Русија сама си пукаше во нога со приемот на Македонија во НАТО

1658

Во македонскиот случај, Москва избра тактика однапред осудена на неуспех, смета Максим Саморуков од московскиот центар „Карнеги“

Максим Саморуков

Во светските медиуми се зборува за најновиот пораз на Русија, со што НАТО му се спротивстави на рускиот отпор и повторно се прошири на Балканот, примајќи ја Македонија во свои редови. Во приказната со среќен крај, од сите 29 членки во НАТО, Грција, со која беа поврзани најголемите проблеми во оваа приказна, симболично прва го потпиша Протоколот за членство на соседот.

Среде ваквата идилична сцена, на Русија не ѝ преостана ништо друго освен да ја одигра улогата на лошата самовила, која од чист инает сакаше да го уништи славењето на сите, но, за жал, не успеа во намерата. Како и во секоја бајка, среќниот крај за Македонија и за НАТО очигледно беше јасен уште од самиот почеток. Русија сепак избра да ја заземе стандардната позиција на негативец.

Овој настан покажува дека конфронтацијата со Западот стана типична карактеристика на Русија без разлика на исходот. Ако постои некаква шанса да се даде причина и доколку треба таа се искористи, дури и по цена да е бесмислена, само ќе ги разлути сите и ќе им наштети на самите руски интереси. Во вистински стил на Достоевски, колку напорите се побезнадежни, толку е посладок самонанесениот пораз. Пред десет години, кога Албанија и Хрватска станаа дел од НАТО без никакво руско мешање, малкумина сметаа дека работите ќе бидат поразлични за Македонија. Русија никогаш немаше некакви посебни интереси или влијанија таму.

Но во 2014 година изби украинската криза, што сериозно им наштети на руските врски со Западот, а следната година избија масовни протести во Македонија против владата на тогашниот премиер Никола Груевски. Случајноста беше доволна за Москва да ја спомене омилената тема за шарени револуции и да ги опише протестите како мешање на странски сили. Фактот што ЕУ со години го величаше Груевски како прозападен реформатор не го обесхрабри руското лидерство, ниту фактот што македонскиот премиер и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ беа силни поддржувачи на членството на државата во НАТО.

Нормално, во случајот со далечната Македонија не стануваше збор за итни заеми или за специјални операции или дури за Груевски да избега во Русија, како што тоа го стори соборениот украински претседател Виктор Јанукович. Но ништо од ова не беше неопходно во тензичната атмосфера поттикната од украинската криза и изборот на Доналд Трамп во САД.

Критичките изјави на руското министерство за надворешни работи, обвинувачките новинарски приказни во државните руски медиуми, сомнителните активности на социјалните медиуми и посетата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов на Кремљ, кој е близок со Груевски, беа доволни за да го убедат Западот дека постои огромно руско мешање во Македонија за да се промени геополитичката ориентација на државата.

По вакво нешто нема враќање назад. Западот се мобилизира да ѝ помогне на новата владејачка коалиција на социјалдемократите и на партиите од албанското малцинство не само да дојдат на власт, туку и да ги покажат придобивките од интеграцијата во НАТО и во ЕУ. Русија, која е алергична на секакво проширување на НАТО, беше принудена да се фокусира на последниот конфликт што ја спречуваше интеграцијата на Македонија во овие два органа, а тоа е спорот за името на Македонија со Грција.
Иако Западот ги вложи сите свои напори да посредува меѓу Грција и Македонија во тој спор, Русија избра тактика што дури ни теоретски немаше шанси за успех. Москва всушност им даде предлог на двете држави ништо да не прават и само да чекаат прашањето да стане помалку чувствително, како да не беа доволни претходните 27 години.

Преспанскиот договор за промена на името на Македонија во Северна Македонија беше потпишан од двете влади на Грција и на Македонија. Сепак, Русија продолжи да го критикува договорот дека е неприфатлив затоа што беше против ставовите на националистите во двете држави.

Всушност има повеќе причини зошто руските критики се издржани, а договорот се постигна само поради силниот притисок од Западот. Договорот доби поддршка од над 90 отсто од гласачите на необврзувачкиот референдум во Македонија, но одзивот беше само 38 отсто наместо потребните 50 отсто за да биде валиден. Содржината на референдумот беше очигледно двосмислена со тоа што не беше спомената промената на името, туку пристапувањето во ЕУ и во НАТО беше ветено во замена за прифаќање на договорот. За да се добие потребниот број гласови во македонскиот парламент, Владата беше принудена да амнестира опозициски политичари обвинети за настаните од 27 април 2017 година. Задачата му падна на претседателот на парламентот, кој требаше да го потпише Законот за измени на Уставот за преименување на држава, откако претседателот Иванов одби да го потпише.

Македонија е парламентарна република, па на крајот беа испочитувани сите норми, но процесот не изгледаше како на реално помирување меѓу двете нации. Дури и во Грција, каде што беше доволно мало парламентарното мнозинството за да се ратификува договорот, гласањето ја распадна владејачката коалиција.

Меѓу сите компликации, спогодбата можеше многупати да пропадне и да исчезне од листата на приоритети на Западот да не беа тврдоглавите критики на Русија. Претенциозното непријателство на Москва се должеше на тоа дека Западот за секакви проблеми и сплетки во Македонија го обвинуваше Кремљ и реши да не се откажува под никакви околности, затоа што интересите наеднаш се зголемија за малата, периферна, балканска држава наместо да доживее нов геополитички пораз во нарушените односи со Русија, а јасно беше дека токму Русија ја предизвика ваквата состојба.

Згора на тоа не е особено јасно како би изгледал долгорочниот успех за Русија. На Македонија ѝ беше потребен договорот за да го реализира долгогодишниот сон да стане дел од ЕУ и од НАТО, а на Грција ѝ беше потребен договорот за да се заштити од зголеменото турско влијание на северот, во Македонија. Во двата случаја станува збор за приоритети што немаше да исчезнат со режимска промена.

Со тоа што ги поддржуваше противниците на договорот, Москва беше вовлечена во домашните политики на двете држави и застана на страната, која повеќе немаше да има никаква потреба од руска помош откако ќе дојдеше на власт. Политичарите во Грција и во Македонија само требаше да го критикуваат договорот како начин за доаѓање на власт. Новите лидери, пак, со задоволство ѝ ги припишуваат сите неопопуларни одлуки на претходната влада и продолжуваат удобно да седат во нивните фотелји.

Резултатите од руското мешање во македонската спогодба се очајни, Грција протера два руски дипломати, иако не го стори тоа по меѓународниот скандал со труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал.
Македонската влада ја гледа Русија како непријател, додека македонската опозиција нема намера да се ориентира кон Москва и продолжува да го поддржува влезот на Македонија во НАТО. Државата ќе стане дел од Алијансата многу побрзо отколку што се надеваше народот досега.

Сè ова се претвори во уште една причина за незадоволство во и онака нарушените односи меѓу Русија и Западот. Обидот на Русија да му се спротивстави на неизбежното само го забрза неговиот процес, а истовремено таа доживеа уште едно меѓународно понижување и им наштети на своите интереси во регионот.