предизвици однатре. Борбата за пополнување на најважните позиции резултира со отстранување на процесот на водечки кандидат (во кој најголемата партиска групација во Европскиот парламент го избира претседателот на комисијата) и со враќање на политичките пазарења зад затворени врати, што многумина ги сметаат за недемократски. Потребно е да се објасни оправданоста на таа промена, зашто може да страда угледот на ЕУ.

Процесот на „водечки кандидат“ беше воведен во 2014 година, за да се спротивстави на перцепцијата дека ЕУ страда од демократски дефицит. Битката за челните позиции го интензивира судирот меѓу разни перспективи во рамките на и околу изворите на легитимитет на ЕУ. Додека земјите-членки со силна парламентарна култура сметаат дека највисоките функции треба да се изберат врз основа на резултатите од изборите за Европскиот парламент, други земји (како Франција) сметаат дека извршното искуство е многу поважно од поврзаноста со изборните резултати. Долг е процесот за осмислување широкоприфатен систем за избор на лидери на ЕУ. Наспроти актуелниот неуспех, принципот од системот на „водечки кандидат“ треба да се зачува и да се комбинира на следните избори, со дополнителни транснационални листи на кандидати поддржани од посилни трансевропски партиски структури. Освен тоа, ЕУ треба да ја зајакне улогата на Европскиот парламент.

Голем број пратеници се фрустрирани поради тоа што Советот не номинира ниту еден од понудените водечки кандидати. Тие би можеле да го изразат своето чувство на предавство, гласајќи против номинацијата на Фон дер Лејен. Ако нејзината кандидатура биде одбиена, најверојатно ќе следуваат неколку месеци институционални превирања. Како израз на добра волја, Фон дер Лејен треба рано да објави дека ќе работи кон зајакнување на позицијата на пратениците за тие да можат де факто да иницираат законски регулативи. Со меѓуинституционален договор со Европската комисија, таквата промена нема да бара измена на основачките договори. Покрај тоа, ако бидат потврдени, Фон дер Лејен и новиот шеф на Европскиот парламент, Давид Сасоли од Демократската партија на Италија, треба да воспостават работен однос сличен на оној на нивните претходници Жан-Клод Јункер и Мартин Шулц. Но, со оглед на новиот состав на Европскиот парламент, тие треба силно да ги вклучат претседателите на сите парламентарни групи што сакаат да работат за посилна Европа. Фактот дека пратениците го избраа Сасоли наместо кандидатот на Европскиот совет, бившиот бугарски премиер Сергеј Станишев, сугерира дека изборите за Европскиот парламент ја обновија желбата за институционална независност. Но изборите го оставија парламентот уште пофрагментиран. Бројот на места што во 751-члениот парламентот ги освоија двете главни групи, Европската народна партија (ЕПП) и Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (СиД), се намали од 404 на 336, поради добивките на зелените, десничарските националисти и на умерените либерали.

Падот на големите коалиции во Европа и појавата на нови помали партии ќе го попречат процесот на донесување одлуки, како што покажа несогласувањето во парламентот околу процесот на водечкиот кандидат. Поделбите меѓу парламентарните групи не се само политички туку и географски. ЕПП нема речиси ниту еден европратеник од Франција или од Италија, а има големи делегации од Германија и од Северна Европа. СиД привлекува многу поголема поддршка од Пиринејскиот Полуостров и од Италија, со релативно малку пратеници од Вишеградската група (Чешка, Унгарија, Полска, Словачка) или од Франција.

Зголемената фрагментација во Европскиот парламент оди заедно со променливите односи меѓу членките на ЕУ. Француските и германските денови на соработка ги нема, па дури и двете сили да се усогласат за одредено прашање, блокирањето од малцинствата може да им застане на патот во Советот. Последниот круг преговори за раководството на ЕУ покажа колку е тешко да се постигне мнозинство, а камоли едногласност. Националните влади по секоја цена се борат за своите интереси. Како резултат на тоа, поединечните земји-членки се соочуваат со силно искушение да остваруваат конкретни цели во помали групи истомисленици. Затоа, предизвикот е да се осигури дека таквите иницијативи ќе ги следат формалните процеси на ЕУ, а не да се решаваат преку меѓувладини договори зад затворени врати.

Силниот одѕив на изборите за Европскиот парламент покажува дека ЕУ не ја изгубила јавната поддршка. Политичкиот центар е зајакнат во време кога евроскептицизмот и национализмот се во подем во земјите-членки. Општо земено, довербата на јавноста во ЕУ е еднакво висока колку што беше во 1980-тите, кога европската интеграција служеше како одбрана против Советскиот Сојуз. За повеќето Европејци, членството во ЕУ сѐ уште значи нешто. Но исходот на изборите, исто така, сигнализира желба за промени. Многу граѓани ги напуштија традиционалните партии, а значителен дел од нив го направија тоа од страв. Како и политичарите на национално ниво, новите лидери на ЕУ ќе мора да одговорат на гласачите што имаат длабоки несигурности во врска со нивната иднина и иднината на нивните деца. Европејците се разбирливо загрижени за судирите меѓу големите сили, новите безбедносни закани и технолошката револуција, што се заканува да надмине цели економски системи и општества. ЕУ, која соработува со владите на земјите-членки, ќе треба да одговори на овие предизвици со амбиции и решителност. Европскиот совет веќе подготви стратегиска агенда за 2019-2024 година, а сега топката е префрлена кај Европскиот парламент. По изборите во мај, европратениците од четирите умерени партиски групи преговараат за заедничка програма за приоритети во политиката. Со други зборови, тие ја нагласуваат суштината над кадровските решенија. Без разлика кој ќе ги пополни највисоките лидерски позиции, Европскиот парламент ќе има заедничка платформа. Наспроти заобиколувањето на процесот на водечки кандидат, оваа иницијатива, како и групата ветувачки кандидати избрани од Советот, укажува на тоа дека ЕУ полека созрева.

Авторката е директорка на Германскиот совет за надворешни односи (ДГАП)