Свети Климент учеше: „Тргај се од злото и прави добро!“

1107

проф. д-р Кирил Темков

Основните идеи на етиката се долговечни, тие се јавуваат во разни времиња и кај разни народи. Такви се десетте божји заповеди, кои се најраширени морални норми во историјата. Тоа се заповедите: „Не убивај!“, „Не кради!“, „Не мами!“, „Не му одземај ништо на другиот и не посакувај такво нешто!“, „Не зборувај невистини за другиот!“, „Почитувај ги родителите!“, општо земено „Внимавај што правиш!“, како и други слични морални барања. Нив ги почитува секој човек. Тие се основа на човечкиот морал веќе илјадници години. Луѓето ги повторуваат, ги следат и бараат сите да се придржуваат кон нив. Но има такви луѓе што не ги почитуваат основните етички начела. Нив ги сметаат за нелуѓе.

Сепак, моралот не се стекнува автоматски. Несреќната личност, која не е воспитана и која живее опкружена со неморални луѓе, нема сама по себе лесно да дојде до добри морални принципи. Оној што не се сретнува со моралните норми, може да постапува неетички. Затоа се бара да се учи етика и во секој народ има учители на моралот, кои своите блиски ги упатуваат да се издигнат над неетичкото однесување, кое е како кал, односно да живеат според здравите етички норми. Народите ги почитуваат своите морални учители, ги примаат кон срце нивните пораки како своја морална насока.
Најзначајната етичка личност во нашата историја е свети Климент Охридски, кој живеел пред единаесет столетија. Тој голем проповедник и наставник, писател и лекар, истовремено е и наш најголем учител за моралот. Покрај многуте други етички пораки, тој ја искажал и моралната мисла „Тргај се од злото и прави добро!“. Таа етичка порака вреди и денес и треба да стане основно начело на нашата етика, која ќе нè води по вистинскиот етички пат и ќе биде извор на сиот наш морал.

Злото најпрво е насочено кон повредување на луѓето, но тоа ѝ нанесува штета и на самата личност што го сака злото. Зло си прави оној што го прави злото. Злото е сконцентрирано кон уништување, навредување, создавање штета, вознемирување. Со злото се прави нешто што е против луѓето, што ги обеспокојува нив и им донесува несреќа.

Оној што го следи злото има негативни цели. Тој најпрво е алчен, посакува повеќе отколку што му припаѓа секому и нему. Тој не го почитува правото на секого на живот и на своја среќа. Тој не мисли на ближните, нив не ги сака, кон нив не се однесува како кон луѓе. Со ваква насоченост, следејќи го злото, тој постапува неправо, само се стреми кон извршување на своите лоши намери. Тој не ја почитува етиката, тој не сака никого и не внимава што прави. Тој не става огради на своето однесување, избира лоши цели, има грди намери, постапува нечовечно. Може дури и да убие, сигурно постојано некого повредува, а најмногу ужива кога прави несреќа.

Против таквиот живот со зло е упатена пораката на свети Климент. Нормалните луѓе бегаат од злото не само за да избегнат да не им се направи нешто лошо ним. Тие бегаат од злото за да не прават нешто нечовечно. Зрелата личност, вистинскиот човек се препознава според тоа што не го сака злото и што не прави зло. Тој се почитува себеси и ги уважува другите. Нему луѓето му се блиски и тој не ги повредува нив, како што и за себеси посакува само добро и го прави она што му донесува етичко задоволство од своето однесување.

Затоа избегнувањето на злото, како што укажува нашиот најпознат учител свети Климент Охридски, е првата стапка на израснувањето на секоја личност. Тоа е првото нешто што секој мора да го научи, најважното што секој треба да го знае во животот и што мора да го следи на својот човечки пат.