Русите не можат да победат, Австријците не знаат за пораз!

82

Домаќинот на Светското фудбалско првенство (СП) Русија, ни на шестата пријателска средба во низа не успеа да забележи победа. Напротив, повторно загуби!
Во рамките на подготовките за претстојниот Мундијал, репрезентацијата на Русија одигра и натпревар против Австрија, кој го загуби со 0-1. На тој начин избраниците на селекторот Станислав Черчешов го доживеаја и четвртиот неуспех во шесте последни натпревари, а трет во низа.

По Бразил и по Франција, подобра на стадионот „Тиволи“ во австрискиот град Инзбрук, беше и соодветната репрезентација на Австрија. Решавачкиот погодок го постигна Алесандро Шопф.
За разлика од Русите, пак, селекцијата на Австрија има шест триумфи во низа, од кои два се во квалификациите за СП против Србија и Молдавија. Австријците до почетокот на Мундијалот, на кој, како што е познато, нема да настапат, ќе им спарингуваат уште на Германија (2 јуни) и на Бразил (10 јуни).
Русите, пак, ги чека само уште еден контролен дуел и тоа против Турција во Москва (5 јуни). На СП Русија е во групата А, а конкуренти ѝ се селекциите на Саудиска Арабија, Египет и на Уругвај.