Секој трага по својот свет грал

454

Настани, симболи, алузии

Ковидната 2020 година ги живее последните денови. Светската елементарна светска здравствена непогода со ковид-19 ја направи 2020 најлошата година во првите децении на 21 век. Општо тешка, здравствено неизвесна, економски кризна, семејно сложена, социјално влошена, политички превртлива. Што носи 2021 г.?
Доаѓањето на Нова година секогаш е проследено со желби за среќа, за здравје, за успех, за бериќет, народски што се вели. Тие желби, всушност, одбележуваат потрага по надеж за подобро утре, за поспокоен живот, за лично и за општо добро. И покрај сите премрежиња, несреќи, војни, епидемии, природни катастрофи, таа и таквата потрага трае низ целата историја на човештвото, низ сите историски периоди. Надежите, јавни или потајни, лични или групни, некогаш се остваруваат, некогаш остануваат „пусти желби“ или нерешливи загатки. Но потрагата по нив никогаш не завршува, таа трае од раѓањето до последниот ден. Секој човек си ја бара својата среќа, дали ќе ја најде е друго прашање. Некогаш не зависи ништо од него самиот.
Една од поголемите потраги во светската историја е легендата за светиот грал.

Мистеријата за него трае со столетија, испреплетена со разни приказни, фантазии и измами. Дали е само нечија гола измислица проширена низ Европа или вистински предмет што постои не се знае со сигурност, има само нагаѓања. Легендата написмено првпат е појавена во Британија, во митовите за кралот Артур, 11 века по смртта на Исус. Вгнезден во нестварните пустински предели на Блискиот Исток, преку сините води на Средоземјето и снежните балкански планини тој мит е преселен во англиските митолошки приказни, во дождливите и студени предели на Западна и Северна Европа. И оттогаш повеќе векови тој мит не изгубил ништо од таинствената моќ, ги фасцинира европската јавна и тајна историја, езотерија, религија, книжевност, уметност.
Постои или не постои светиот грал? За време на неколкуте Крстоносни војни, владетелите на тие земји (од Западна Европа) што учествувале во походите за да го зачуваат Христовиот гроб во Ерусалим, во најголем дел биле неписмени, но познати воини и брутални варвари што во име на верата палеле, убивале, силувале, масакрирале, пустошеле. Царевите, кралевите, грофовите, витезите, авантуристите во тоа време имале голема почит кон „свети предмети“ поврзани, пред сѐ, со животот и чудесијата на Исус. Се верувало дека на оној што ќе најде и ќе собере повеќе такви предмети тие ќе му донесат не само богатства туку ќе му дадат извесни тајни способности и голема моќ, моќ на победливост, дури и бесмртност, на вечен живот. Најбарани и најценети биле иверки од крстот на распетието, клинците со кои бил закован, копјето со кое бил прободен, плаштеницата што ја носел, венецот од трње со кој бил „овенчан“ и слично. Но гралот бил на прво место, во него се криеле сите тајни на животот.

Што е светиот грал – предмет или фикција? Според преданието, гралот е чашата (пехарот) од која Исус пиел вино на Тајната (последна) вечера со апостолите и во која е собрана неговата крв исцедена откако бил прободен со копје окован на крстот. Тоа е основната, најраширена и најприфатена верзија, иако и таа виси на конец за докажување. Историчарите, како во многу случаи, се поделени на три струи. Првите ја застапуваат основната верзија. Други велат дека легендата за гралот е збир на стари легенди на Келтите, кои се користени од христијаните за полесно и побрзо ширење на христијанската религија. Трети говорат дека во тие приказни се кријат окултни наследства што се пренесуваат со векови низ тајни друштва, како што биле или се разните групи витези, масоните, илуминатите. Друштвото на черепите и слични мистични организации. Таа легенда најмногу се поврзува со темпларите, таканаречен Ред на сиромашните витези на Исус и на Соломоновиот храм во Ерусалим, најмоќната воена, политичка и финансиска сила во средниот век и најпознатата организација на крстоносците.

