Ретроспективна изложба на Митко Куновски во НЛБ-галерија

323

Ретроспективната ликовна изложба на Митко Куновски е отворена во НЛБ-галерија. Куновски е автор на неколку самостојни изложби, а како долгогодишен член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија учествува речиси на сите изложби во организација на ДЛУМ. Со три самостојни изложби во странство и учество на изложби во Париз и во Софија, како дел од составот на македонски уметници, го остава својот печат и на меѓународната уметничка сцена. Митко Куновски се јавува и како автор на серии цртани емисии за деца што се редовно емитувани на Македонската телевизија.
Васил Тоциновски вели дека авторот се пресоздава себеси во творештвото.

– Застанати пред сликите на Митко Куновски, пред неговите естетски вредности, се откриваат чудесните мигови на осама и копнеж, спокојство и исчекување. Дарбата на уметникот едноставно и мудро ги раздиплува тие мигови како магија од човековата опстојба. Жената како субјект и како возвишено битие е во стожерот, најчесто во големиот формат на сликата. Тој како симбол и метафора на недогледните и недофатени пространства на светот и на животот, ја спротивставува жената – човекот како нивна мисла и смисла. Внатрешниот свет од мекоста и мирот што постојано зрачат и значат од душата и срцето, несетно се претопуваат и се изедначуваат со огромноста на просторот како нивна позлатена рамка. Во тие димензии Митко Куновски во тековите и резултатите на современото македонско сликарство еве и сега се потврдува со сопствениот сликарски ракопис и свет и низ нашата радост на нивното постојано, би рекле, неуморно естетско надраснување – вели Тоциновски.