Се заштитуваат делови од Стоби

50

Kонзерваторско-реставраторски проекти се одвиваат на Епископската базилика и на античкиот театар

На одделни делови од археолошкиот локалитет Стоби, со кој управува истоимената национална установа, паралелно се реализираат неколку конзерваторско-реставраторски проекти. Во тек е реализација на проектот за мозаиците од јужниот кораб на Епископската базилика финансиран од Министерството за култура со 500.000.00 денари. Мозаичките сегменти, кои биле извадени од нивната оригинална местополoжба во текот на 1970-тите години, годинава ќе бидат целосно конзервирани и поставени на нови носачи од алуминиумско саќе, додека за идната е предвидено финализирање на реставраторските зафати и враќање и изложување на мозаичките сегменти во нивната оригинална местоположба во базиликата. Со проектот раководи конзерваторот за мозаици, Томе Филов од НУ „Стоби“, а на него учествува меѓународен тим од студенти од неколку универзитети од САД, Канада и од Германија.

Во завршна фаза е и проектот за заштита на крстилницата од Епископската базилика, кој, пак, е финансиран со грант од Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културното наследство во земјава, во висина од 89.000 долари. Со него раководат Мариана Филова и Мишко Тутковски од НУ „Стоби“, со помош на надворешни соработници од Музејот на Македонија и Археолошкиот музеј на Македонија. Конзерваторско-реставраторските работи на камената пластика и на мозаиците од крстилницата треба да бидат комплетирани до крајот на септември.

Истовремено на античкиот театар на локалитетот се реализираат и археолошки доистражувања, конзервација и реставрација. Се открива и дефинира супструкцијата од горната половина од неговото гледалиште, а паралелно се одвиваат и конзерваторските работи на веќе истражените ѕидови и сводови од долната половина на гледалиштето. Целосната конзервација и реставрација на долната половина од гледалиштето треба да биде завршена до ноември, по што, како што информираат од НУ „Стоби“, овој дел од театарот ќе биде подготвен за поставување мермерни седишта.

Археолошките истражувања ги предводи Гоце Павловски, а со конзервацијата на објектот раководи Трајче Нацев од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во проектот учествуваат и студенти од истиот универзитет, како и од археолошкото здружение „Аксиос“ од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Финансиската поддршка за овој проект од Министерството за култура изнесува 1.350.000 денари.