Светител копокровител на Европа

760

СВЕТИ КОНСТАНТИН-КИРИЛ ФИЛОЗОФ (3)

Проф. д-р Илија Велев

По смртта, култот кон св. Кирил почнал да се негува од неговиот брат св. Методиј и од нивните ученици и следбеници. Веројатно извесен духовно-религиозен облик на организирање култ кон него се манифестирал на денот на годишните посмртни помени при посетите на гробот во Рим. Тогаш секоја година на денот од успението Кирилово, папата допуштал св. Методиј и неговите ученици да одржуваат богослужба за неговиот спомен и слава, но секако дека не се создале благопријатни услови и официјално да биде канонизиран за светител. Но исклучително контроверзните политички и духовни околности што настапиле по смртта на св. Методиј во 885 година и по прогонството на нивните ученици од Моравија влијаеле спомените и славата на сесловенските просветители да не бидат вклучени во какви и да е богослужбени или историско-летописни сведоштва од страна на Константинопол или на Рим. Во услови на репресии и на прогонство, Кирилометодиевите ученици не биле во состојба активно да спроведат каков и да е облик на воспоставување светителски култ кон своите учители.

Тоа можеле да го реализираат по нивното прогонство од Моравија и при формирањето на Охридскиот духовен и книжевен центар во Македонија. Преку тамошната поткрепа на изворните идеи од мисионерската дејност на св. Кирил и Методиј, а и посредно, со спонтаното градење и воспоставување култ кон св. Климент Охридски, дефинитивно дошло до официјализирање на нивниот култ преку сите облици на проникнување – сè до богоугодниот чин на светители. Дури до просветителските пројави во поствизантискиот период и до народните будења во преродбата на 19 век култните облици за св. Константин-Кирил главно се манифестирале во диецезата на Охридската архиепископија, за што сведочат постарите зачувани преписи на кратките календарски вести и на житиеписните или на химнографските состави за него во ракописното наследство од Охридската книжевна школа, преку која подоцна биле пренесени и во руската духовна и книжевна традиција. Исто така, и најстарите зачувани негови портрети во фрескоживописите се евидентираат по средновековните храмови од Македонија. Со појавата на славистиката како посебна научна област од 20-тите години на 19 век па наваму се интензивирал и истражувачкиот интерес за неговото дело, при што сесловенското кирилометодиевско просветителство постапно се втемелило во основата на славистичките проучувања. Следствено, и од 1863 година наваму, откако се прославил поводот 1.000 години од словенската писменост, Синодот на Руската православна црква донел одлука секоја година на 11 мај (односно на 24 мај по новиот стил) да се слави општословенски празник на сесловенските просветители како ден на просветата. Дури се конкретизирало празнувањето да се одвива и богослужбено со сеноќно бдеење, литургија и со молебни песнопеења. На тој начин руската црква ја поткрепила сопствената доминација сообразена со духовната и со културно-просветната пансловенската идеја. Сè до денес празнувањето на 24 мај (односно на 11 мај по стар стил) има нагласена актуелност како ден на словенската просвета во сите словенски средини, притоа дури ова празнување веќе со статус на државно го поставува во привидна сенка главниот светителски празник за упокојувањето на св. Константин-Кирил на 27 февруари (односно на 14 февруари по стар стил).

Современите проследувања за сесловенските просветители и христијански рамноапостоли веќе суверено ја истакнуваат кирилометодиевската традиција како наталожен супстрат во општите културноисториски и цивилизациски вредности, од каде што поединечно проникнуваат актуелните традиции на словенските народи (меѓу кои и на македонскиот). Од нивното мисионерско, богословско, книжевно и просветителско дело се инспирира духовната христијанска идеја за екуменското доближување на црквите, а се потсетува и на правата на еднаквоста на јазиците и на културите во современава европоцентристичка идеја. Поради што со апостолско писмо од папата Јован Павле Втори на 31 декември во 1980 година Светиот папски престол во Ватикан ги прогласи св. Константин-Кирил и Методиј заедно со св. Бенедикт за светители копокровители на Европа.

†Вечна слава и спомен за св. Константин-Кирил, сесловенскиот просветител и христијански рамноапостол.


Претсмртна молитва кон Бога

„Господе Боже мој,
ти што си ги створил
сите ангелски редови
и бестелесни сили,
а небото си го разопнал
и земјата си ја основал
и овие нешта си ги довел
од небитието во битие;
кој секогаш ги послушуваш
тие
што ја исполнуваат
твојата волја,
и што се плашат од тебе
и ги чуваат твоите
заповеди!
Послушај ја мојата молитва
и дочувај го твоето
верно стадо
за кое си ме поставил мене,
невреден и недостоен
роб твој.
Избави ги сите од секаква
бозбожна и паганска злоба,
од каков и да е многузборен
и хулен еретички јазик,
кој кажува хула против
тебе!
Погуби ја тријазичката
ерес, и подигни ја црквата
своја множејќи,
и собери ги сите во еден дух,
и направи од нив примерни
луѓе кои мислат
единствено
за вистинитата вера твоја
и за вистинското исповеда
ње, и вдахни во срцата
нивни збор од твојата
наука,зашто тоа е
твојот дар.
Ако си нè примил нас,
недостојни,
за проповедање на
евангелието на твојот
Христос,
тогаш тие што
ревносно прават добри дела
и што прават она што ти
е тебе угодно,
а што си ми ги дал мене,
тебе, како твои, ти ги
предавам:
управувај со нив со
својата моќна десница
и покриј ги со покривот
на твоите крилја,
за да го фалат сите и да
го слават твоето име,
на таткото и синот и
светиот Дух.
Амин“.

Св. Константин-Кирил Филозоф

крај