Реконструкција за ефикасност наместо за партиски математики

959
Фото: Игор Бансколиев

Логичното прашање што се поставува при секоја реконструкција на влада е која е целта на таквиот чекор. Во конкретниот случај, прашањето е дали реконструкцијата се прави за да се истуркаат реформите, да се зголеми ефикасноста во работењето на Владата или да се „закрпи“ тенкото парламентарно мнозинство

Иако за реконструкција на Владата се зборува уште од локалните избори минатата година, кога тогашниот министер за здравство Арбен Таравари влезе во трката за градоначалник на Гостивар, а Министерството речиси три месеци беше без министер, според последните информации деновиве постои најсериозна можност за спроведување на реконструктивните намери на премиерот. Она што се пласира во медиумите како информација, наводно бил постигнат договор ДПА и крилото на Беса на Африм Гаши да бидат дел од владината коалиција на СДСМ и ДУИ.

Со најавената реконструкција на Владата се очекува двете партии да добијат по едно министерско место. Беса на Гаши, според неофицијални извори, би требало да го добие Министерството за култура, а ДПА на Тачи – Министерството без ресор. Новите коалициски партии ќе добијат и неколку заменички места, но и директорски позиции. Фракцијата на Беса, предводена од Касами, се откажа од преговорите, затоа што не ја добиле понудата што ја очекувале од премиерот. Ниту од Владата ниту, пак, премиерот Зоран Заев не кријат дека проширувањето на владината коалиција е за да се зголеми парламентарното мнозинство, кое често функционира на работ на кворумот. Но од друга страна она што најмногу ги интересира граѓаните се резултатите и ефектите од работата на владините функционери.

– Реконструкција на влада претпоставува дека треба да значи унапредување на работата на извршната власт и надминување одредени слабости што не дозволуваат да се постигнат предвидените ефекти. Во случајот на актуелните најави за реконструкција на Владата предводена од СДСМ и премиерот Заев, додека таа навистина не се случи можеме да правиме само шпекулации. Имено, со месеци се појавуваат одредени најави за реконструкција. Сепак, како и да биде изведена реконструкцијата, не може да се каже дека тоа ќе биде реконструкција за унапредување на работата на Владата. Овој чекор се презема само за зголемување на владејачкото мнозинство, односно воведување нови коалициски партнери и расчистување со старите, како и рокади на одредени партиски кадри на други позиции – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Уште при формирањето на Владата беше извесно дека тесното парламентарно мнозинство што го има во Собранието ќе претставува проблем во нејзиното функционирање и ефикасноста. Сепак, и покрај таквата состојба со честопати дискутабилното мнозинство на коалицијата СДСМ-ДУИ, тримесечниот бојкот на работата на Собранието од страна на опозицијата, во оваа прва година од мандатот на оваа влада, успеа да го изгласа Законот за употреба на јазиците, кој предизвика големи контроверзии во општеството, но и сѐ уште не е потпишан указот за негово стапување во сила, од страна на претседателот. При гласањето на реформските закони од владиниот план 3-6-9, за кои беше потребно двотретинско мнозинство, беше добиена и поддршката од опозицијата… Тоа придонесе и за добивање безусловена препорака од Европската комисија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Но и во извештајот на Европската комисија, и покрај позитивната препорака, оцените за економските параметри и напредокот на Македонија на тој план беа далеку од пофални.

– Логичното прашање што се поставува при секоја реконструкција на влада е која е целта на таквиот чекор. Во конкретниот случај, прашањето е дали реконструкцијата се прави за да се истуркаат реформите или да се „закрпи“ парламентарно мнозинство до нови избори, било да се редовни во 2020 година, или евентуално вонредни, наредната година со претседателските избори. Од друга страна, со внесувањето на новите коалициски партнери во Владата се отвораат нови предизвици во координирањето на тоа ново парламентарно мнозинство. Евентуално новореконструираната влада би имала 5-6 коалициски партнери, што создава дополнителен притисок за исполнување на нивните услови и барања, што секако ќе ги имаат. Тешко е да се работи со многу партнери, само за тенко парламентарно мнозинство од плус 4-5 пратеници. Таквата коалициска ситуација може да се опише како „купи ден-помини“. Можеби е подобро да се оди на избори за ново парламентарно мнозинство, отколку да се „закрпува“ со реконструкции – размислува политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Кога и како и да се изведе реконструкцијата на Владата и да се состави ново парламентарно мнозинство, колку и да е важна за политичарите бројноста на парламентарното мнозинство, граѓаните сепак очекуваат ефикасност во работењето на извршната власт. За жал, досегашните искуства со владините проветрувања и реконструкции покажуваат дека многу често преовладувале политичките и партиски интереси, па имало и ротација на министри од еден во друг ресор, отколку што се водела грижа за постигнатите резултати во работењето.