Протејскиот витализам на западниот фашизам (2)

454

Умниот германски гениј Гете има речено, не само како констатација, како духовна квинтесенција, туку и како императив, дека „ремек-дело на човекот е да трае“, да опстојува, дефиниција што коинцидира на широк план и со концепцијата за Општиот Човек на Шлаермакер, за човекот како човештво, како генеричко битие. На таа Гетеова мисла-визија, се разбира, енциклопедистите на европското просветителство, Волтер и другите, ставаат потпис со двете раце. Но залудно. Денес таа е апсолутно отсутна од свеста и душата на западниот либералкапиталистички човек. Збришана. И на што се должи тоа, драг читателу, таа бездушност на цивилизацијата, која сè уште, и денес, и покрај сите нејзини помраченија и злосторства на својот, но и на другите континенти во светот, го зграпчила и не го пушта приматот врз хуманизмот и културата, сметајќи се за нивен исклучив цивилизациски експонент и архетип. Таква, таа, како што го забележале тоа убаво антрополозите, е изразито нарцистичка, и тоа од типот на ариевскиот нарцизам на повисока и избрана раса. Тој тип нарцизам го среќаваме и кај одделни народи, каков што е тоа примерот со Евреите во Стариот завет, кои го евреизирале дури и самиот Бог (Јахве), изградувајќи го така митот за избран народ. Постојат и други примери, но сега, кога станува збор за Западот се работи за ариевскиот нарцизам на цела една цивилизација што се смета за супериорна над другите цивилизации. И тој и таквиот нејзин агресивен нарцизам се покажа во добра мера штетен, па и погубен за некои земји и делови од светот колонизирани и на секаков начин експлоатирани од неа. Кај Евреите тој ариевски нарцизам беше херметизиран главно во племето, додека кај Европа тој се покажа експлодирачки и инвазивен кон другите, секако со намерата како недоволно цивилизирани да ги цивилизира нив таа и да ги преведе од еден архаичен или варварски стадиум во стадиум на модерна цивилизирана култура по западна мера. Но еден од водечките западни антрополози, Французот Луј Вансен Тома сјаен аналитичар на западната цивилизација и нејзината ариевска нарцистичка агресија низ светот, не мисли така. Тој вели: „Ако светот за западниот човек е само простор лишен од смисла, празен сад сведен на збир од апстрактни закони, збир од живот и енергија, кои немилосрдно се испреплетуваат, а тоа безобѕирно искористување го води него можеби во неминовна смрт заради исцрпување на природните извори, евентуално и заради другото уништување, човекот на архаичните општества, посебно африканскиот Црнец нас нè води кон други претпоставки“. Кои се тие?: „За архаичниот човек – вели Тома – светот во некоја рака е алтер его, центар на неговите сили, кои треба апсолутно да се почитуваат, соговорнички, со кои се живее во тесна симбиоза.“ Тоа, и продолжува: „За архаичниот човек основната вистина е: светот е извор на животот, самиот живот.“ Така. Додека „за Западот, кој инсистира на рентабилност и профит, светот бидува опредметен, искористуван, и на подолга патека можеби осуден на смрт.“

Фромовски речено, не да се биде туку да се има по секоја цена, оти европскиот Запад од својата нарцистичка ариевска позиција на виша цивилизациска раса мисли дека му е дозволено да ги потчинува и владее другите, сметајќи го уште тоа и за добротворство. Да. Ариевизмот, пак, на начин на кој него го користела и сè уште го користи Западната цивилизација по дефиниција има фашистички мирис. И тука не се работи само за Германија и Германците како архетип на европскиот фашизам, туку и за другите неколку моќни европски народи (Французите, Англичаните, Шпанците, Белгијците, Холанѓаните…) Погледнете го англискиот ТВ-канал Хистори и ќе видите дека Англичаните лиферуваат во серии емисии само за Хитлерова Германија, промовирајќи го така својот божем од памтивека антифашизам, за да го маскираат својот фашизам во нивните колонии по светот. За тоа можеби треба првин да ги прашаме Абориџините во Австралија и во Нов Зеланд. Па и Шпанците имаа фашистичка фаза со Франко кога беше убиен Лорка, и Италијанците со Мусолини.

