Рохинџите со блокчејн го решаваат проблемот со идентитетот

78

Бегалците-рохинџи сакаат да ја користат блокчејн-технологија за да решат една од најголемите закани за нив – непризнаениот идентитет

Откако со години им одбиваа државјанство во нивната родна земја Мјанмар, муслиманското малцинство изминатата година е цел на брутално насилство од војската, поради што ОН деновиве ја обвинија државата за геноцид. Операцијата за „чистење“ предводена од будистичката војска протера над 700.000 Рохинџи преку границата во Бангладеш без никакви пасоши или лични карти.
Владата на Мјанмар оттогаш се согласи да ги прифати назад Рохинџите, но одбива да им даде државјанство. Многу Рохинџи не сакаат да се вратат назад и да немаат дом или идентитет. Продлабочената криза ги натера Мухамед Нур и неговиот тим да го започнат проектот за Рохинџите во обидот да најдат дигитално решение.

– Зошто централизиран ентитет како една банка или влада да го дефинира мојот идентитет. Кои се тие да кажат кој сум јас – вели Нур, кој е водач на заедницата на Рохинџите во Куала Лумпур.

Со помош на технологија базирана на блокчејн, Нур ја тестира употребата на дигиталните лични карти што треба да им помогнат на Рохинџите во Малезија, Бангладеш и Саудиска Арабија да добијат пристап до услуги во банките и во образованието. Се надеваат дека по успешните тестирања ќе се креира систем што ќе ѝ помогне на заедницата во Југоисточна Азија.

Според планот, блокчејн-базата на податоци треба да чува дигитални податоци од личните карти на поединците, кои ќе можат да им се издаваат на луѓето кога ќе го поминат тестот за утврдување на нивното вистинско потекло од Рохинџите. Целта на Нур е да им даде моќ на Рохинџите да си го вратат идентитетот преку сигурен систем што ќе го прифатат државите во кои живеат, со што ќе им се овозможи пристап до социјални програми, законски права, образование и здравствено осигурување. Во оваа фаза, главната цел на проектот е да го реши најистакнатиот проблем со кој се соочуваат лицата без државјанство, а тоа е финансиското исклучување.

Тимот на Нур е составен од група бегалци и лица без државјанство од разни држави во светот, кои ја користат моќта на блокчејн-технологијата за да го вратат својот идентитет. Концептот на блокчејнот потекнува од дигиталната валута биткоин, кој го следи текот на парите во својот систем преку групирање на трансакциите во блокови долги 10 минути, од кои сите се нераскинливо поврзани со секој претходен блок во низата на трансакции што потекнува од создавањето на валутата.

Поради креирањето и поврзаноста на овие блокови, тие можат да служат како непроменлива база на податоци на сопственост, дури и без да постои централна власт што ќе раководи со целата мрежа. Ваквото својство, односно идејата за децентрализирана, „несигурна“ база на податоци е привлечна за разни употреби покрај електронските пари, со тоа што стартапите што ја користат блокчејн-технологијата сега нудат разни услуги од обработка во облак до виртуелни картички за тргување.

Ова стана популарно кај хуманитарците во изминатите неколку години, со тоа што добротворните организации ја користат технологијата за евтин трансфер на пари и помош за бегалците.

Изводот на родени на Туфик ал Рјула бил уништен во Кувајт за време на првата Заливска војна. По две години поминати во холандски бегалски камп, каде што бил во процес за добивање азил, Ал Рјула запознал над 1.000 други „невидливи“ мажи, жени и деца чии документи за идентификација или биле уништени или невалидни.
Години подоцна, откако самиот имал искуство како централизираното издавање хартиени документи, како што се изводите на родени, возачките дозволи и дипломите, може лесно да се загубат, да се фалсификуваат или злоупотребат, Ал Рјула го основа победничкиот стартап „Тикн“ заедно со Џими Снук. Главната цел на „Тикн“ е да им обезбеди на сите „суверен идентитет“.

Ал Рјула го наведува системот со перфокарти што го користеле нацистите во Втората светска војна за да ги идентификуваат и следат луѓето врз основа на етничката припадност како пример како традиционалните документи за идентификација се злоупотребуваат и се намалува нивната важност.

Снук вели дека додека хартиените документи „можат“ да се фалсификуваат, злоупотребат и загубат, системот со блокчејн-технологијата нуди подобра заштита. Во нивните земји на престој, бегалците и лицата без државјанство честопати живеат на маргините на општеството. Бидејќи немаат можност да работат легално и се принудени да заработуваат кеш на црно во експлоататорските економии, тие се спречени да изградат мрежа на официјални врски што се потребни за да се потврди нивниот идентитет и да отворат банкарска сметка.

Иницијативите базирани на блокчејнот, како што е проектот за Рохинџите, на крајот би можеле да им овозможат на луѓето да изградат мрежа на врски што се потребни за вклучување во современата светска економија и да ги спречат втората и третата генерација „невидливи“ луѓе да паднат во сиромаштија. Тие исто така можат да им овозможат на бегалците да испраќаат пари преку граница, со тоа што ќе ги заобиколат високите банкарски провизии.

Во јорданскиот бегалски камп „Азрак“, Светската програма за храна (ВФП) на ОН користи блокчејн и биометрија за да им помогне на сириските бегалци да купуваат производи со ваучери. Ваквата употреба на технологијата ѝ овозможува на ВФП да ги заобиколи банкарските провизии.
Но Ал Рјула вели дека приватноста сè уште е проблем и дека „технологијата уште се развива, а стартапите и новите технолошки компании не ја применуваат“.

Вклучувањето модерна технологија, како што е блокчејнот, честопати е доволно за да се обезбедат средства, внимание и поддршка што им се потребни на стартапите за да просперираат, без разлика дали ќе остваруваат профит или не. Но компаниите како „Тикн“ сè уште треба да решат многу од истите проблеми како нивните застарени бази на податоци на нивните колеги, од убедување на владите и невладините организации да ги користат нивните услуги првенствено за да најдат начин како да имаат доволно административни трошоци и да ги исплатат вработените, додека истовремено се справуваат со постојаните проблеми на градење најнова платформа.

Хуманитарните иницијативи базирани на блокчејн исто така ќе треба да го имаат предвид проблемот со одговорноста на нивните напори за помош на бегалците и оние што се заглавени во проблемот на немање државјанство. Дилек Генч, докторанд на универзитетот во Единбург, кој ги проучува апликациите за хуманитарна помош и развој што користат блокчејн, вели дека ако хуманитарната заедница и натаму се залага за иновации што го користат мотото на Силициумската долина, „паѓа брзо и често“, и експериментираат со ранлива категорија луѓе, тие во основа ќе се најдат во судир со хуманитарните принципи и нема да ги решат политичките корени на проблемите со кои се соочуваат бегалците.

Употребата на дигиталните лични карти би требало да им помогне на раселените Рохинџи да добијат
пристап до најосновните услуги