Руините како споменици на нашата неефикасност

1230

Додека на странците во Битола им се нудат низа поволности и бенефиции да инвестираат кај нас, на домашните инвеститори не само што не им се даваат поволности при реализирањето на нивните инвестиции туку многумина од нив наидуваат на огромни пречки, па мораат со години да чекаат да завршат нивните административни или судски спорови за да почнат да градат

Кога во далечната 2002 година го купив хотелот „Македонија“, кој беше во состав на УТП „Македонија“, не за мали пари во тоа време, да ми речеше некој дека и по 17 години не ќе можам да почнам со негова реконструкција и изградба, ќе помислев дека е луд човек. Но сега, по изминати цели 17 години, мене ми доаѓа буквално да полудам од сето тоа што во овие години го доживеав со пречките на кои наидов во намерата за реновирање на хотелот. Цели 17 години се влечкам по судовите, но, за жал, досега спорот не е решен. Според тоа како се одвиваат работите, прашање е дали и кога ќе биде решен, вели сопственикот на хотелот „Македонија“, познатиот битолски бизнисмен Трајче Масалковски, кој, иако изминаа 17 години, откако го купи хотелот и има изработен и платен проект за изградба на нов хотел, по сите светски стандарди, сепак сѐ уште не може да почне да гради.

Неговиот судски спор е за „спорни“ 30 м2, кои во текот на маратонската судска постапка, која сѐ уште е во тек, другата страна успеа да ги приватизира, по што не му дозволува на сопственикот на хотелот „Македонија“ да ја заокружи својата градежна парцела и да почне да гради. Со овој случај, кој почна во времето кога премиер на државата беше Љубчо Георгиевски, се запознаени сите премиери и влади, но, за жал, сѐ уште не е решен. Во очекување на судскиот расплет, хотелот „Македонија“, кој се наоѓа во строгиот центар на Битола, на Широк сокак, освен во долниот дел, кој е реновиран за деловни простории, во преостанатиот дел е покриен со огромни рекламни паноа за да не се гледа неговата грдата слика.

Поради ваквите игри околу смешните спорни 30 м2, сопственикот на хотелот „Македонија“ пред неколку години се исели во САД и едноставно си замина од Битола, но, сепак, воден од носталгијата и желбата парите да ги инвестира во реконструкција на хотелот, постојано доаѓа во Битола. Но, наместо да ужива во градот, кој, како што вели, неизмерно го сака, тој времето најчесто го поминува во судските лавиринти, општинските служби и со адвокатите, за решавање на овој маратонски судски спор.
Иако не е иста, сепак и приказната на вториот наш соговорник најдобро зборува на какви маки наидуваат инвеститорите од Битола што купија објекти во центарот на Битола, но кои и по неколку години не можат да ги реализираат своите замисли и да ги реновираат.

Познатиот битолски бизнисмен, Т.А. пред неколку години го купи средношколскиот дом во Битола, кај „Бела чешма“, кој е познат во градот под Пелистер како интернатот. Долго време Т.А. размислуваше дали да го купи објектот, кој беше целосно руиниран и кој, откако во неколку наврати беше запален, стана собиралиште на наркомани и бездомници. Во интернатот се случија и грозоморни убиства, кои ја потресоа не само битолската туку и пошироката јавност. Иако Т.А. долго се спротивставуваше на „советите“ да го купи интернатот, сепак во една пригода, по сугестија на некои негови „блиски советници“, попушти и пред осум години одлучи да го купи интернатот за околу 400.000 евра. Но откако го купи средношколскиот дом почнаа неговите маки и нервози.

Лично мислев дека ако не најдов разбирање со претходната локална власт, ќе најдам со сегашната. Но ништо ни од тоа. Случајот и натаму стои ад акта. Мене државата ми ги зеде 400.000 евра и сега таа држава не ми дава да градам. Буквално, имам чувство дека државата ми ги украде парите, вели Т.А., длабоко разочаран од сето тоа што го доживеа по купувањето на интернатот.

„Го колнам денот кога го купив интернатот. Да знаев дека ова ќе ме снајде, дури и пиштол да ми ставеа на главата немаше да го купам. Сега, откако ги дадов парите, се правам пишман како магаре. Но залудно. Поради нервозите што ги доживеав си го расипав и здравјето, но ништо од тоа. Цели осум години не можам да го решам спорот и да почнам со инвестицијата. Сите си ја префрлаат одговорноста и никој не сака да го реши случајот. Лично мислев дека ако не најдов разбирање со претходната локална власт, ќе најдам со сегашната. Но ништо ни од тоа. Случајот и натаму стои ад акта. Мене државата ми ги зеде 400.000 евра и сега таа држава не ми давам да градам. Буквално, имам чувство дека државата ми ги украде парите, вели Т.А., длабоко разочаран од сето тоа што го доживеа по купувањето на интернатот“.
Денес интернатот, во срцето на Битола, е толку руиниран објект што ни Хичкок не би се осмелил да снима филм на страв и ужас. Целиот објект едноставно претворен во депонија за собирање смет и ѓубре, обраснат е со високи треви и претставува опасност за жителите што живеат во непосредна близина на интернатот. Залудни се и сите нивни апели да се реши овој случај, но засега, и по осум години, од неговата продажба тој не е почнат да се реновира.

Овие два случаи најдобро зборуваат за тоа на какви проблеми наидуваат одредени домашни инвеститори кога ќе се решат своите пари да ги инвестираат во својот град. Додека на странците им се нудат низа поволности и бенефиции да инвестираат кај нас, на домашните инвеститори не само што не им се даваат поволности при реализирањето на нивните инвестиции туку многумина од нив наидуваат на огромни пречки, па мораат со години да чекаат да завршат нивните административни или судски спорови за да почнат да градат. Тоа што, покрај инвеститорите, особено ја иритира битолската јавност е што додека се водат вакви децениски административни или судски спорови, руинираните објекти, кои се во самиот центар на градот, ја нагрдуваат сликата за Битола и претставуваат предмет на вџашеност кај странските туристи кога ќе ги забележат.

Навистина е несфатливо за двата спорни објекти речиси со децении да се водат спорови и да не се решат. За тоа време не само што губат инвеститорите, кои ги затвориле своите пари во купувањето на објектите, туку губи и градот, бидејќи објектите со својата руинираност претставуваат потенцијална опасност за граѓаните од рушење. Токму поради ваквите или слични случаи голем број домашни инвеститори не се решаваат своите пари да ги инвестираат во Битола и ги чуваат под перница.
На ваквите случаи особено се скокотливи домашните иселеници, кои гледајќи низ какви маки поминуваат домашните инвеститори, не ни размислуваат да ги вложат своите пари во државата и кои, покрај многубројните реклами, не се охрабруваат да инвестираат кај нас.