Родителскиот додаток доволен само за првиот месец на новороденчето

1025

Крајната сметка за првите денови на бебето изнесува од 5.500 до 13.500 динари, но во случај на дополнителна исхрана сумата е многу повисока

Предвидената еднократна финансиска поддршка од државата што родителите во Србија ја добиваат за раѓањето на првото дете, во износ од 100 илјади динари, е доволна за сѐ што е потребно да се купи за новороденчето, покажало истражувањето на порталот „Каматица“, за тоа колку пари се потребни за првите денови од раѓањето на детето. Во пресметките се влезени трошоците за набавка на креветче, комода за преслекување, количка, кадичка за капење, гардероба за новороденчето и други придружни работи. За овие производи цените се различни во зависност од квалитетот и производителот.

Сепак, од изјави на мајки што веќе имале едно дете, произлегува дека ветената еднократна државна помош од 100 илјади динари, која од први јули годинава ќе се доделува за првото дете, е сосема доволно за да се набават наведените работи. Во трошоците околу бебињата влегуваат и работите што се купуваат непосредно пред породувањето. За овие потреби треба да се издвојат од 1.000 до 4.000 динари. По излегувањето од породилиштето потребно е да се купат пелени, влажни марамчиња, сапун, витамини, капи, креми, физиолошки раствор, стерилна газа, јод. Во зависност од марката на производот за сето тоа треба да се издвојат од 3.000 до 5.000 динари. Месечните трошоци растат поради неколкукратните набавки на пелени. Значителна ставка за новите родители претставува исхраната на бебето. Доколку мајката има доволно млеко трошоците за исхрана се помали.

Во спротивно, во месечниот трошок влегува и адаптираната млечна храна за новороденчето. Цените за храната се движат од 500 до 1.600 динари. Едно пакување е доволно за една недела, што значи за четири кутии адаптирано млеко треба да се плати од 2.000 до 6.4000 динари. Крајната сметка за првите денови на бебето изнесува од 5.500 до 13.500 динари, но во случај на дополнителна исхрана сумата е многу повисока. – За најголемиот број нови родители, зголемениот износ од државата ќе биде доволен да се покријат речиси сите месечни трошоци за едно бебе, но за наредните месеци оваа сума не е ни приближно доволна – се заклучува во текстот на порталот „Каматица“.

Пред воведувањето на новите мерки за поттикнување на раѓањето прво дете од државата се добиваше месечно по 5.000 динари до навршување на втората година од животот. Со новите измени од 2018 година мајките ќе добиваат по 10.000 динари месечно во траење од две години. Родителите што ќе добијат трето дете од државата ќе добиваат финансиска поддршка по 12.000 динари месечно во текот на десет години, а за четврто дете 18.000 динари месечно, исто така во период од десет години. Барањето за остварување права на родителски додаток може да се поднесе најдоцна до навршени шест месеци старост на детето. Периодот за чекање на првата исплата е предвидено за еден месец, но во практиката тоа време е подолго. Мајките што се породиле во почетокот на февруари, за прва исплата можат да сметаат во текот на јуни, пишува „Каматица“.