Разговори да – преговори не

1556

Во последно време интензивирани се преговорите помеѓу владите на Република Македонија преку премиерот Зоран Заев и Република Грција преку премиерот Алексис Ципрас. Од она што го дознаваме преку медиумите и изјавите на премиерот Заев, Р. Грција има воспоставено црвени линии: државата Република Македонија да го промени името со географска одредница, како додавка и тоа име да биде за севкупна употреба, како меѓународно име и име, кое ќе треба да го прифатиме во државата и секој граѓанин како поединец, име што ќе биде во употреба како ЕРГА ОМНЕС

Македонскиот народ и народностите што живеат во Република Македонија имаат право да бидат запознаени, да знаат, кој во име на Република Македонија преговарал со Република Грција за името на државата во 1995 година и кој сега интензивно преговара. Дали сега и тогаш се легитимирани факторите на власт да водат преговори. За да се водат преговори за суштествени прашања како што се името на државата и народот, потребно е овластување од народот – граѓаните за кои се преговара.
Во 1995 година Република Македонија, како втора страна потпишала Привремена согласност со Република Грција и презела обврски: да го смени знамето, да изврши промени на Уставот и други обврски. Втората страна Р. Грција презела обврски да ја прекине блокадата и да не ја попречува Република Македонија со привремената согласност како Поранешна Југословенска Република Македонија, да се зачленува во меѓународни асоцијации. Блокадата е укината, воспоставени се дипломатски односи. За зачленување во НАТО и во ЕУ, Грција нѐ блокира со вето 25 години.
Во последно време интензивирани се преговорите помеѓу владите на Република Македонија преку премиерот Зоран Заев и Република Грција преку премиерот Алексис Ципрас. Од она што го дознаваме преку медиумите и изјавите на премиерот Заев, Р. Грција има воспоставено црвени линии: државата Република Македонија да го промени името со географска одредница, како додавка и тоа име да биде за севкупна употреба, како меѓународно име и име, кое ќе треба да го прифатиме во државата и секој граѓанин како поединец, име што ќе биде во употреба како ЕРГА ОМНЕС.
Договореното во Привремената согласност и договорите што се водат преку министрите за надворешни работи на двете држави се надвор од правните норми. Не ми е познато како постапила Грција. Знам дека нашата влада и премиерот Зоран Заев немаат легитимно право да водат преговори за името на државата. Тие не се овластени од никого за да водат преговори за името. За да преговараш треба да бидеш овластен од оној за кого преговараш, а тоа се народот, односно граѓаните.
Надлежностите на Владата на Република Македонија се таксативно наведени од Уставот. Владата како носител на извршната власт утврдува политика за извршување на законите, предлага закони и други прописи до Собранието, планирање на просторот, предлага одлуки за резервите, донесува уредби за извршување на прописи, утврдува начела за работа на министерствата, одлучува за признавање држави и влади, воспоставува дипломатски и конзуларни односи со други држави, предлага именување амбасадори, предлага јавен обвинител, врши именување, ги разрешува носителите на јавни функции и врши други работи утврдени со Уставот и со законите.
Многу наши досегашни и сегашни функционери, како што се претседателот на Републиката и претседателот на Владата, не сакаат или немаат време да го прочитаат Уставот. Во членот 119 напишана е уставна одредба, која буквално гласи: „Меѓународните договори, во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија“. Во став 2 е напишано: „Меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија кога тоа е определено со закон“.
При вакви јасни и недвосмислени одредби, се водат преговори со Република Грција од Владата на РМ, а претседателот на државата го моли премиерот да го запознае писмено со преговорите. Едно е јасно, не знаеме кој повеќе го манипулира народот – граѓаните. Дали постои договор помеѓу претседателот и Владата, исто така не знаеме. Дали е донесен закон со кој Владата е овластена да преговара со Република Грција, исто така не е познато, зашто се кријат судбоносни одлуки од јавноста.
Премиерот Зоран Заев најавува дека ќе имало референдум и последниот збор ќе го имале граѓаните со референдумско изјаснување за договорот што тој ќе го потпишел, но не кажува што ќе содржи референдумот. Во Уставот е јасно наведено дека Собранието распишува референдум, односно одлучува дали ќе распише референдум или не за прашање од својата надлежност. За да одлучи Собранието дали ќе има референдум, треба некој од него да бара и да наведе за што ќе се изјаснат граѓаните. Според премиерот, граѓаните треба да се изјаснат за завршена работа, за потпишан и ратификуван договор. Вакво нешто не произлегува од Уставот. Прво нема никаква основа да се понижуваат граѓаните за да се изјаснат дали се Македонци или не. Ако премиерот сакал да преговара со Грција можел да бара овластување од граѓаните дали тие се согласни да се промени името на народот и на државата. Ако добиел такво овластување, тогаш можел да води преговори.
Преку телевизиите и печатените медиуми, ние граѓаните сме информирани дека во грчките медиуми сѐ почесто се пишува и се говори дека територијата Македонија била грчка. Ако се навратиме на историјата, запишана од порано, а не сега, ќе добиеме друг одговор. Македонија никогаш не била грчка територија.
За држава се потребни три основни елементи: територија, народ, историја. Што ќе остане од ова ќе видиме.

(Веле Калчиноски, дипломиран правник од Кичево)