Роботи ќе им помагаат на спортистите и на гледачите на ЛОИ

11

Идејата на организаторите на ЛОИ е со помош на роботите да ја подобрат организацијата, а на туристите и на гледачите да им го олеснат и разубават престојот во главниот јапонски град

Високата најнапредна технологија и вештачката интелигенција ќе бидат составен дел од 34-те ЛОИ 2020 во Токио. Корпорацискиот и автомобилски гигант „Тојота“, еден од поголемите партнери на Игрите, на спортистите и на функционерите ќе им даде на располагање 3.700 возила, од кои стотици ќе бидат „автономни“, управувани од компјутери. Покрај тоа, „Тојота“ развива и два вида роботи, за „човечка поддршка“ и за „испорака“.

На атлетските натпревари, копјата, кладивата и дисковите од теренот ќе ги собира и ќе ги враќа робот сличен на патнички куфер и со толкава големина. Тој со помош на камери и сензори ќе ја наоѓа најкратката патека до реквизитите, избегнувајќи ги пречките, и ќе им ги враќа на натпреварувачите.

Роботите ќе бидат задолжени да им помагаат и на тешко подвижните лица за полесно и побрзо да стигнат до своите места на олимписките борилишта. Роботите-маскоти, наречени Миратова и Сомеити, на гледачите ќе можат да им доставуваат храна, пијалаци и сувенири. Првпат во историјата на ЛОИ ќе се користат роботи опремени и со технологија за препознавање лица (НЕЦ корпорација), т.н. „неофејс“, поставени на околу 40 места за следење на акредитираните лица, спортисти, функционери, новинари и други за спречување какви било манипулации и за побрза комуникација.

Намерата на „Тојота“ и на организаторите на Игрите е со помош на роботите да ја подобрат организацијата, а на туристите и на гледачите да им го олеснат и разубават престојот во главниот јапонски град.

Медалите, повеќе од 5.000 олимписки и параолимписки, ќе бидат комплетно изработени од рециклирачки материјали. Повеќе од 32 кг злато, 3,5 тони сребро и 2,2 тони бронза ќе бидат извадени од над шест милиони стари мобилни телефони што ги донираа жителите на Јапонија.