Различна диоптрија за поголем јаз меѓу САД и Европа

153

Со доаѓањето на Трамп за претседател на САД, Европа станува сѐ помалку релевантна за Америка. И на американските универзитети и во експертските тимови забележлива е растечката незаинтересираност во поглед на европските прашања. А кога е видно забележливо отсуството на квалитетен европско-американски дијалог помеѓу истомисленици, неминовно се поставува прашањето за форматот и воопшто за иднината на Северноатлантскиот сојуз

Повлекувањето на претседателот Доналд Трамп од Иранскиот договор уште еднаш укажа на фактот дека прогресивната Европа е сѐ помалку релевантна во светот. Истовремено, светот на политиката на моќ има сѐ поголемо влијание врз Европа. Во почетокот на нејзиното „создавање“, Конрад Аденауер и Шарл де Гол сакаа да ја изградат Европа како моќен сојуз, кој, со текот на времето, би можел да ѝ се спротивстави дури и на напредната Кина. Сепак, генерацијата на мај 1968 година ги отфрли ваквите „реакционерски“ ставови, засадувајќи го на тој начин и семето на современиот популизам. Како што европските општества ја губат контролата над сопствената судбина, така и чуварите на европскиот проект го губат својот легитимитет.

Стратегиската мисла е недоволно развиена во Европа. Таканаречената „тврда моќ“ и воената сила остануваат надвор од досегот за поголемиот број Европејци. Ова претставува проблем, затоа што степенот до кој Европејците можат да го разберат светот, го одредува и степенот на нивното влијание врз него. САД се соочуваат со релативно назадување и не постои никаква гаранција дека Вашингтон би ја заштитил Европа од подемот на Кина, руската закана или нестабилноста на Блискиот Исток. Европа ќе мора да застане на свои нозе и да преземе одговорност за сопствената судбина. За да го постигне тоа, нејзе ѝ се потребни значителни инвестиции во воените ресурси, но секако и една ренесанса на европската реалистичка мисла.
Од Втората светска војна наваму, САД континуирано инвестираат во развојот на американската реалистичка мисла. Ваквиот реализам се формира како баланс наспроти традиционалниот интернационалистички идеализам на Америка. Иницијативата за тоа прв ја презеде Пентагон.
Во периодот помеѓу 1940 – 1950, военото раководство на САД сфати дека новите, глобални обврски на Америка бараат темелно и реално разбирање на геополитиката и на интернационалната безбедност. Традиционалната американска верба во човековата добрина изгледаше наивно соочена со тоталитарното варварство на Хитлер и на Сталин.

Во ваква констелација на односите, не би било мудро од страна на Европејците да негуваат слепа верба во американската воена и политичка поддршка. Влијанието на американското гледиште за практикување политика веќе сигурно се оддалечува од европскиот интерес

Чудно но вистинито, американската реалистичка мисла првично беше генерално обликувана токму од европските доселеници. Меѓу нив беа Холанѓанецот Николас Спајкман, Германците Ханс Моргентау и Хенри Кисинџер, Полјакот Збигњев Бжежински, Австриецот Хуберт Штраус-Хупи, романскиот Италијанец Едвард Лутвак – сите вредни за читање! Овие Европејци ги научија Американците да го согледаат светот во однос на политичката моќ и воената сила. Политиката на национална безбедност во времето на Студената војна беше значително подучувана токму од нивниот реализам.
Традицијата продолжува. Европејците што изучуваат политика и стратегија на моќта се среќаваат најчесто на „Харвард“, „Јејл“ и „Стенфорд“, а многу поретко на европските универзитети. Во денешно време, европските студенти го преминуваат Атлантикот за да учат од американските институции.

Од 1940-тите наваму, реалистичката мисла е во можност континуирано и слободно да се развива на американските универзитети и во рамките на експертските тимови. Покрај финансирањето од страна на Пентагон и на Стејт департментот, финансискиот темел на оваа интелектуална инфраструктура се обезбедува и преку приватни донатори. Мрежите на научното знаење се навистина импресивни. Научниците од универзитетите и од експертските тимови може да поминат неколку години на важни политички позиции и потоа пак да ѝ се вратат на својата академска кариера.
Европската ситуација е поставена како остра спротивност на американската практика. По Втората светска војна, конзервативните лидери како Конрад Аденауер и Шарл де Гол го постигнаа европскиот идеал за помирување и за интеграција, благодарејќи на нивниот мрачен историски реализам.
Меѓутоа во мај 1968 година, младата повоена генерација се судри со „старомодните“ – ако не и назадни – европски лидери. Како резултат на ова, во Европа се разви едно длабоко вкоренето општествено отфрлање на политиката на моќ и на воените дејства.
Сѐ додека американската воена и нуклеарна сила ја штитеше Европа од меѓународен конфликт, Европејците можеа во голема мера да ги игнорираат геополитиката и стратегијата. Отрезнувачката историска свест за долгата и крвава европска историја полека еродираше. Прогресивните европски универзитети промовираа уште поапстрактни и чисто теоретски анализи на меѓународните конфликти. Во рамките на академската фела, релевантноста на политиката долго време беше целосно занемарувана.

Обидите на европските експертски тимови (тинк-тенкови) за затворање на овој јаз не се премногу успешни. Сериозните експертски тимови во Брисел најчесто се во служба на технократскиот процес на европската соработка. Со оглед на фактот дека тие во голема мера зависат од јавни средства, нивните проекти често се лимитирани поради директивите, кои внимателно и темелно ги следат политички посакуваните ставови.
Актуелните европски елити се под силно влијание на прогресивните идеали. Повеќето европски лидери сѐ уште претпочитаат да ги игнорираат сериозните и напорни геополитички анализи, бидејќи им создаваат чувство на непријатност. Се чини дека европската незаинтересираност за воени издатоци всушност е несаканиот ефект од релативно ограниченото општествено знаење за безбедносната политика. Лондон и Париз претставуваат исклучок, но сепак, највлијателните геополитички и воено-стратегиски согледувања сѐ уште произлегуваат од Вашингтон.

Во недостиг од историски реализам, Европа станува сѐ помалку релевантна за САД. Додека европските лидери често ги слушаат американските стратегиски мислители за објаснувања во врска со светската политика, на американските универзитети и во експертските тимови забележлива е растечката незаинтересираност во поглед на европските прашања. Во отсуство на европско-американски дијалог помеѓу истомисленици, иднината на Северноатлантскиот сојуз е доведена во прашање.
Ако Европа сака да ја обезбеди својата судбина, тогаш ќе мора да го избалансира европскиот со обновениот реализам. Европејците треба одново да ја откријат сопствената форма на практикување политика и на стратегиска анализа. Долгата европска историја обезбедува важна појдовна точка кон таа цел. Европа може многу да научи од тоа како се поттикнува независното стратегиско размислување во САД.
Особено во ова време на „прво Америка“, американскиот и европскиот интерес не се секогаш синхронизирани. Не би било мудро од страна на Европејците да негуваат слепа верба во американската воена и политичка поддршка. Влијанието на американското гледиште за практикување политика не е секогаш во европски интерес.

Во анализата се користени мислењата на Елмар Хелендорн, постдокторанд на програмата за интернационална безбедност на центарот „Харвард и Кенеди“ за наука и за меѓународни односи