Рецептот на Трамп за хаос на Блискиот Исток

280

Одлуката што ја донесе американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече САД од иранскиот нуклеарен договор и да се сврти кон политиката на нови санкции и конфронтација, дополнително ќе ја загрози иднината на Блискиот Исток. Знаците во изминатиот период не се ветувачки.
Одлуката на Трамп не може да се оправда со некакво кршење на договорот од страна на Иран. Туку се работи за навраќање на старата и генерално неуспешна американска политика на конфронтација со Иран. Единствената разлика овој пат е што администрацијата на Трамп се чини дека е решена да оди во војна и подалеку за да ги оствари своите цели.

Ако администрацијата има некакви планови да ја контролира иранската нуклеарна програма без постоењето на нуклеарниот договор, тогаш тие ги чуваат нив во тајност. Судејќи по дел од реториката на администрацијата, ќе се испостави дека се разгледува спроведување воздушни напади против нуклеарните објекти на Иран. Но бомбардирањето само ќе ја одложи иранската нуклеарна програма и нема да ја спречи. Дали Трамп тогаш ќе размислува за голема копнена војна за да ја окупира државата и да го собори режимот? Сите многу добро знаеме како таа стратегија се покажа последниот пат кога ја применија.
Заедничкиот сеопфатен план за акција што го склучија Иран и САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина, заедно со Германија и ЕУ, немаше само цел да ја спречи регионалната трка за нуклеарно вооружување или воената конфронтација, туку исто така имаше намера да биде првиот чекор кон создавање нов, постабилен регионален поредок што ќе го вклучува Иран.

Стариот поредок беше воспоставен со договорот Сајкс-Пико меѓу Велика Британија и Франција од Првата светска војна, со кој генерално се формираа националните граници што и денес постојат во регионот. Еден век подоцна јасно е дека стариот поредок повеќе не важи, со оглед на тоа што повеќе не нуди никаква стабилност.
Наместо тоа, најважните регионални играчи, Израел, Иран, Саудиска Арабија и Турција, се натпреваруваа за влијанието во војната во Сирија и колективно влегоа во безнадежен конфликт за доминација во целиот регион. Поради тоа што ниедна држава не е доволно силна за да ги елиминира или потчини другите, оваа ескалирана војна ветува години, ако не и децении, на војување.

Нестабилноста во регионот води директно од американски предводената инвазија и окупација на Ирак во 2003 година. Со соборувањето на режимот на Садам Хусеин, Иран одеднаш доби шанса да добие еден вид квазихегемонија во регионот, почнувајќи од неговиот сосед со шиитско мнозинство. По низата грешки на Западот во Сирија, Иран можеше да наметне непопречено присуство сѐ до Медитеранот.
Ова е заднината врз која беше договорен иранскиот нуклеарен договор. Тој имаше цел повторно да го интегрира Иран во меѓународниот поредок, со што ќе го охрабреше да има поодговорна улога во регионот. Но одлуката на Трамп ја исклучи таа можност, со што идната улога на Иран во регионот ја стави под прашање. Сепак бидете внимателни, на ваков или онаков начин, Иран ќе остане да важи за составен дел од Блискиот Исток. Државата е стара цивилизација, која не може едноставно да се игнорира или да се стави во подредена позиција, освен ако некој не сака да предизвика поголем хаос.

Откако ја отфрли рамката за да влијае врз Иран со дипломатски и економски средства, единствената алтернатива на администрацијата на Трамп сега е промена на режимот. Очигледно, агресивните политичари од Белата куќа, како што е советникот за национална безбедност Џон Болтон, не ги научија лекциите од американскиот дебакл во Ирак. Со оглед на неуспехот да се воведе стабилност во државата или во Сирија, треба да биде очигледно дека ескалацијата на конфронтацијата со многу поголема држава како Иран не е погоден чекор.
За жал, иранскиот нуклеарен договор најверојатно нема да ги преживее новите американски санкции. Европските фирми нема да го отфрлат поголемиот американски пазар само за да ги одржат врските со Иран. Кога Иран ќе ги загуби своите економски врски со Европа и другите делови од светот, тогаш може да одлучи повторно да ја стартува нуклеарната програма и дури и да се повлече од Договорот за нуклеарно неширење и да ризикува избивање војна.

Покрај тоа, Русија и САД уште повеќе ја нарушуваат забраната на ширење на нуклеарното оружје со тоа што ги модернизираат нивните нуклеарни арсенали. Ако порано нивните лидери зборуваа за заеднички договори за намалување на оружјето и одобрено разоружување, сега тие се повеќе заинтересирани за производство на минијатурни нуклеарни боеви глави што можат да се користат во нападите на бункерите.
Кога двете водечки нуклеарни сили во светот вака се однесуваат, тогаш шансите за нова голема војна на Блискиот Исток стануваат застрашувачки. Сепак, со зголемената вклученост на Русија во Сирија, веќе расте ризикот од судир меѓу руските и западните сили во регионот. Русија сигурно нема да се откаже од новата позиција на сила ако сега му го сврти грбот на Иран.
Ништо од ова не изгледа добро за Европа, која ќе биде директно засегната од ескалацијата на тензиите во регионот, што се должи на геополитичката близина и историските обврски кон Израел. Во тој случај, ЕУ ќе треба да го предводи наоѓањето решение преку преговори што еднакво ги решава хегемонските намери на регионалните играчи и прашањето за контрола на нуклеарните и конвенционалните оружја.

Засега, Европа мора да ја врати улогата на гласот на разумот со тоа што цврсто ќе се држи до идејата за мирна реорганизација на Блискиот Исток, без разлика колку е тешка оваа задача во моментот. Европејците многу добро знаат кои се последиците од бесконечната хегемонска борба. ЕУ беше формирана како одговор на еден век поминат во војна и страдања што ја доведоа Европа на работ на самоуништување. Лекцијата оттогаш беше јасна, а тоа е дека само преку помирување и соработка може да се постигне мирен регионален поредок. Начинот на Трамп, односно хегемонијата, може да доведе само до хаос.