Работодавците се жалат на високите плати кај големите фирми

943

Работниците ни бегаат поради повисоките плати во странските компании, кои од нашата држава долго време се поттикнувани и субвенционирани да инвестираат овде, се жалат помалите работодавци во Зрењанин

Одделни сопственици на фирми во Зрењанин негодуваат поради висината на платите што им се исплатуваат на работниците во германската компанија „Дрекслмајер“ и се жалат да одлевање на нивните работници поради повисоките плати во големите компании што користат државни привилегии.
Претприемачот од Зрењанин, Драган Видаковиќ, кој вработува 170 работници и поседува синџир на трафики и такси-здружение, за РТВ Сантос изјави дека не станува збор само за германската компанија, туку и за сите големи компании и фирми.
– Главно тоа се странски компании што од нашата држава долго време се поттикнувани и субвенционирани да инвестираат овде. Секако, поради ова малите фирми и работодавци се во нерамноправна економска положба на пазарот. Се фаворизираат големите на сметка на малите – изјави тој.

Посебен проблем претставува преминувањето на одреден број работници во „Дрекслмајер“, затоа што тие поставуваат услов работниците да преминат без почитување на отказниот рок.
Будимир Јовановиќ, сопственик на неколку фирми во Србија и во Македонија, смета дека не е примерно некои работодавци од Зрењанин да исплатуваат плати што се од 23.000 до 25.000 динари, затоа што со тие пари не може да се живее во Србија и затоа работниците се принудени да избираат работни места што им овозможуваат подобра заработувачка.

– Работодавците ќе мораат на сметка на својот профит да ги зголемуваат платите на вработените, за да ги задржат во своите фирми. Ние сме познати по тоа што исплаќаме плати над просекот во браншата во која се наоѓаме – вели тој.
Директорот на компанијата „Дрекслмајер“ во Србија, Михаел Вагнер, за телевизијата ја потврди информацијата дека имале повик од неколку компании што дејствуваат на територијата на градот Зрењанин, за тоа дека им се одземаат обучуваните работници.
– Кај нас сите добри, квалитетни и квалификувани работници се добредојдени. Ова е слободен пазар, луѓето можат сами да избираат каде ќе се вработуваат. Секако тие заминуваат таму каде што имаат подобри услови за работа и подобра плата – вели Вагнер.

Неговата компанија во своето дејствување е целосно независна и не добива никакви субвенции од државата од 2012 година. Оттогаш тие го имаат зголемено бројот на вработените. Многу локални работодавци се во заблуда во врска со исплатата на субвенциите, посочува тој. Германската компанија вработува повеќе од 5.000 работници и е еден од најголемите работодавци во регионот. Висината на платите во оваа фирма е деловна тајна, но работниците имаат и обезбеден бесплатен превоз, а платите, кои се над просекот во Зрењанин, се исплатуваат редовно.