Може да се сретне теорија дека гралот не е еден предмет, не е златен пехар опточен со злато и скапоцени камења, ниту пак обична камена чинија, туку скриено богатство ограбено од храмот на еврејскиот цар Соломон, кое витезите темплари го собрале во Ерусалим. Некои тврдат дека е плод на распламтена човечка фантазија, дека не постои како предмет, туку само како легенда што ја раскажувале авантуристи или, пак, е дел од трубадурски фолклорни традиции. Постои и теорија, според која, гралот е измислен од владетелите што преку разни реликвии и суеверија манипулирале со простиот народ, го плашеле со божја моќ за да можат долго да владеат.
Странично од ова, може да се сретнат мислења што ги збунуваат и соблазнуваат верниците. На пример, дека гралот не е ниту чаша, ниту пехар туку зад неговата мистерија се крие жена, поточно Марија Магдалена, следбеничката (љубовница, сопруга) на Исус. Според Светото писмо, Марија Магдалена е единствената личност што е сведок на Исусовото распетие, неговиот погреб и откривањето на празната гробница, а според легендите, таа е и единствената што ги имала запишано тајните што не се откриени во Евангелијата. Учењето на Христијанската црква кажува дека Исус ниту бил женет, ниту имал пород, што од своја страна го објаснува ставот зошто црквата не ги прифаќа легендите за гралот. Не ги прифаќа, но официјално не ги одбива, не се бори против нив, не ги прогласила за ерес.

Во православната источно-византиска религија, која не била опиена и омамена од западните легенди, аналогно име за гралот е зборот „путир“. Прво бил означуван како обична метална чаша, а подоцна се објаснува како „златна или сребрена чаша за вино што им се дава на верниците при земање причест“. Во путирот, (садот) виното ја симболизира крвта Исусова, а трошките леб неговото тело. Направен е, главно, од скапоцени метали (сребро и злато), неговата надворешна фигура е украсена со скапоцени камчиња и со минијатурни икони, зависно од богатството на самата црква и од хиерархијата во неа. И во Македонската православна црква садот се нарекува путир, од грчкиот истозвучен збор. Поконкретно, верниците знаат дека тоа е оној украсен сад од кој свештениците при литургија им даваат причест со лажиче на оние што пристапуваат кон светиот чин на причестувањето.
Потрагата по гралот никогаш не застанала. За разлика од првобитната сурова реалност, денес содржи извесна симболика и порака што се поврзува со објаснувањето дека човештвото можеби треба да има нешто што е историска празнина, што сѐ уште е таинствено и недостижно. Гралот го симболизира животот што цело време можеби е само потрага на нешто што го осмислува неговото постоење, а треба да се стигне до него, да се осознае. Потрага по исполнување на некоја желба што очекуваме да ни се оствари, макар до последните денови од животот, иако тоа нема никогаш да се случи.

Легендите за него ги симболизираат надежта и среќата, две нематеријални нешта што луѓето секогаш ги барале и ќе ги бараат, иако често се случува „гралот“ да е блиску до нас, а да не го гледаме, да не го чувствуваме, да го одминеме, да не го препознаеме, да не го пронајдеме. Секој човек низ животот си има по некој идеал, некој долг сон што сака да стане јаве, секој трага по вистинскиот човек, по својот животен сопатник, по својата сродна душа, секој на свој начин и посветеност си го бара својот „свет грал“. Потрагата по гралот не е потрага по некаква чаша (пехар) или друг вреден предмет, не е потрага по злато и богатство, туку потрага по духовното во човекот, потрага по светлината и бегање од темнината, метафорички кажано.

Накратко кажано, гралот е надеж дека ќе го најдеме ненајденото. Скриеното, а бараното, посакуваното, без оглед дали е тоа предмет, жив човек или само фикција. И не е важно со какво име ќе го викаме, со какво злато ќе го позлатуваме.
Што може да им се посака на луѓето, на читателите, на пријателите, на стари, млади, на жени и мажи, на деца и внуци, како убава желба за Нова година? Па секој да си го најде својот „свет грал“, што и да значи тоа, како и да се нарекува, како и да се вика, како и да изгледа, каде и да се наоѓа. И ако не го најде, да не очајува, потрагата по него трае колку и животот.

[email protected]