Релаксирачко реми, видеовозбуда надвор од таблата

109

Ништо ново во Лондон. Со реми заврши и четвртата партија од мечот за титулата светски шаховски првак помеѓу бранителот на светскиот трон, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.835 рејтинг-поени) и претендентот, Американецот Фабијано Каруана (2.832). Но, овој пат таа партија траеше најкратко од сите и временски (помалку од три часа) и по бројот на одиграни потези (34), што беше на некој начин и релаксирачки за двајцата и заврши во еднаква позиција со по двата топа и по еден истобоен ловец. Петтата партија се игра денес, а „бел“ e претендентот. Сепак, ново е тоа што првпат беше играна англиска партија. Сега веројатноста за победа или за влез во тајбрејкот малку се зголеми за Каруана.

Многу полемики во шаховската јавност предизвика видеоматеријалот од две минути, кој се појави на јутјуб-каналот продуциран на програмата „Шахот денес“ од страна на ШК Сент Луис (а потоа избришан), од кампот во САД, во кој Каруана се подготвувал за овој меч. Тој содржеше различни активности врзани со шахот, како и лаптоп со отворена датотека на партии. Запрашан да го коментира видеото, Каруана рече дека навистина не би сакал да коментира, а Карлсен, кој обично станува доцна наутро, дофрли дека ќе го разгледа видеото и дури тогаш ќе можел да се смири, што предизвика смеа кај присутните новинари и љубители на шахот. Ако е реално, ова би можело да го наруши планот за игра на тимот на Каруана, откривајќи ги нивните правци во отворањата. Но, може да има негативно влијание и врз шампионот, со тоа што ќе му го одземе вниманието и можеби ќе го насочи во друга насока.