Русија нуди помош за излез од нуклеарниот ќор-сокак

207
Двајцата лидери велат оти ќе градат посилни билатерални врски

Рускиот претседател Владимир Путин и лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, порачаа дека ќе изградат посилни врски меѓу двете земји на својот прв самит во Владивосток. Путин на состанокот со Ким понуди Русија да помогне во излегувањето од нуклеарниот ќор-сокак со програмата на Северна Кореја.

– Имавме суштинска дискусија. Разговаравме и за ситуацијата на Корејскиот Полуостров – рече Путин по средбата, која Ким ја оцени како „многу значајна“.

Самитот меѓу Путин и Ким доаѓа по неуспешната втора средба меѓу Ким и американскиот претседател Доналд Трамп во февруари во Виетнам. Тој самит заврши без усогласување на различните очекувања за денуклеаризација на Северна Кореја.

Пјонгјанг сега ја гледа Москва како потенцијален сојузник во понатамошните преговори со Вашингтон.

Трговската размена меѓу двете земји лани беше само 34 милиони долари. Русија, како и Кина, е против западните санкции против Северна Кореја, но сака Пјонгјанг постепено да се откаже од нуклеарната програма. Русија, исто како и другите светски сили, сака пристап до неискористените богатства со ретки метали на Северна Кореја, кои се проценуваат како најголеми во светот.

Инаку, Ким го повтори патешествието на својот татко Ким Јонг-ил, кој во 2002 година се сретна со Путин во Владивосток. Путин претходно во 2000 година, во првите месеци од својот мандат, отпатува во Северна Кореја и стана првиот руски претседател што ја посетил изолираната држава.