Простување од Данило Коцевски

743

Скопје се прости од Данило Коцевски. Токму така. Градот Скопје се прости од Данило Коцевски, од својот најпознат хроничар, кој беше погребан вчера, во кругот на семејството. Да не беше пандемијата на коронавирусот, неговото испраќање секако ќе беше поинаку, многумина скопјани ќе му оддадеа последна почит и ќе му речеа благодариме за тоа што го стори за Скопје. Во тој таговен ред секако ќе се најдеше и редакцијата на весникот „Нова Македонија“, простувајќи се со еден од најверните соработници.
Коцевски својата прва книжевна творба ја има објавено како петнаесетгодишно момче во 1962 година и оттогаш беше редовен и верен соработник на весникот „Нова Македонија“. Му остана верен до последен ден, а рубриката „Скопски легенди“, една од најчитаните во весникот, ја пишуваше буквално до последниот ден. Редовните читатели во изминатава сабота имаа можност да го прочитаат неговиот, за жал, последен текст посветен на Домот за јавно здравје.

Кога би се прелистувале пожолтените страници од архивите, ќе се види дека низ годините, речиси четири децении се појавуваше со свои текстови, пред сѐ на културните страници. Како поет, литературен критичар, есеист, радио и телевизиски новинар, Данило беше бележито име во македонската култура, во Друштвото на писателите на Македонија и воопшто во културните кругови на Скопје и Македонија. Исто како и во новинарските. Ќе се паметат неговите стотици емисии од областа на културата, голем број интервјуа, претставување нови книги и личности, проекти што Данило ги има реализирано како вработен во Македонската телевизија.
Роден во 1947 година во Куманово, сепак, голем дел од творештвото му посвети на Скопје, на неговата историја во минатото, опишувајќи низа настани, осветлувајќи многу непознати места во градот и неговата околина. Данило Коцевски ќе остане во меморијата на читателите како автор на серијалот текстови „Скопски легенди“ во „Нова Македонија“, во кои беа објавени голем број приказни поврзани со историјата на Скопје.

Низ тие текстови продефилираа голем број имиња на стари скопјани што во различни периоди му давале белег на градот, од турско, српско, бугарско и македонско време. Опишани се многу заборавени занаети, објавени се истории за изградбата на сите позначајни објекти во градот. На пример: кога и од кого изградена зградата на денешното Собрание на Македонија, кога се изградени џамиите, кога е почнато уредувањето и оформувањето на градскиот парк, кога во Скопје е донесена фудбалската топка, кога поминал првиот автомобил на улиците. Данило не беше историчар по струка, но испиша една голема историја на градот, која не ќе може да ја направат и неколкумина заедно.
Таа скопска хронологија ја има испишано и во неколку книги, меѓу оние триесетина дела од најразлични жанрови, поезија, проза, есеистика и драми.

Со смртта на Данило, „Нова Македонија“ загуби еден од најверните свои надворешни соработници. Тој долго дружеше со весникот и со негови колеги вработени во „Нова Македонија“ и во „Вечер“. За неговите врсници ќе останат спомените од раните години поминати во славната кафеана „Букет“ и во театарското бифе познато под името „Прљаво казалиште“.
Данило беше и човек од дружба, интересен соговорник, допадлив на мисла, мек на збор и човек од збор. Како таков долго ќе го паметат и читателите и пријателите. Р.Н.М.