Самоопределување повторно фрли димна бомба

183

Солзавецот беше активиран кога во собраниската сала влезе пратеникот на Српската листа, Адем Хоџај, со што беше доволно да се изгласа законот за демаркација на граничната линија меѓу Косово и Црна Гора

Седницата на Собранието на Косово на која се расправаше за демкаркацијата со Црна Гора е прекината кога пратениците на Самоопределување повторно фрлија солзавец, по што беше прогласена пауза од страна на претседателот на Собранието, Кадр Весели. Солзавецот беше фрлен на местото каде што седат премиерот и членовите на владата, а собраниската сала беше полна со дим.

Пратениците на Самоопределување го активирале солзавецот во моментот кога во салата влезе пратеникот на Српската листа, Адем Хоџај, со што беа обезбедени условите за изгласување на законот за демаркација на граничната линија меѓу Косово и Црна Гора. Димната направа била фрлена од делот на салата во кој седи лидерот на самоопределување Аљбин Курти.

Косовскиот министер за инфраструктура, Пал Лекај, од Алијансата за иднината на Косово (ААК), изјави дека солзавецот што бил фрлен во салата бил „многу појак од оној што го фрлил тој кога беше во опозиција“.

Остра реакција имаше и од евроамбасадорката Наталија Апостолова, велејќи дека е вчудовидена од „опасните тактики“ на Самоопределување.
– Вознемирена сум од солзавецот во парламентот! Шокирана сум што пратеници од еден парламент во Европа применуваат опасни тактики, кои Косово го враќаат назад – нагласи Апостолова.

Пратениците на Самоопределување и во претходниот парламентарен состав фрлаа солзавец со што ја оневозможија ратификацијата на Договорот за границата. Тогаш на нивна страна беше и ААК на актуелниот премиер Рамуш Харадинај, чии пратеници жестоко се спротивставуваа на договорот потпишан во Виена во август 2015 година.
Седницата на косовскиот парламент на која треба да се ратификува договорот за демаркација на границата со Црна Гора, која беше закажана за 11 часот, почна со задоцнување од 40 минути и веднаш беше дадена пауза.

Во меѓувреме пратеничката група на Српската листа потврди дека нејзините пратеници нема да присуствуваат на вчерашното продолжение на седницата.
Претседателот на косовскиот парламент, Кадри Весели претходно имаше средба со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, по што изјави дека конечно ќе биде заокружено прашањето со демаркацијата, за да не се блокираат перспективите на граѓаните на Косово за визна либерализација и на другите интеграции.
Евроамбасадорката Наталија Апостолова и американскиот амбасадор Грег Делави апелираа до пратениците да го ратификуваат договорот, затоа што тоа е во интерес на косовските граѓани.

Според амбасадорот Делави, неопходна е ратификација на договорот затоа што „Косово нема време за губење“.