Рамнотежата на сајбер-моќта

223

САД, Кина и Русија имаат најразвиени сајбер-оружја и затоа се сметаат за сајбер-суперсили на глобалната сцена. Нивните сајбер-капацитети се еднакви со нивните конвенционални воени моќи, како во случајот со САД, или дури и се поефикасни, како во случајот со Кина и со Русија. Други важни актери во глобалниот сајбер-простор се Франција, Индија, Иран, Израел и Северна Кореја

Бидејќи сајбер-војувањето стана стандардно средство на меѓународната политика, важно е да се сфати дека рамнотежата на моќта меѓу големите сили вклучува и сајбер-елементи. Подолу е анализирана рамнотежата на сајбер-моќта. Сајбер-моќта вклучува искористување на компјутерската мрежа (КНЕ), со помош на информациската технологија (ИТ) за шпионирање на туѓата информациска технологија, напади на компјутерските мрежи (КНА) и користење информациска технологија за да оневозможи, наруши или блокира туѓа информациска технологија. Анализирани се капацитетите на важните сајбер-сили, како што се САД, Кина и Русија, кои важат за сајбер-суперсили во современата меѓународна политика. Сајбер-капацитетите на овие држави мора да одговараат, како во случајот на САД, на нивната копнена, воздушна и поморска моќ. Покрај тоа, во случајот на Кина и на Русија, нивната сајбер-моќ е поефикасна од нивните конвенционални капацитети. Иако не се на ниво на трите сајбер-суперсили, постојат и други важни актери во сајбер-просторот, како што се Естонија, Франција, Индија, Иран, Израел и Северна Кореја.

Американската сајбер-моќ

САД и понатаму се лидери во сајбер-капацитетите. Ова не треба да биде изненадување, затоа што тие го измислија Интернет и учествуваа во „неговото креирање“. Притоа, САД имаат долга историја на искористување на компјутерските мрежи и манипулирање со информациската технологија за да ги развијат собирањето разузнавачки материјали и воените цели. Што се однесува до развојот на Интернет, многу клучни технолошки постигнувања и капацитети потекнуваат од САД. Доверливите информации што ги објави во јавност Едвард Сноуден дадоа увид во обемните капацитети на дефанзивните и офанзивните оружја на Америка. Ваквиот широк спектар сајбер-алатки им дава на политичарите стратегиска флексибилност и можности што не ги поседуваа пред сајбер-ерата. Класичен пример за тоа е кога во 2010 година САД и Израел ја развија и спроведоа операцијата „Олимписки игри“, која сега е позната како вирусот „стакснет“. Во познатиот напад беа уништени ирански нуклеарни центрифуги и беше одложен процесот на нивниот нуклеарен развој. Ова беше првиот јавно познат пример на сајбер-напад што предизвика физичка штета. Вирусот „стакснет“ беше само почетокот. Наводно, САД имаат спроведено поголеми мисии за да можат да извршуваат сајбер-напади и да предизвикаат штета во повеќе важни системи во Иран. Треба да очекуваме и да предвидиме дека се развиваат слични капацитети за напади на компјутерски мрежи за да се искористат против непријателите на САД.

Историски гледано, употребата на ново оружје секогаш провоцира одговор. Иако сајбер-капацитетите им дадоа нови можности на политичарите, тие исто така направија негативен преседан во однос на воспоставувањето меѓународни норми за регулирање на употребата на сајбер-оружја.

По 2010 година, агресивноста на американските непријатели само се зголеми во сајбер-просторот. Иако САД ја имаат целокупната предност во сајбер-капацитетите, Кина, Русија и другите држави развија свои и не се двоумат да ги употребат. Со зголемувањето на важноста на вештачката интелигенција и квантните компјутери, треба да се нагласи дека САД не се доминантни во овие области. Во 2017 година, Владимир Путин истакна дека „кој ќе стане лидер во сферата на вештачката интелигенција ќе владее со светот“.

Кина го сфати ова здраво за готово, па дефинитивно ќе следува трка за модерно вооружување во развојот и воената примена на квантните компјутери и вештачката интелигенција.

Кинеската сајбер-моќ

Кина располага со напредни капацитети, но барем досега беше фокусирана на искористување на мрежите наместо мрежни напади. Кинеската немилосрдна употреба на сајбер-шпионажа ги разгневи САД, затоа што во нападите на компјутерските мрежи беа украдени огромни количества податоци што Кина ги искористи да ги усоврши разузнавачките и воените капацитети, како и да ги поттикне својата економија и корпорациите со тоа што им овозможи да си ги намалат трошоците за истражување и развој. Кинезите успеаја да влезат во најнапредните системи за оружје. Нормално, тие особено го насочија своето внимание кон американските компании за одбрана и ги искористија украдените податоци за да ги елиминираат разликите во традиционалните капацитети на оружје. Кина ги помести границите и дури и ги надмина во однос на мрежните упади. Од случувањата што ѝ се познати на јавноста, најзначајно и најпогубно за Америка беше кога Кина во 2015 година упадна во базата на податоци на американската агенција за вработување. Во овој упад беа компромитирани личните податоци на над 20 милиони луѓе, вклучувајќи и многу од разузнавачката сфера.

