Пудла, боксер и лабрадор ретривер се совршени за чување во мал стан

269

За лабрадорот ретривер ниту еден човек не е странец и пријателски е расположен кон сите. Голем ентузијаст е за активности како: пливање, трчање по топка, а извонреден партнер е за лица со физички проблеми

Некои кучиња, без разлика дали се мешани или чистокрвни, полесно го поднесуваат животот во стан. Ќе наброиме неколку што се одличен избор за миленик во помал стан.

Кокер шпаниел
Припадниците на оваа раса се познати по тоа што се игриви, нежни, весели. Лесни се за обука, не се плашливи и сакаат да го усреќат својот сопственик. Добро поднесуваат патување, па се одлични и за друштво на одмор. Всушност, можат да ве придружуваат каде и да одите.

Боксер
Овој пријателски расположен пес е подготвен да го насмее својот сопственик во секоја ситуација. Ќе направи сѐ доколку почувствува дека неговиот газда е депресивен или тажен. Боксерот едноставно обожава луѓе и многу му е важно да почувствува дали и неговиот сопственик му ја возвраќа љубовта.

Чау-чау
Поради нивниот изглед многумина ги споредуваат со мечиња, но и покрај симпатичната надворешност овој пес треба внимателно да се одгледа за да се избегне каква било агресивност. Оваа раса обично се врзува за еден или за два члена од семејството, со оглед на тоа што не е многу енергичен, па затоа малиот стан му е одличен за живеење.

Англиски басет
Уште една прекрасна, не премногу активна раса, која е склона длабоко да се поврзе со семејството. Знаат да завиваат доколку се оставени сами дома. И одлично се согласуваат со други видови кучиња.

Лабрадор ретривер
За овие миленици ниту еден човек не е странец. Пријателски е расположен кон сите, а голем ентузијаст е за активности како пливање, трчање по топка, партнер за лица со проблеми.

Пудла
Пудлицата можеби ја бие репутација на пес што многу лае, но нејзиниот карактер е сосема спротивен. Таа е забавна, полна со љубов и секогаш расположена кога е во друштво на своето семејство. Послушна е, љубопитна, а најмногу од сѐ сака да си игра.

Кавалер кинг чарлс шпаниел
Покрај мекото крзно, љубопитниот поглед и неодоливиот изглед на лицето, оваа раса има неверојатна љубов кон луѓето, кон своите сопственици и кон секој што ќе го сретне. Сакаат да се галат, да играат во природа, со нив никогаш не е здодевно.

Шиба ину
Оваа јапонска раса е екстремно остроумна. Каде и да и скриете нешто, секогаш ќе го најде. Некогаш важела за ловечки пес, па и денес овие кучиња имаат инстинкти на ловец. Со правилна и навремена социјализација таа е идеален семеен миленик.