Самит без договор

127

Втората средба помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, која се одржа во Виетнам, заврши без договор, откако Пјонгјанг побара целосно укинување на санкциите во замена за денуклеаризација, нешто што САД не се подготвени да го сторат

Самитот помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун заврши без договор, откако САД ги одбија барањата на Северна Кореја за укинување на санкциите.
– Стануваше збор за санкциите. Тие бараа целосно укинување на санкциите, а ние не можеме да го сториме тоа. Некогаш мора да се повлечеш, а ова беше еден таков случај – порача Трамп откако предвреме завршија разговорите со Ким во Виетнам, без да биде постигнат договор.

Зборувајќи на прес-конференцијата во виетнамската престолнина Ханој, шефот на Белата куќа изјави дека нема да има трет самит. Би-би-си пренесува дека оригиналната програма на Белата куќа за самитот предвидувала и церемонија за заедничко потпишување договор, како и работен ручек на двајцата лидери, но плановите беа напуштени по ненадејното прекинување на разговорите.

Според Трамп, севернокорејскиот лидер претставил голема понуда – демонтирање на целиот нуклеарен комплекс Јонгбјон, кој е во центарот на нуклеарната програма на Северна Кореја. Но за возврат Ким побарал укинување на сите санкции против Пјонгјанг, нешто што САД не се подготвени да го сторат.

Трамп исто така сугерираше дека Ким понудил уништување само на Јонгбјон, а не на целата севернокорејска нуклеарна програма. Тој порача дека откако го поставил прашањето за вториот објект за збогатување ураниум, покрај Јонгбјон, делегацијата на Северна Кореја била изненадена од тоа што го знаат САД.

Првиот самит помеѓу двајцата лидери, кој лани во јуни се одржа во Сингапур, беше критикуван дека не даде суштински резултати, само ветувања од Пјонгјанг, што предизвика очекување дека Трамп ќе притисне во Ханој за постигнување договор за денуклеаризација на Северна Кореја. Неуспехот во Ханој ќе се смета за голем удар за Трамп, кој неговото историско приближување со Ким го претставува како голем политички успех.

Сепак, некои сметаат дека одлуката на американскиот претседател да не потпише договор е паметен чекор.

– Од перспектива на Трамп, тоа ќе биде загуба со која можеме да се справиме. Евентуален „лош договор“, со кој ќе дадеше многу, ќе предизвикаше повеќегодишни дебати и голем притисок од американските надворешнополитички елити – оценува Андрер Абрахемиан, севернокорејски експерт при универзитетот „Стенфорд“.

Постои голема нејасност за тоа што подразбираат двете страни под денуклеаризација. Вашингтон претходно порача дека Северна Кореја мора унилатерално да се откаже од целото свое нуклеарно оружје и да ги уништи сите нуклеарни капацитети пред да има какво било олеснување на санкциите. Од друга страна, Ким смета дека денуклеаризацијата треба да биде меѓусебен договор, во согласност со кој САД ќе ги повлечат своите сили од Корејскиот Полуостров.