Треба да се разгледаат два аспекта зошто Кина е насочена кон искористување на мрежите наместо кон нападите. Прво, однесувањето на Кина во сајбер-просторот досега немаше намера да предизвика силна воена реакција од САД. Како резултат на тоа, Кина беше внимателна поради загриженоста од конфликтот да се пренесе од сајбер во реалниот простор. Иако одлуките на Кина да не се впушта во сајбер-напади не треба да бидат сфатени како немање доволно сајбер-можности, сепак нејзините капацитети и сајбер-стратегии имаат одредени ограничувања. Второ, кинеските капацитети и стратегии укажуваат на реакционерски став во однос на САД. Кина сè уште треба да покаже капацитети со кои ќе ги надмине САД. Истовремено, САД не треба да бидат вообразени. Кина издвојува огромни ресурси за да стане доминантна во сајбер-просторот и да ја зачува таа доминација додека тој простор се развива за да можат во него да се користат квантните компјутери и вештачката интелигенција.

Руската сајбер-моќ

Русија располага со извонредни капацитети, кои се целосно развиени и им нудат флексибилност на политичарите, а Русите се доста креативни во влегувањето во различни конфликти. Покрај широките капацитети за искористување на компјутерските мрежи, Русија е повеќе од подготвена да го стави овој метод во центарот на своите заканувачки стратегии. Во зависност од посебното геополитичко опкружување, Русија генерално успешно ги модификува сајбер-нападите за да ги промовира своите интереси во разни ситуации. Во 2007 година, таа направи преседан со тоа што беше првата држава што спроведе сајбер-напад врз друга држава, која во случајот беше Естонија. Овој напад беше обично блокирање на мрежата, што не резултира со значителна штета, но имаше големо влијание врз перцепцијата за заканата од сајбер-оружјето кај Естонија и НАТО. Во војната од 2008 година со Грузија, Москва користеше сајбер-напади како дел од својата воена стратегија. Сајбер-нападите ги прекинаа грузиските комуникации и одиграа голема улога во психолошката операција во воената офанзива. Покрај тоа, обемот на руските сајбер-капацитети беше очигледен во Украина, каде што сајбер-нападите беа пософистицирани и предизвикаа сосема поинаков вид штета. Треба да се споменат неколку големи напади. Првиот беше напад на електричната мрежа во 2015 година, при што стотици илјади корисници останаа без струја. Ова се случи во декември и траеше неколку часа, при што беа загрозени животите на украинските граѓани. Сајбер-нападите исто така предизвикаа бришење многу терабајти податоци, вклучувајќи и важни информации за украинскиот трезор. Познатиот сајбер-напад „Нотпетја“ што предизвика штета од десет милијарди долари, исто така почна како сајбер-напад против Украина. Сето ова ги натера експертите да размислуваат дали Русија ја користи Украина како простор за тестирање и усовршување на капацитетите за напад на компјутерските мрежи.

Повеќето руски сајбер-напади се користеа во нееднаквите конфликти во кои тие доминираа во ескалацијата, што значи дека други држави не можат или немаат иницијатива да го ескалираат конфликтот на повисоко ниво. Типичен пример е кампањата за хакирање на американските претседателски избори од 2016 година, која беше поинаква, во смисла што Русија не доминираше во ескалацијата. Наместо да ги користи своите сајбер-капацитети за да ѝ се закани или да казни послаба држава, таа ги искористи сајбер-капацитетите за да влијае врз американските избори преку исклучителни хакерски вештини за да дојде до политички чувствителни информации и да ги објави на Викиликс. Може да се дебатира за влијанието на сајбер-нападите врз изборните резултати и, во најдобар случај, не е јасна нивната ефикасност, но се знае дека нападите го истакнаа руското користење на сајбер-оружјата за да влијаат врз изборите и несомнено врз други цели. Сето ова беше дел од операцијата за влијание, што е уште еден аспект во нивните тајни акции. Можеби најголемата предност во сајбер-арсеналот на Русија се иновацијата и подготвеноста за извршување сајбер-напади против нејзините непријатели.

Нормално, и Русија има ограничени можности. Америка и Израел имаа искуство со „стакснет“, а кога Русија користеше одредена стратегија, другите непријатели имаа можност подобро да се подготват за нападот. Иако руските сајбер-напади во Украина можат да се сметаат за усовршување на руските сајбер-капацитети, сепак тие му даваат шанса на Западот да ги проучи најновите капацитети на Русија. Кога ќе станат познати одредени капацитети и тактики, полесно е да се подобрат одбранбените капацитети. На пример, руското хакирање на изборите не се покажа ефикасно во холандските, француските, германските или италијанските избори, за разлика од претходните случаи. Конечно, рускиот напад врз Естонија покажува дека употребата на сајбер-оружјата, како и на кинетички оружја, резултира со значајни контрамерки и ја зајакнува одлучноста на жртвата да ја намали изложеноста преку формирање сајбер-одбрана и, уште позначајно, преку мобилизација на населението во справувањето со заканата.


Иднината на сајбер-оружјата

Со усовршувањето на сајбер-оружјата треба да се процени рамнотежата на сајбер-моќта како главна карактеристика на меѓународната сила. Анализите покажуваат колку големите сили го користат нападот на компјутерските мрежи како механизам за тајни акции и закани. Со релативната леснотија на собирање разузнавачки информации и напади, тешкотиите во одредување на нападот и сторителот, како и ефикасноста на сајбер-војувањето, сајбер-оружјата станаа корисни за донесување одлуки во националната безбедност. Ова покажува дека сајбер-просторот и натаму ќе се користи како алатка за собирање податоци, а големите сили ќе ги користат сајбер-оружјата во време на мир, како и во кризи и војни во иднина.