Референдумот низ правно-политички слалом

1290
Фото: Дарко Андоновски

Ден-два пред распишувањето на референдумот, во јавноста постои конфузија од изјави во врска со законитоста за неговото распишување, карактерот на референдумот, постигнувањето на цензусот и формулацијата на референдумското прашање

Иако премиерот Зоран Заев и владејачкото мнозинство во Собранието се во состојба на постојана агилност за да бидат испочитувани роковите за исполнување на обврските преземени со спогодбата од Мала Преспа, се чини дека во текот на викендов сепак нема да биде одржана собраниската седница на која ќе биде распишан референдумот. Државната изборна комисија, како главен предуслов за спроведување на референдумот, беше изгласана во Собранието без никаква дискусија, но давањето заклетва на нејзините членови е одложено за седницата в понеделник, поради приватни обврски во текот на викендов на спикерот Талат Џафери.

Од друга страна, премиерот Заев по лидерската средба самоуверено изјави дека референдумот за спогодбата од Мала Преспа ќе биде распишан, со или без поддршката на опозицијата, но и дека сепак остава простор за иницијатива за средба или разговор од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Како што стојат работите, се наведува дека намерите за распишување референдум парламентарното мнозинство ќе ги реализира в понеделник, на 30 јули, последниот ден од рокот што си го зададе премиерот Заев, за тој да се одржи на 30 септември. Секако, ако работите не се наредат поинаку!

Зошто и ден-два пред распишувањето на референдумот во јавноста постои конфузија од изјави во врска со карактерот на референдумот, постигнувањето на цензусот и формулацијата на референдумското прашање? Очигледно е дека за конечната разврска на овие дилеми, за да биде референдумот легитимен и легален, потребно е да се направи прецизен и брз слалом низ уставните и законските одредби. Дали е можно тоа, а притоа сѐ да биде во согласност со Уставот и законите и без да се повреди процедурата?

Во врска со мандатот на пратениците во Собранието да бараат распишување референдум за промена на името на државата и да одлучуваат за уставните промени, правниците искажуваат голема резервираност.
– Со измените на Уставот што се најавени, се бара ова собрание да го промени името на државата, кое како уставно име не ѝ е дадено со Уставот што ќе биде предмет на измени, туку ѝ е дадено од Уставотворно собрание, кое претставува повисока власт од редовното собрание, какво што е сегашното Собрание на Република Македонија. Поради тоа сметам дека пратениците во ова собрание немаат мандат да го променат уставното име на државата, особено што промената е наметната од друга држава, со договор склучен спротивно на Уставот и законите на Република Македонија и потпишан од неовластено лице, а наречен „историски“. Како граѓанин на оваа држава и како поранешен судија, често кажувам и пишувам дека со непочитување на Уставот и законите не се гради правна држава и нема владеење на правото – укажува поранешната судијка на Врховниот суд, Милојка Калкашлиева.

Фото: Дарко Андоновски

Сепак, најголемите стапици за успешноста на референдумот се наоѓаат во формулацијата на референдумското прашање. Иницијаторите на референдумот и самите се свесни дека без поврзување на прашањето со членството во ЕУ и НАТО, барањето одговор од граѓаните за прифаќање на спогодбата од Нивици е изложено на голем ризик и неизвесност од позитивниот исход. Дури и премиерот Заев во една пригода постави предлог-прашање, каде што главниот акцент е ставен токму на стапување во сојуз со ЕУ и НАТО, а спогодбата од Мала Преспа претставена како „мал услов“ што треба да се исполни. На лидерската средба, опозицијата воопшто не се согласи со идејата за повеќекомпозитно прашање, повикувајќи се на законските и уставните одредби што не дозволуваат да се бара еден одговор за повеќе референдумски прашања. Во сета конфузија околу референдумот, некако се прави превид, или барем не се споменува, дека ако во референдумското прашање се споменува стапување или излегување од сојузи, односно ЕУ и НАТО, се активира членот 120 од Уставот, т.е. ставот 3, според кој за потврден се смета референдумот ако позитивно се изјасниле половина од сите запишани во избирачкиот список, што уште повеќе го компликува предизвикот на цензусот, кој и така е проблематичен.
Очигледно во текот на викендот, иако нема најави за лидерска средба, ќе биде направен уште еден обид за некакво приближување на ставовите во поглед на референдумските предизвици.


Отфрлена идејата за 150.000 потписи

Според членот 20 од Законот за референдум: (1) Референдум на државно ниво распишува Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Собранието). (2) Собранието распишува референдум на државно ниво по сопствена иницијатива и по предлог најмалку на 150.000 граѓани. Со оглед на правните толкувања дека Собранието, односно пратениците немаат мандат да бараат промена на името на државата, на лидерската средба од страна на опозицијата било предложено референдумот да биде распишан по предлог на најмалку 150.000 граѓани. Односно ако поддржувачите на спогодбата од Мала Преспа се убедени во поддршката од граѓаните, да организираат собирање на 150.000 потписи, за предлогот за референдум да има поголем легитимитет, но таквата идеја била отфрлена.