Реал – Ливерпул: третпат „комбинирана“ реприза на финале

772

Двата тима ќе се сретнат на 26 мај во Киев, а играа во финалето на поранешниот КЕШ во 1981 година. Досега во мечевите за титулата во КЕШ, а потоа и во ерата на ЛШ, меѓу себе играле само Ајакс и Јувентус (1973 и 1996), односно Ајакс и Милан (1969 и 1995)

Реал Мадрид, бранителот на титулата, најтрофејниот клуб со 12 титули фудбалски првак на Европа, ќе се сретне со Ливерпул, петкратниот шампион, во финалето сезонава на Лигата на шампионите (ЛШ) во Киев, на 26 мај.
Финалниот меч деветта година едноподруго ќе се игра в сабота (порано со децении финалињата се играа во средите) на Олимпискиот стадион (капацитет 63.000 места) во главниот град на Украина, кој беше комплетно реновиран за потребите на Европското првенство (ЕП) во 2012 година и каде што се одигра финалето Шпанија – Италија (4-0). Амбасадор на финалето во Киев ќе биде славниот украински фудбалер, сега селектор, Андриј Шевченко, кој беше првак на Европа со Милан во 2003 година.

Реал во полуфиналната пресметка беше поуспешен од Баерн, со вкупни 4-3, а Ливерпул ја елиминира Рома со 7-6. Тој дуел практично беше решен во првиот меч во Ливерпул што го добија „црвените“ со 5-2, иако Рома беше подобра во реваншот и победи со 4-2. Полуфиналниот двомеч Ливерпул – Рома ќе остане забележан како најефикасен досега (вкупно 13 гола), три повеќе од дуелот Монако – Јувентус во 1998-та, 4-6 (1-4, 3-2).

Ливерпул во годинашната кампања во ЛШ постигна 40 гола (Барселона постигна 45 во 1999/2000, а Реал 41 во 2013/14) или вкупно 46 ако се сметаат тие од квалификациите, од плејоф-дуелот против Хофенхајм, 4-2 и 2-1. Мохамед Салах (10), Роберто Фирмино (10) и Садио Мане (9) од Ливерпул со вкупно 29 гола во една сезона се најефикасното напаѓачко трио во историјата на ЛШ, еден повеќе од „кралското трио“, Кристијано Роналдо, Карим Бензема и Герет Бејл, кои во сезоната 2013/2014 постигнаа 28 гола. Мане стана рекордер во една друга категорија, со деветте гола на првите 10 меча во ЛШ.

Формален домаќин на мечот во Киев ќе биде Реал што значи дека ќе ја избира бојата на дресовите во кои ќе настапи (најверојатно бела). Ливерпул, пак, би требало да биде во традиционалните црвени дресови. Дуелот во Киев ќе биде своевидна реприза на финалето од 1981 во Париз, во тогашниот Куп на европските шампиони (КЕШ), што го доби Ливерпул со 1-0, освојувајќи ја третата европска титула. Претходно во финалињата во КЕШ, а потоа и во ерата на ЛШ, по двапати играле само Ајакс – Јувентус (1973 и 1996), односно Ајакс – Милан (1969 и 1995 година). Реал по рекорден 16-ти пат ќе игра во финалето во најквалитетното клупско европско натпреварување, двојно повеќе од Ливерпул, со осум настапи.

На тренерските клупи ќе бидат Французинот Зинедин Зидан, на Реал, односно Германецот Јирген Клоп на Ливерпул. И додека Зидан се надева дека ќе биде првиот со три титули во низа, Клоп посакува да ја прекине серијата од пет порази едноподруго во финалните дуели (два со Ливерпул, во Лига Европа (ЛЕ) и во англискиот Лига куп во 2016 година и три претходно со Борусија Дортмунд, финалето на ЛШ 2013-та и двапати во германскиот куп, 2014 и 2015-та). Единствениот триумф во финален меч Клоп го забележа во 2012-та, во Купот на Германија.
– Почнавме од квалификациите и еве стигнавме до финалето, одиме во Киев. По малку е неверојатно, но вистина е. Знам дека во наредните дваесетина дена постојано ќе ме потсетуваат дека ги загубив последните пет финалиња, но тоа не ме загрижува. Прво треба да се стигне до финале, тоа го направивме, сега ќе размислуваме за финалето и за тоа како да победиме – изјави Клоп.

По мечот челниците на Рома фрлаа дрва и камења врз главниот судија Дамир Скомина од Словенија. Главната забелешка им беше недосудениот пенал по очигледното играње со рака на Трент Александар-Арнолд што секако немаше да остане неказнето доколку се користеше видеоасистент-судијата (ВАР) што инаку е во употреба во Серија А. Но ако се „танчат работите“ со ВАР, Ливерпул може да каже дека претходно имаше прекршок за пенал на Алесандро Флоренци над Мане во 16-те метри и така во недоглед. Факт е дека Ливерпул беше подобар од Рома во двата меча и заслужено ќе игра во финалето со Реал.