Ракомет, Македонија, гордост, сплотеност

284

Македонија денеска од 15.30 часот го игра првиот меч на СП 2019, против Јапонија, која на Мундијалот ќе игра со покана од ИХФ и која со исландскиот селектор Сигурдсон се подготвува за ЛОИ в година во Токио

Колона возила и автобуси, стотици жолто-црвени знамиња придружени со извиците „Македонија, Македонија“, од утрото се упатија кон скопскиот аеродром да ги пречекаат своите ракометни миленици. Илјадници на достоинствен начин, како што му прилега на еден ваков голем успех, ги дочекаа своите спортски херои. А тие, потоа се упатија да слават на плоштадот „Македонија“, минувајќи под портата „Македонија“. Нешто што веќе е видено.

Ова е сликата што македонската спортска јавност ја виде по Европското првенство (ЕП) во Србија во 2012 година, и која посакува репризно да ја види. Од денеска Македонија игра на 26-то Светско првенство (СП) во Германија и Данска. Повторно ќе стискаме палци на секој натпревар, гласно ќе навиваме, ќе се радуваме на секој гол, на секој триумф, освоен бод, со кој ќе бидеме чекор поблиску и кон втората цел – Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Токио. Македонското срце повторно ќе биде единствено и ќе трепери во победнички ритам со срцата на македонските ракометари, кои ќе бијат спортски битки на жешкиот терен во Минхен, меѓу 24-те селекции.

Велат дека на младите останува светот. А токму таков е составот на селекторот Раул Гонзалес, млад, талентиран, полетен, енергичен, упорен, амбициозен, храбар, горд, оптимистички, кој ќе се обиде да ги наполни срцата и душите на македонскиот народ со нова успешно испишана спортска страница, со која барем во овој турбулентен период за миг ќе заборавиме на политиката, поделбите, кавгите… Неизбежно се поставува прашањето дали може да се повтори нов голем успех, но сега под диригентска палка на Шпанецот Раул Гонзалес, кој во 2016 година го однесе Вардар на ракометниот врв на Европа, а Македонија на ЕП 2018, со што сите нас нѐ направи горди што сме Македонци и покрај фактот што пред ова СП сме рангирани како 11-ти/12-ти фаворити. Секоја победа во групата (Јапонија, Бахреин, Исланд, Хрватска, Шпанија), ќе значи и чекор напред кон замислената цел, но и ново сплотување на македонскиот народ.

Велат дека на младите останува светот. А токму таков е составот на селекторот Раул Гонзалес, млад, талентиран, полетен, енергичен, упорен, амбициозен, храбар, горд, оптимистички, кој ќе се обиде да ги наполни и срцата и душите на македонскиот народ со нова успешно испишана спортска страница, со која барем во овој турбулентен период за миг ќе се заборави на политиката

А за нов ваков успех имаме и очигледно покритие. Доволно е да погледнеме во македонската спортска историја и да се потсетиме на големите успеси, како што беа ЕП во кошарка во Литванија во 2011-та (постигнат е редок успех со четвртото место) или ЕП 2012 во ракомет во Србија (жолто-црвените лавовски стигнаа до историското петто место). Последниот успех и пласман на одбојкарите на ЕП, само ја надградуваат оваа убава спортска приказна на македонскиот репрезентативен спорт. Значи, можеме!

Но, како да стигнеме до нов успех? Само со голема верба во себе, борбеност, инает, скроена тактика, верба во триумф… А новиот успех на македонскиот спорт ќе значи и нова трезвена свест, начин на правилно размислување и однесување, начин на кој се согледуваме како нација, оти репрезентативните победи ќе значат и победи на целиот македонски народ. А колку поддршката од народот биде поголема, толку поставената цел ќе биде поблиска.

Да посакаме повторно ракометарите да нѐ направат горди на нив, на нашата држава. Нивните победи едноставно ќе бидат и победи на македонскиот народ, а Македонија горда и сплотена, со непоколеблив победнички дух и кохезија како држава, со развиорени македонски знамиња и покрај политичките премрежиња, оти секој минат, но и нов спортски успех треба да претставуваат патоказ и за оние што ја водат Македонија низ предизвиците.

А дури потоа ќе ги насочиме нашите погледи кон Токио…
Па, време е!