Секоја минута се грижам за безбедноста на двата бели носорози

215

Првпат се прави обид да се оплоди со инвитро загрозениот северен бел носорог. Со оглед на тоа што досега се оплодени првите ембриони, сите се надеваме дека има шанси да успее потфатот, вели Мвенда

Секој ден расте бројот на животни што се пред исчезнување. Некои од нас одвреме-навреме ќе слушнат ваква информација, а Џејмс Мвенда, негувател во прифатилиштето „Ол пеџета консерванси“ во Кенија, секојдневно се соочува со овој проблем. Неговата задача е да се грижи за двата последни критично загрозени северни бели носорози. Неговата задача е од клучно значење, бидејќи станува збор за последните единки од овој вид.
Тој од 2013-та бил задолжен за три северни бели носорози, за женките Најин и Фату, и за мажјакот Судан, кој почина минатата година.
– За мене ова е многу повеќе од работа. Тажната смрт на Судан отвори многу прашања. Се прашувам зошто се случува ова, што треба да направиме, какви лекции треба да научиме од оваа загуба – вели Мвенда.
По смртта на Судан, тој се грижи само за Најин и Фату.

Што ве поттикна да се грижите за заштита на дивиот свет?
– Пораснав на планина, во Кенија, и имавме многу конфликти со слоновите. Ни ја јадеа храната, а тоа кај нас предизвикуваше голем гнев. Пораснав со желбата да научам повеќе за овие животни, па, оттука, се роди идејата да станам конзерватор.

Како изгледа еден ваш ден во „Ол пеџета“?
– Будење рано наутро и проверка на девојките, кои се затворени во посебна област поради безбедност. Ја проверувам здравствената состојба во шест наутро. Потоа им го чистиме живеалиштето и секоја минута се грижам за нивната безбедност. Некогаш имаме посетители, па раскажувам за носорозите.

Вие го чувствувате проблемот посилно од сите, бидејќи секој ден се соочувате со болната реалност…
– Ова искуство за мене е едно големо будење. Сега сме сконцентрирани на инвитро-оплодување и сакаме на тој начин да го зачуваме нивниот вид. Ова е емотивно исцрпувачка работа. Секој ден даваме сѐ од себе животните да се чувствуваат среќно. Кога луѓето зборуваат за исчезнување, тоа им изгледа далеку. Но ние овде секој ден се соочуваме со исчезнувањето преку овие животни, тоа емоционално исцрпува. Но на крајот од денот, сепак сме инспирирани да продолжиме.

Што најмногу ве изненадува кај нив?
– Секое животно има различен карактер. Сите реагираат различно во разни ситуации. Помладата женка има сосема поинакви карактеристики од нејзината мајка. Можам да кажам дека чувствуваат оти се последни од нивниот вид. Па, преку нивното однесување ни даваат лекции што ќе ни користат за идните генерации.

Посебно бевте приврзан со Судан. Дали неговата смрт влијаеше на промени во вашиот пристап кон работата?
– Многу бев близок со Судан и неговата смрт беше голем удар за мене. Но на некој начин бев среќен што успеав да дадам сѐ од себе, до самиот крај тој да се чувствува добро и згрижено. Неговата смрт беше и инспирација за мене. Си дадов ветување дека ќе се грижам да зачувам од исчезнување и други видови, пеперутки, дрвја, инсекти… Многу видови исчезнуваат без да бидат забележани. Неговата смрт ми даде сигнал дека мора да се стори нешто, и тоа веднаш.

Работите на вештачко оплодување. Колку е ветувачко ова решение?
– Бидејќи е научен процес, се надеваме дека ќе ги спаси северните бели носорози. Првпат се прави обид со инвитро да се оплоди носорог. И со оглед на тоа што досега се оплодени првите ембриони, се чини дека има шанси да се успее во замислата. Само инвитрото може да го спаси видот. Нашите очекување се големи, позитивни сме и стискаме палци.

Како сите ние можеме да им помогнеме на северните бели носорози?
– Најпрво треба да создадеме свест за нивно зачувување. Треба светот да знае дека се само две единки на планетата, луѓето да дознаат за суровата реалност со која се соочува овој вид. Ние се трудиме да имаат добар живот во резерватот, а и секој што би сакал да придонесе на некој начин може да го посети сајтот на „Ол пеџета“ и да направи разлика. Најпосле, задача на сите нас е да им понудиме подобра иднина и подобро место за живеење на животните, а пред сѐ на загрозените видови.