Рома верува во ново чудо и против Ливерпул

542
Момент од првиот меч во Ливерпул

Во сенка на овој меч е информацијата дека во Рим се очекува да пристигнат околу 3.500 гостински навивачи и дека хулиганите на Рома планираат напади на англиските навивачи, за што се ангажирани 2.000 полицајци

Можат ли фудбалерите на Рома да го победат Ливерпул со три гола разлика, да го елиминираат и да се пласираат во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ)? Тоа е најчестото прашање што се поставува меѓу фудбалските љубители низ светот, пред возвратниот полуфинален дуел во ЛШ, кој се игра вечерва (20.45 ч.) на стадионот „Олимпико“ во Рим. Ако можеа да ја елиминираа Барселона по поразот од 1-4 на гости, тогаш и вечерва во Рим сите опции се отворени.

Сепак, од Рим стигнуваат други алармантни информации, односно дека римска полиција подготвува најголема акција во најновата историја на овој град. Имено, во Рим се очекуваат да пристигнат околу 3.500 гостински навивачи, а полицијата, пак, има информации дека хулиганите на Рома планираат големи напади на англиските навивачи. Полицијата ги објави местата во градот каде што Англичаните ќе можат сигурно да се движат, додека на другите места таа не ќе може да им ја гарантира сигурноста.

На римските улици ќе бидат распоредени 2.000 полицајци, што е најмногу откако се играат натпревари со висок ризик во Рим. Навивачите на Ливерпул, пак, се предупредени да не истакнуваат знамиња и транспаренти на градските фонтани и споменици, оти тоа може дополнително да ги испровоцира домашните навивачи.
Тензиите станаа многу високи откако една група од 200 најжешки навивачи на Рома, во пресрет на првиот дуел незабележливо стигнала пред стадионот „Енфилд“ и ги нападнала англиските навивачи, од кој еден завршил во болница и сѐ уште е во критична состојба. Притоа напаѓачите биле уапсени.

Ривалството меѓу овие два клуба постои уште од далечната 1984 година, кога токму на „Олимпико“ силите ги одмериле во финалето на Купот на европските шампиони. Дуелот заврши нерешено 1-1, а потоа Ливерпул славеше со 4-2, но по изведувањето на пеналите. Пред и по финалето низ римските улици имало голема навивачка војна, а англиски навивачи го извлекле подебелиот крај.
Како што е познато, на првиот полуфинален дуел минатиот вторник, избраниците на Јирген Клоп славеа со убедливи 5-2, со двата гола на Салах и на Фирминио и еден на Мане, додека за Рома стрелци беа Џеко и Пероти.

Ливерпул сезонава го има најефикасниот напад во ЛШ со 44 гола на 11 средби (ги победи Марибор и Спартак Москва со 7-0, а Порто со 5-0), што е уште еден показател плус, за тоа кој е фаворит за пласман во годинашното финале во ЛШ.
Актуелниот европски првак, пак, Реал Мадрид, кој забележа победа на гости над Баерн во Минхен со 2-1 во првиот полуфинален меч во ЛШ, синоќа го одиграа возвратниот дуел во Мадрид. Ако се пласираа во финалето (се игра во Киев, на 26 мај), тоа за мадриѓаните ќе биде меч за трета титула во низа. Реал е најтрофеен со 12 европски титули и евентуалната синоќешна нова победа, би претставувала рекордна 151-ва во ЛШ.