Тоа, иако, рака на срце, сепак Германија е модерен архетип, репрезент на европскиот фашизам од Втората светска војна. А бидејќи таа е европска тогаш таа е pars pro toto, сама по себе негова верна слика. И, тргнувајќи од тој факт не е праведно што по некоја вообичаена инерција фашизмот им се натоварува само на Германците во Европа, со ставање акцент на нивниот темен инстинктивизам и колективна душа. Честопати за поткрепа на таа исклучива (хипо)теза за многумина цитираат некои германски авторитети, најчесто филозофи и поети (Хегел, Шопенхауер, Ниче, Новалис, Рилке, Георге, Вагнер…) кај кои, како да се усогласени во тоа, е присутна тезата за војната како морално прочистување на човекот и животот сфатен како естетика на херојството, кое го иницира Ничеовиот Натчовек. Во тоа има некоја вистина, но во неа, таква каква што е, се вклопуваат и другите моќни земји на либералкапиталистичкиот Запад. Па и една, на изглед безначајна земја, каква што е Белгија за која од презир кон неа Бодлер напиша цела една книга „Povre Belge“ („Бедна Белгија“), таа чиј крал Леополдживи ги дереше и масакрираше жителите на Конго, пљачкајќи ги неговите дијаманти и другите материјални богатства за да го подигне на повисок степен белгискиот луксуз, на земјата во која, како рефлексија на оваа фактографија во Брисел се наоѓа седиштето на Европската Унија и нејзината политбирократија. Што се однесува, пак, до германскиот фашизам како негов антиципатор и визионер најчесто се спомнува Ниче, филозофот со генијален и болен ум, како што вели Томас Ман, кој нему му посветува еден голем и студиозен есеј. Оваа втората формулација можеби и не му била потребна, но ја дал чесно како хуманист и трезвен граѓанин, како класичен тип хуманистички и граѓански уметник и интелектуалец, каков и што бил всушност. Ниче како антиципатор на фашизмот се поврзува со неговата визија и филозофија за натчовекот, оној „во кој се најмногу изразени специфичните особини на животот – неправдата, лагата и грабежот“. Да. И всушност што има тука да му замериме на германскиот филозоф. Не е ли во оваа негова изјава дадена концизно сликата на западниот либералкапитализам кому му се, имено, својствени токму тие особини: неправдата, лагата и грабежот. Примерот сега со Македонија за што ќе проговориме малку потаму, драг читателу, јасно го покажува тоа.

Томас Ман, реално, не може да се согласи со некои забеганости на Ниче како производ на неговиот распојасан дионизиски ум, со неговиот филозофски психологизам и инстинктивизам, кој во добар дел извира и од филозофијата на неговиот учител Шопенхауер изложена во монументално дело „Светот како волја и претстава“. Во него се велича и хипостазира волјата како основен нагон на сепостоењето. На тоа се темели, имено, и Ничеовиот филозофски концепт на „волјата за моќ“, кого германските нацисти го усвојуваат како свое животно и дејствено мото. Ман во контекст, пак, на тој „фашистички“ концепт го спомнува и Новалис, кој е застапник на „идеалот за естетско величие“, за „највеличествената моќ и најмоќен живот“, идеал што создава „Човек што е животно-дух“ и што се манифестира како „максимален варварин“. Сè тоа навистина се вклопува во Ничеовиот концепт на „волјата за моќ“ и нејзиниот основен продукт – Ничеовиот што не е лишен од варварски сензибилитет и кој треба да донесе нов тип култура. Варварите како решение за заморената цивилизација, да се потсетиме на Константин Кавафис и неговата во таа смисла тежишна песна „Чекајќи ги варварите“ што коинцидира со идеите на Ниче. Небаре ја напишал тој.

