Робот од 800 долари ќе ви ги здипли алиштата

274

Дали сте посакувале машина што би можела да ги испере и да ги здипли вашите алишта? Доколку ова ви звучи како одлична идеја, тогаш за вас е направата наречена Фолдимејт

Фолдимејт е робот што автоматски ги дипли алиштата. Идејата и замислата за создавање ваков уред се овозможени од истоимената американско-израелска компанија. Способноста на роботот е со голема ефикасност. Една голема кошница со алишта што собира околу 40 парчиња облека може автоматски да биде здиплена во рок од околу четири минути. Фолдимејт е голем околу две третини од големината на една просечна машина за перење. Уредот работи на едноставен начин, ја повлекува облеката внатре, а серија ролери што се движат нагоре, надолу и странично ја исправуваат и ја здиплуваат. При користење на уредот потребно е да се напомене дека пред ставањето на кошулите потребно е да се закопчани. Исто така уредот не може да поднесе големи алишта, како што се долги пешкири или XXL кошули.
Цената на Фолдимејт не е официјално соопштена, но најверојатно овој уред, односно основната варијанта ќе чини меѓу 700 и 850 американски долари, а напредната варијанта со додаток ќе чини дополнителни 200-300 американски долари. Додатокот ќе има функција мазнење на облеката.


Дронови ќе забележуваат насилно однесување во толпи

Автоматизираниот надзор ќе стане сè почеста појава, бидејќи компаниите и истражувачите наоѓаат нови начини како да го користат машинското учење со кое би се овозможило подобро анализирање на видеоснимките во живо. Машинско учење е поткатегорија од вештачката интелигенција во областа на компјутерската наука, која честопати користи статистички техники, кои на компјутерите им даваат способност за автоматско учење без експлицитно програмирање. Овој вид учење овозможува развој на компјутерски програми, кои можат да пристапат до податоци и да ги користат за надградување на нивното искуство. Новиот проект на научници од Велика Британија и од Индија покажува една можна употреба за оваа технологија: идентификување насилно однесување во толпи со помош на дронови опремени со камери.

Во трудот со наслов „Око во небото“, истражувачите го опишуваат нивниот систем. Тој систем е вграден во едноставен дрон, кој чини околу 200 долари, и овозможува пренос на видеоснимки преку мобилна интернет-врска и овозможува анализа во реално време. Алгоритамот што го користи системот е наречен длабоко учење и тој ги анализира и ги проценува позите на луѓето во видеоснимките и ги совпаѓа со позите што истражувачите ги имаат определено како „насилни“. За целите на проектот се вклучени само пет пози: давење, удирање, шутирање, пукање и прободување. Научниците се надеваат дека системи слични на нивните ќе се користат за откривање на криминалот во јавните простори и на големи настани. Главниот истражувач на проектот Амарџот Синг од Универзитетот во Кембриџ изјавил дека за создавање на уредот бил мотивиран од настаните како што беше терористичкиот напад во арената „Манчестер“ во 2017 година. Синг рекол дека таквите напади во иднина би можеле да бидат спречени доколку надзорните камери автоматски може да го препознаат сомнителното однесување кај луѓето, како на пример некој што ја остава својата торба без надзор подолго време.

Сепак, истражувањето треба да се земе со мала доза претпазливост. Синг и неговите колеги известуваат дека нивниот систем работи со прецизност од 94 отсто при идентификувањето насилни појави, но доколку постои појавување на поголем број луѓе во снимката, точноста опаѓа. Кога се надгледуваат 10 лица точноста на појавите опаѓа на 79 отсто.
Во овој момент со вакви бројки не се претставува можноста за реална употреба на уредот во светот. Но, ваквите чекори и активности се потребни. Тие ќе придонесат за создавање на финалната функционална верзија. Со таа цел истражувачите снимаат сопствени видеоклипови во кои се преправаат дека се напаѓаат еден со друг. На тој начин го учат и го подготвуваат системот за употреба во реални ситуации. Синг признава дека ова не е совршен одраз на тоа како системот за надгледување треба да учи, но затоа планира да го тестира за време на два претстојни фестивали во Индија: „Технозион“ и „Спринг Спри“, кои се одржуваат во Нит Врангал.