Ракетните напади не се стратегија за Сирија

737

Сирија најверојатно ќе остане распарчена држава и во наредните години со незаконска влада, која контролира поголем дел, но не и целата територија. Но може да се стави под контрола насилството и да се подобрат условите за живот за барем дел од Сиријците ако САД решат да останат подолго, ако сунитските влади обезбедат војска и пари и ако Русија се убеди да игра поконструктивна улога

Извршениот напад беше совршен и не можеше да даде подобар резултат. Мисијата беше успешна, објави на Твитер американскиот претседател Доналд Трамп само неколку часа откако повеќе од стотина американски, француски и британски крстосувачки ракети погодија три локации во Сирија за кои се веруваше дека се поврзани со производство на хемиско оружје. Мисијата што беше „успешна“ требаше да испрати порака дека користењето хемиски оружја ќе има последици за оние што ги спроведуваат. Идеално, целта на казнените напади како сегашните е да ја спречат сириската влада, како и која било друга влада, повторно да користи хемиски оружја што претставува кршење на Спогодбата за употреба на хемиски оружја.

Далеку е од јасно дали Трамп ја постигна целта за спречување. Помалиот напад од ваков вид што лани беше извршен не успеа да го промени однесувањето на Сирија, а ни најновиот напад нема подобро да се покаже. Она што го постигна владата на Башар ал Асад со хемиското оружје, односно воспоставување контрола врз областите управувани од бунтовниците во Дума и во источна Гута, ја надмина цената што беше платена. Речиси со сигурност сириската влада и во иднина ќе располага со хемиски оружја и скришно ќе произведува дополнителни резерви. Воената акција за спроведување на меѓународните закони против употребата на хемиските оружја е оправдана и добредојдена, како и одлуката за координиран одговор со сојузниците и со заканите за дополнителни напади ако повторно се употреби хемиско оружје.

Важно е да се испратат сигнали дека постои масовно и силно противење на секаква употреба на оружја за масовно уништување. Истовремено, САД вложија огромни напори за да не се вклучат руските и ирански сили во нападите. Ова го намали ризикот од ескалација, но исто така отстрани многу потенцијални цели, ограничувајќи ја цената што ја плати сириската влада за она што го направи. Поради оваа и многу други причини, не треба да се преувеличува постигнувањето на ракетните напади. Сириската влада би можела со право да ја протолкува американската политика на следниов начин: „ќе стоиме настрана и нема да преземеме никакви мерки додека го тероризирате или убивате нашиот народ сè додека не ги употребувате хемиските оружја“. Всушност, така беше во изминатите седум години во кои речиси половина милион Сиријци загинаа и над десет милиони беа принудени да ги напуштат своите домови. Надворешната политика на Трамп не е толку неморална, колку што е аморална. Треба да се нагласи дека ракетните напади немаа цел да ги поткопаат долгорочните планови на режимот на Асад.

Благодарение во голема мера на руската и на иранската поддршка, Асад цврсто е на власт и најверојатно така ќе биде и во скора иднина. Ова не им одговара на многумина, но таква е реалноста. Тогаш каков е ставот на американската политика, како и политиката на француската, британската и на арапските влади што се против Асад? Трамп останува на ставот да ја повлече американската војска (со околу 2.000 војници) од Сирија. Тој беше јасен кога ги најави ракетните напади дека „Америка нема да биде постојано присутна во Сирија по секоја цена и дека додека другите држави го зголемуваат нивното присуство, тие со нетрпение го очекуваат денот кога ќе ги вратат своите воини дома“. Но ако целта е да се избегне создавање ситуација во која Исламската држава (ИД) или други терористички групи ќе се преструктурираат, тој ден нема уште долго да се случи. САД наводно се обидуваат да ги убедат Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Јордан да формираат сунитска сила што ќе воведе ред во областите ослободени од ИД.

Не е јасно дали таквата сила ќе се формира и исто така не е познато дали ќе може сама да функционира со оглед на скромните капацитети и големите заложби на овие држави. Сепак ќе бидат потребни значително американско воено присуство и вклученост. Сегашното присуство на американската војска исто така е неопходно за да се одржи координираноста во сириските курдски сили, кои најмногу се бореа против ИД. Но невозможно ќе биде да се одржува поддршката за Курдите без да се предизвикаат дополнителни проблеми со Турција, која распореди сили во областа за да ја ослаби контролата на Курдите. Всушност ова наложува војската на САД помалку да ги користи турските бази. Трамп не изјави ништо за судбината на внатрешно раселените Сиријци. Америка, која прифати над 10.000 сириски бегалци пред две години, сега ја промени политиката и лани прифати само многу малку од нив. Исто така уште не е решено кој ќе плати и колку за поддршката на сириските бегалци и соседните држави што ги згрижија.

Последното прашање ја опфаќа дипломатијата. Не постои реална надеж за подготвување политичка транзиција во Дамаск, но може да се издејствуваат локални прекини на огнот и да се формираат области во кои сириските граѓани (но не и владините сили) ќе можат да живеат безбедно. Сепак, таквите договори најверојатно ќе бараат вклучување и поддршка од страна на Русија за да се добие согласност од сириската и од иранската влада. Русија во изминатиов период се однесуваше неодговорно, но сепак има шанса да понуди ограничена помош само ако се намали цената за нејзината политика за Сирија. Ниту еден од овие предлози не води до решение. Сирија најверојатно ќе остане распарчена држава и во наредните години со незаконска влада, која контролира поголем дел, но не и целата територија. Но може да се стави под контрола насилството и да се подобрат условите за живот за барем дел од Сиријците ако САД решат да останат подолго, ако сунитските влади обезбедат војска и пари и ако Русија се убеди да игра поконструктивна улога.

Хас е претседател на Советот за надворешни односи и автор на книгата „Светот во хаос“