Велјаноски ги изненади светските прваци во групата двопотези

239
Македонската репрезентацијана СП во Охрид

Во конкуренција на 19 држави, по првиот (од двата) натпреварувачки ден на СП во решавање шаховски проблеми во Охрид, води Полска, пред Русија и Украина, а Македонија е 17-та

Репрезентацијата на Полска води по првиот ден на 42. Светско првенство во решавање шаховски проблеми, кое до сабота, во оргaнизaција на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) и ШК Гамбит Асеко СЕЕ, се одржува во хотелот „Метропол“, во Охрид. Во конкуренција на 19 пријавени држави (присутни се над 30, како и 12 поранешни поединечни светски шампиони), Полска, која е и прв фаворит, има 90 поени, втора е Русија, исто така, со 90, но со послабо време, а трета е Украина со 88,25 поени.

Македонската селекција, во состав Зоран Стојчевски, Емил Ристески, Андреј Велјаноски и Гоце Илковски (како резерва, настапи индивидуално), по првиот круг решавање проблеми, чија тема беа двопотезите. Македонија беше на прагот да направи големо изненадување, со оглед на фактот што имаше втор најдобар збирен резултат во првиот круг, односно решавање двопотези, додека 14-годишниот Велјановски беше поединечно најдобар, така што зад себе остави такви величини како што се светските прваци, Англичаните Џон Нан, Џонатан Местел, Полјакот Пјотр Мурџа, Русинот Андреј Селиванов и многу други, кои, исто така, ги решија дадените двопотези, но имаа послабо време од Ристески. Сепак, македонските проблемисти во понатамошното решавање на трипотезите и на студиите не успеаја да го следат ова високо темпо и на крајот го освоија 17-то место.

Во поединечна конкуренција очигледно ќе се води голема трка за новиот светски првак, а во водство по првиот ден беа дури деветмина проблемисти од шест држави, предводени од актуелниот шампион, Полјакот Мурџа, и неговите сонародници Каспер Пјорун, Александар Миста, Русите Евгениј Викторов, Данила Пвлов, Јапонецот Тадаши Вакашима, Украинецот Алексеј Соловчук, Англичанецот Нан и Германецот Арно Зуде. Најдобропласиран македонски решавач по првиот ден беше Стојчевски, кој во конкуренција на 87 проблемисти со 29,5 поени (од можни 45), беше 45-ти. Велјановски (24 поени) и Ристески (17) беа послабо пласирани.

Главен судија на СП е истакнатиот македонски композитор, решавач и судија во проблемскиот шах Иван Денковски, кој е и претседател на Комисијата за проблемски шах при ШФМ. На СП можат да настапат најмногу по тројца проблемисти за една држава, но се земаат само двата најдобри резултата од секоја селекција.

– Од настапот на македонските проблемисти по првиот натпреварувачки ден, во оваа голема конкуренција, сум задоволен. Имавме солиден настап, а одличен во решавањето на двопотезите и студиите, додека малку потфрливме во трипотезите, поради краткото време за размислување. Особено сум задоволен од нашите млади решавачи, што очигледно претставува уште еден доказ дека пред нив претстои светла иднина, а ова како нивен прв настап и искуство, секако, многу ќе значи за понатамошните настапи и на индивидуален и репрезентативен план. По подолго време, ова е прв репрезентативен настап на Македонија на СП во решавање, а одржаниот шаховски камп, кој го спроведовме, потоа настапот на СП и на ЕП за јуниори, како и турнирот во решавање проблеми во рамките на турнирот „Опен Карпош“, секако дека остави позитивен печат врз младите решавачи. Во иднина очекувам уште подобри резултати – вели Стојчевски.

Вчера на програмата беше вториот ден во решавање шаховски проблеми (помошни матови, самоматови и повеќепотези), по што ќе биде познат новиот екипен и поединечен светски шампион, кој се одржува во рамките на 61. Светски конгрес за шаховска композиција, што претставува најголем годишен светски собир на шаховските проблемисти под покровителство на Светската федерација за шаховска композиција.

Македонија стана членка на Постојаната комисија на ФИДЕ за шаховска композиција во 1996 година. Комисијата се трансформира во Светска федерација за шаховска композиција, организација со придружно членство во ФИДЕ, во 2010 година. Македонија е земја-членка примена под нејзиното уставно имe. 


Џонатан Местел победник во брзопотезно решавање проблеми

Англискиот велемајстор во проблемски шах Џонатан Местел беше најдобар во брзопотезното решавање проблеми, што е придружна активност на ова СП, со освоени 87 поени. Втор е Русинот Днила Пвлов со 84, а трет Србинот Марјан Ковачевиќ со 74 поени. Во конкуренција на 56 пријавени решавачи, Андреј Велјаноски е 45-ти со 18 поени, Иван Денковски 53-ти со 10, а Емил Ристевски освои пет поени. Се решаваа вкупно 30 проблеми, 10 за мат во два потега, 10 помошни матови во два и 10 самоматови во два (се пишува само првиот потег). Времето за решавање на еден проблем изнесуваше 64 секунди, по што на екранот следуваше нов проблем и така до крајот.