Саемот на книгата со гостувања и со издавачи од регионот

706

Предвидени се големи саемски попусти до 70 отсто. Саемот се одржува под мотото „30 години читаме со задоволство“

Триесеттото јубилејно издание на Саемот на книгата почнува денеска и ќе трае до 9 мај во ВИП-арената „Борис Трајковски“, каде што ќе се претстават седумдесетина издавачки куќи од Македонија и од регионот (Србија, Црна Гора, Косово, Албанија). Саемот се организира под покровителство на Министерството за култура.
Скопскиот саем како организатор на Саемот на книгата 2018, покрај изложбено-продажниот дел на саемот, ќе адаптира посебен простор во промотивен центар за потребите на издавачките куќи, каде што секој ден ќе се одвиваат настани, промоции, дружби со автори, семинари. Во промотивниот центар ќе бидат доделени и наградите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) и на награди на Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ).

Предвидени се големи саемски попусти до 70 отсто. Саемот се одржува под мотото „30 години читаме со задоволство“.
Утре на програмата во 10.30 часот е промоција на „Гатанки погодувалки- пишувалки“ на Ели Маказлиева, во 14 часот ќе биде претставен романот „Татковата куќа“ и средба со Џорџо Монтефоски, италијански писател, добитник на наградата „стрега“. Во 15 часот ќе има промоција на книгите:
„Пристигнување кон иднината преку нашето чувство“ на Фахри Али, „Маџирски пат – баба и внука во климата на поезијата“ на Сезен Сејфуллах, „Бехич Ибрахим – живот, уметност и дела“ на Селчук Ќуршад Коџа, во 17 часот ќе биде претставена книгата „Еретички писма“ од Стефан Марковски, а од 18 часот романот „Шеесет раскази“ од Дино Буцати.

Во рамките на Саемот на книгата ќе се одржат промоции и на: „Мозаикот на Деби Му“ на Жаклина Мучева, „Автори и дела 5“ од Васил Дрвошанов, „Димитар Илиевски – легенда на македонскиот шах“ од Ненад Баткоски, Љубомир Хаџи-Манев и Димитар Илиевски, „Резби во времето“ од Драган Попоски-Стојнин, „Уметноста на исламот“ од Титиус Буркард, потоа доделување на награди на Македонска асоцијација на издавачи (МАИ), како и мотивациски семинар во организација на издавачката куќа „Три“ со Бруно Шимлеша, Катерина Ангеловска и Илина Ведран.
Ќе има промоција на бестселерот на „Њујорк тајмс“, „Моќта на волјата“ од Рој Баумајстер и Џони Тиерини, на книгата „Црна како абонос“ и гостување на финската писателка Сала Симука, авторка на трилогијата „Снежана“, потоа доделување награди на Здружението на издавачите и книжарите на Македонија. 


Писателката Сала Симука доаѓа во Македонија

Современата финска писателка Сала Симука, авторка на бестселерите за млади „Црвена како крв“, „Бела како снег“ и „Црна како абонос“, го потврди своето доаѓање во Македонија, а љубителите на книгата ги поздрави со посебно видеообраќање на социјалните мрежи.
Нејзините три романи во издание на „Бата прес“ се објавени на македонски јазик, а на 8 мај ќе бидат промовирани во официјалната програма на Скопскиот саем на книгата. Тој ден на штандот на издавачот во ВИП-арената, Сала Симука ќе се сретне со посетителите и на читателите ќе им ги потпишува и посветува своите дела.
Сала Симука (1981) е авторка на романи за млади. Студирала нордиска филологија и книжевност, креативно пишување и родови студии на Универзитетот во Турк. Делата и авторката станаа книжевен феномен веднаш по нивното објавување, а наскоро во Холивуд се очекува според сценарио од овие светски бестселери да биде снимен и игран филм. Делата на Симука се преведени во 52 држави во светот.