Раси на кучиња што дејствуваат на луѓето како таблети за смирување

557

Секое куче, без разлика на расата, за својот сопственик може да биде како антистрес-терапија, а познато е дека и некои раси дејствуваат на луѓето како таблета за смирување

Дали сте знаеле дека за да се приспособат на соживот, на луѓето и на кучињата им биле потребни повеќе од 30 илјади години? Со текот на времето кучињата го „читале“ човечкото однесување и се приспособувале, а со тоа научиле да ја препознаваат секоја емоција на човекот, на пример дали станува збор за стрес за да можат да дејствуваат смирено на нив. Секое куче, без разлика на расата, за својот сопственик може да биде како антистрес-терапија, а познато е дека и некои раси дејствуваат на луѓето како таблета за смирување.

1. Златен ретривер и лабрадор
Колку златниот ретривер и лабрадор-ретриверот имаат смирувачки ефект врз луѓето, говори и фактот дека овие раси најчесто се користат за терапевтски цели, како кучиња водачи и кучиња трагачи. Тие се екстремно лојални, интелигентни и лесни за тренирање. Ретриверите се најсреќни кога се во друштво на некој човек, тие се вистински пример на тврдењето дека кучето е единственото суштество што повеќе ќе ве сака вас, отколку себе.

2. Боксер
Боксерите важат за пријателски расположени и весели. Тие имаат способност да го расположат својот сопственик во секоја ситуација. Ќе го направат тоа на начин што ќе му се понудат за галење кога ќе почувствуваат дека нивниот сопственик е депресивен или тажен. Боксерите се раса што ги обожава луѓето и за нив е важно само да имаат сопственик што може да им понуди многу љубов, а погодни се и за живеење во стан.

3. Кокер шпаниел
Припадниците на оваа раса обожаваат деца, а познато за нив е и дека многу лесно се поврзуваат со деца со посебни потреби или оние што имаат емоционални проблеми. Дури и нивната долга свилена коса може да дејствува смирувачки. Кокерите се лесни за дресура, многу тешко можат да се исплашат и секогаш се подготвени да го задоволат својот сопственик. Тие, исто така, се толерантни на патувања, па затоа можат да ви бидат одлични придружници кога планирате да одите некаде на одмор, а и може многу лесно да ги водите секаде со себе.

4. Бернардинец
Оваа прекрасна раса беше инспирација за ликот на кучката Дарлинг, дадилката на кучињата во приказната за Петар Пан. Бернардинците особено ги сакаат малите деца, тие исто така имаат висок праг на толеранција и се надарени со голема желба да им угодат на луѓето. Ова е доста паметна раса, заштитнички настроена и одличен избор за семејства со мали деца. Бернардинецот може слободно да се опише како огромна грутка љубов.

5. Јазовичар
Само еден поглед е доволен за овој симпатичен мал веселко и неговото долго тело со кратки ножиња да ни измами насмевка на лицето. Неговата весела природа ќе ве расположи и ќе ве смири дури и по најнапорниот ден. Јазовичарите се заштитнички настроени и имаат голема желба да се галат, тие се цврсто уверени дека се рамноправен член со сите во семејството.

6. Француски булдог
Францускиот булдог претставува минијатурна верзија на англискиот булдог и, како и неговиот роднина, има прекрасен карактер. Ова симпатично кученце сака внимание и ќе ви биде лојален придружник и пријател. По природа се приспособливи и сталожени, па затоа на луѓето може да дејствуваат како „апаурин“.

7. Јоркширски териер
Според приказната, за време на Втората светска војна, докторот Чарлс Мајо со себе го водел својот јоркширски териер секогаш кога одел во посета на повредените поморски офицери. Кучето многу позитивно влијаело врз војниците и им го кревало расположението, па така станало и првото куче што се користело за терапевтски цели. Исто така, се покажало и дека јоркширскиот териер помага многу при секаков вид болки поради неговата способност да создаде силна врска со луѓето.

8. Мопс
Овие мали дебелки кученца се многу шармантни, разиграни, послушни и духовити. Тие сакаат внимание и секогаш ќе ви бидат верен придружник. Мопсовите многу лесно се приврзуваат кон луѓето и бидете сигурни дека ќе имате вистински пријател покрај вас. Кој може да одолее на нивната мала стуткана муцка и на веселата природа.