Роберт Јанкулоски доби француски орден витез

101

Фотографот Роберт Јанкулоски, долгогодишниот партнер во соработката помеѓу Нормандија и Македонија, деновиве беше одликуван со орденот витез во областа на уметноста и книжевноста, а одликувањето му го врачи амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоније во француската резиденција во Скопје. Јанкулоски го доби одликувањето за својата фотографска креација и истражувачка работа за браќата Манаки и нивната поврзаност со Франција за време на Првата светска војна и потоа. Амбасадорот Тимоније во оваа пригода ја нагласи важноста на работата и делото на Јанкулоски, а фотографот ја истакна големата чест што му е укажана со одликувањето нему и на неговото дело. Роберт Јанкуловски е директор на Македонскиот центар за фотографија и досега како што е посочено во оваа пригода, учествувал на голем број изложби во земјата и во странство.

– Со неуморна работа врз дигитализирањето и обработката на стаклените плочи што се чуваат во подрачното одделение на Државниот архив на Македонија во Битола, Јанкулоски успеа да го заживее фотографското наследство на браќата Манаки, првите кинематографери на Балканот и да ги возобнови подзаборавените спомени од битолскиот регион и Македонскиот фронт, од почетокот на дваесеттиот век.

Непроценлива беше неговата помош кон амбасадата на Франција во текот на одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна. Седумнаесет фотографии од браќата Манаки се постојано изложени во Меморијалниот комплекс на Француските воени гробишта во Битола – потсетија од француската амбасада во земјава.