Ман му забележува на Ниче за неговата бруталност кога порачува „кастрирање на луѓето со помала вредност“ (она што го направи сега Европа со Македонците), како и за неговото „убедување за потребата од ропство“ (еве го сега тука западниот корпоративен глобализам) итн. па сепак тој на филозофот со „генијален и болен ум“ не може да му го одрече пророштвото за новиот и суров либералкапиталистички свет што е тука јасен симптом, но што допрва надоаѓа како градоносен опустошувачки облик на Западната цивилизација. Еден апсолутно негативистички, антиромантичарски цивилизациски sturm und drug. Во него нема место за поетскиот концепт на англиските романтичари за светскиот бол и тага, туку само за светскиот грабеж и страдање на либералкапиталистичката западна филозофија и поетика на „волјата за моќ“ на Западната цивилизација персонифицирана во Ничеовиот Натчовек. Анализирајќи ги пророчките идеи на Ниче, Ман за него уште вели: „Во основа далечен од политиката и чист со духот, тој како најчувствителен инструмент на изразување и регистрирање, со својата филозофија на моќта го почувствувал империјализмот на хоризонтот и како растреперена показалка ја претскажал епохата на фашизмот на Западот во која живееме и во која, и покрај воената победа над него сè уште долго ќе живееме во него.“

Да. Последниот став од овој коментар за Ниче и неговата пророчка моќ е важен и самиот Ман, кој го усвојува длабински него, речиси генерички од аспект на спознание на корените на човековото зло, и го проектира како реалност понатаму од гледна точка на песимистички визионер на модерната либералкапиталистичка европска цивилизација по нејзините две крвави светски војни. Првата и Втората, кои лично ги доживеал и искусил, докрај прониклив и темелен познавач на темниот нагон на западната либералкапиталистичка аморална душа. На душата на западниот материјалистички, како што би рекол Маркузе „еднодимензионален потрошувачки човек“, тој што воопшто не ја усвоил моралистичката епитафна максима на мудриот метафизичар Кант: „Ѕвезденото небо над мене, моралниот закон во мене“. Ништо од тоа. Ман во песимистички стил на Ниче децидно кажува дека војната е добиена, но не и победата над европскиот фашизам. Тој и врз основа на неговото искуство со него, но и со неговото спознание како хуманист и ингениозен писател за лакомиот материјалистички демон на западната цивилизација го превидел западниот фашизам, на неговиот неуништлив протејски виализам не како Јанус со две, туку со уште многу лица, честопати маскирани со перфиден и лажлив хуманизам. Ние Македонците, драг читателу, добро го видовме и спознавме тоа. Затоа и ни е целосно блиска тезата на европскиот хуманист дека фашизмот не е победен и покрај тоа што Русите го закачија своето знаме 1945 г. на Рајхстагот во Берлин, а и многу македонски херои го положија животот за да биде победен тој. Тие што сега Заев ги потиснува од нашиот Устав за да ги смести што поудобно во него албанските терористи од 2001-та. Темата е широка како море без брегови. Но основното прашање сега, драг читателу, е прашањето дали загинаа милиони животи за да ја одбранат Европа од фашизмот, таа да не се опамети и пак да продолжи, макар и со перфидни маски и разни протејски трикови, по неговата патека? Дотолку повеќе што против Хитлерова Германија „оската на злото“, како што ги викаа нејзините сојузници, се бореа, имено, другите моќни европски држави, какви што се, на пример, Англија и Франција. Тука се потоа Американците преку океанот, но и потценетите Руси, како и некои балкански народи како Србите и Македонците, кои како благодарност денес Европа, компонирана како некој безличен цивилизациски хибрид ги држи надвор од своите сè уште ариевски граници.

(продолжува)