Путин се преценува

329

Гледајќи во иднината, ќе биде важно да се запамети дека руската надворешна политика не е мотивирана само од инает и од одмазда, туку и од болната свесност за сопственото губење на моќта. Грчките и македонските лидери чесно и храбро се држат на налетите на руската агресија. Прашањето е дали другите ќе имаат храброст да го сторат истото тоа

Кристофер Хил

Надворешната политика на Кремљ се чини дека сè повеќе се потпира на претпоставката дека сите држави се еднакво корумпирани како Русија на Владимир Путин. Ова јасно се покажа неодамна во наводните напори на Русија да го поткопа договорот меѓу Грција и нејзиниот мал северен сосед, Република Македонија, околу спорот за името. Претпоставувајќи дека Македонците ќе го поддржат референдумот закажан за 30 септември, нивната држава оттогаш ќе се вика Република Северна Македонија.

Не беше лесно да се постигне овој договор. Стариот балкански спор меѓу Грција и Македонија потекнува најмалку од 1991 година, кога Македонија, која тогаш беше една од најсиромашните југословенски републики, прогласи независност и го усвои името Република Македонија. Ова име создаде значајни реални последици за младата држава со 2,1 милиони жители.

Поради тоа што северниот регион на Грција исто така формално е познат како Македонија, двете држави се најдоа во повеќедецениски спор за името. Грција стави вето на напорите на Република Македонија да стане дел од западните алијанси и мултилатералните институции, и покрај тоа што нејзините соседи Бугарија и Албанија веќе се членки на НАТО, а во случајот на Бугарија, таа беше примена и во ЕУ. Државата во ОН во 1993 година беше примена под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“.

Кремљ сега арогантно ги нападна грчките интереси, можеби потценувајќи ја важноста на Преспанскиот договор за грчката влада. Иронијата е што Путин одамна ги критикуваше САД за преголемо мешање и обид да ги наметнат нивните вредности врз другите

Македонското прашање има долга и тешка историја. По распадот на Османлиското Царство и оживувањето на историските и етно-националистичките идентитети на Балканот, Македонија беше поделена меѓу Грција, Бугарија и Србија, а беше потиснат нејзиниот народен идентитет во зародок. За време на војните во Босна и во Косово во 1990-тите, српскиот диктатор Слободан Милошевиќ ги опиша Македонците како „добродушни помали браќа“, кои не знаат каде да се насочат. Слично на тоа, некои Бугари, сè уште повредени од победата на Србите и на Грците за време на Втората балканска војна од 1913 година, ги сметаат Македонците за ништо друго освен за неосвестени Бугари што се заглавени на погрешната страна од конфликтот.

Со оглед на недостигот од дипломатски постигнувања денес, грчко-македонскиот договор склучен на брегот на Преспанско Езеро (кое поделено меѓу Република Македонија, Грција и Албанија), доби огромен позитивен одговор од страна на меѓународната заедница кога беше постигнат на 12 јуни. Националните влади во Европа и во другите делови од светот официјално го поддржаа овој договор и ги охрабрија грчките и македонските противници да му дадат шанса на договорот.

Истото тоа не може да се каже за Кремљ. На 6 јули, Грција соопшти дека имала силни докази дека Русија се обидела да го поткопа Преспанскиот договор со тоа што се обидела да потплати функционери и да се вмеша во внатрешните работи на Грција. Во една остра изјава, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас ја обвини Русија дека финансирала протести во Грција и изјави дека неговата држава нема да биде цел на заплашување. Грција протера двајца руски дипломати што ја натера Русија да ја откаже закажаната посета во Атина на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и да протера грчки дипломати од Москва.

Не е изненадување тоа што и северно од грчката граница беше забележано руско мешање. Според македонскиот премиер Зоран Заев, Русија финансирала антивладини протести и ги притискала рускоориентираните бизниси во Македонија да поттикнат насилство во пресрет на референдумот закажан за 30 септември.

Русија отворено ја искажа својата желба да го ослаби НАТО. Со тоа што е против Преспанскиот договор, таа се надева дека ќе ја спречи Македонија да стане членка на Алијансата. Но дури и под притисок, Русија на Путин нема да признае дека се противи на грчко-македонското затоплување на односите, па дури и нема да се извини што презела активни мерки да се вмеша во внатрешните работи на Македонија и на Грција.

Противењето на Русија за проширувањето на НАТО честопати се објаснува како обид да ги спречи државите, кои претходно биле наклонети кон Советскиот Сојуз, да се здружат со нов геостратегиски партнер. Но Македонија никогаш не беше членка на Варшавскиот пакт ниту беше од клучно значење за руските интереси.

За разлика од тоа, Грција е членка на НАТО од 1952 година, но сепак задржа позитивни врски со Русија на Путин, па дури и го ублажи соопштението на ЕУ против државата поради нејзиниот наводен напад со нервен гас во Велика Британија на почетокот од оваа година.

Кремљ сега арогантно ги нападна грчките интереси, можеби потценувајќи ја важноста на Преспанскиот договор за грчката влада. Иронијата е што Путин одамна ги критикуваше САД за преголемо мешање и обид да ги наметнат нивните вредности врз другите. На Балканот и во други региони, Путин се обиде да се претстави како разумен партнер, кој нема да се сомнева во почитувањето на човековите права или да инсистира да се почитуваат одредени вредности.

Сепак, сега е јасно дека ниеден пријател или непријател не треба да ја толерира руската надворешна политика. Кремљ ја засили својата политика на тајно мешање во политичките процеси на другите држави. Ги следеше и се обиде да убие поранешни членови на безбедносните служби во земјите-членки на НАТО. Исто така очигледно се обиде да наруши тешко постигнат договор меѓу две балкански соседни држави, кои се трудат да ја надминат долгогодишната недоверба.

Гледајќи во иднината, ќе биде важно да се запамети дека руската надворешна политика не е мотивирана само од инает и од одмазда, туку и од болната свесност за сопственото губење на моќта. Грчките и македонските лидери чесно и храбро се држат на налетите на руската агресија. Прашањето е дали другите ќе имаат храброст да го сторат истото тоа.