Рестрикција на содржините на „Струшките вечери на поезијата“

191

Запрашана што како новина може да одвои од годинешното фестивалско издание, Елизабета Шелева, претседателката на управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, укажува дека, за жал, поради намалениот буџет на една третина во споредба со ланското издание на фестивалот, во голема мера е направена рестрикција на дел од содржините

Од 22 до 27 август во Струга ќе се одржат 57-те „Струшки вечери на поезијата“. Според традицијата, манифестацијата треба да почне на 22 август претпладне, со садење дрвце во Паркот на поезијата, во чест на добитникот на највисокото признание „Златен венец“, за 2018 година, полскиот поет Адам Загајевски. Официјалното отворање е вечерта, со палење на фестивалскиот оган и традиционалното читање на Константиновата „Т’га за југ“ пред Домот на поезијата. Потоа следува меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

Запрашана што како новина може да одвои од годинешното фестивалско издание, Елизабета Шелева, претседателката на управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, укажува дека, за жал, поради намалениот буџет од една третина во споредба со ланското издание на фестивалот, во голема мера е направена рестрикција на дел од новите, збогатени и дополнети содржини.

– Надлежностите и просторот за дејствување на актуелниот состав на управниот одбор се битно намалени во споредба со поранешното функционирање на фестивалот, според постојните закони и структурни одредби, кои се во сила од 2008-та, односно од 2015 година, а кои очекуваме да бидат изменети со новиот закон за култура, кој е во процедура. Еден ваков голем и реномиран меѓународен фестивал налага поголемо структурно учество и застапеност на повеќе инстанци, кои би одлучувале како компетентни лица од областа за програмските содржини, за имињата на поканетите гости, како и за изборот на членовите на жиријата, односно на уметничкиот совет – вели Шелева.

Престижната награда „Златен венец“ на Загајевски ќе му биде врачена на затворањето на фестивалот, на традиционалното поетско читање „Мостови“, кога ќе биде доделена и наградата „Мостови на Струга“, која ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ и УНЕСКО за најдобра дебитантска книга, а годинашен добитник е Паули Тапио од Финска, како и наградата „Браќа Миладиновци“, чиј добитник треба да биде објавен во текот на фестивалското издание.

– Изданието на поезијата на Адам Загајевски, добитникот на годинешниот „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, се објавува тројазично, на полски, англиски и македонски јазик, а изборот на песните е негов. Со оглед на тоа што проблематиката на егзилот е тесно поврзана со неговото творештво и неговата поетика, предвидено е да се одржи и мини-симпозиум на тема „Егзил во писмо, писмо во егзил“, на кој ќе настапат и петмина автори од повеќе странски земји со сродна определба, која е актуелна и денес, во време на засилени миграции во светот. Од антологиите за национална литература, за оваа година е предвидено објавување на антологијата на поезијата на Куба, додека во изданието „Плејади“ ќе бидат објавени книги од седум значајни поети од светот – најавува Шелева. Таа посочи и дека и за ова фестивалско издание е предвидено присуство на програмата „Версополис“, поддржана од „Креативна Европа“, а ќе биде одржана и посебна вечер посветена на големиот придонес за фестивалот на починатите истакнати поети и книжевни критичари: академик Матеја Матевски, Лилјана Дирјан и академик Милан Ѓурчинов.

Дел од манифестацијата се и поетските читања, поезијата на пат, симпозиуми, омажи, ноќите без интерпункција… Деталите за годинашното издание дирекцијата на СВП ќе ги соопшти на прес-конференција.