Проклет Пиксерекур

574

Жилбер де Пиксерекур. Татко на мелодрамата, онаа од XIX век. Жанрот што го даде квасецот на мелодрамското, кој дојде од Запад, а од кој се закисели со интелектуално-емотивни габички дури и традиционално чистиот Исток. Исток отсекогаш имал повалкани пазари од Запад, ама почист дух: доволна е компарација на западната со источните филозофии. Мелодрамското: најстрашниот инфектив што доживеа огнометен процут на крајот од дваесеттиот и почетокот на дваесет и првиот век, а ја парализира човековата мислечка способност. Инфектив што под форма на кич прво ја нападна уметноста, создавајќи маратонски лимонади од серии – турски, грчки, шпански… или светски бестселери од типот на Гијом Мусо, во кои мелодрамскиот фатализам се покажува преку малигни болести, сообраќајни несреќи, откажување на некој витален орган, неразјаснети убиства, разбојнички (терористички) напади во кои страдаат невини жртви. Мелодрама: нешто што во форма на ТВ-серии и политички дебати ги прикова и домаќинките и професор(к)ите и академиците и парламентарците за троседот во дневната соба и им ги изми мозоците. Ги затапе, за да може со нив да се владее и управува како со крави и телиња! Проклет да си, Пиксерекур!

Но, мелодрамското, одвратно патетичното, претерано афективното, мој Пиксерекуре, ја нападна НАЈМНОГУ политиката! И глобалната, и балканската и нашата! Полит-мелодрамата е баучот што кружи над политичка Европа и над САД. Мелодрамата кружи еднакво и над нашите брачни кревети, и над парламентите, и над владите, и над стејтдепартментите… Пиксерекур е насекаде. Гнев со желба за „праведна казна на негативците“ над шпоретот на домаќинката додека готви и со друго око ја следи „лимонадата“; иста таква домаќинска желба за правда и над премиерското биро. Заслужено казнети: врвниот идеал на мелодрамата! Доналд Трамп заслужено казнува!

Путин заслужено казнува! Заев заслужено казнува! Пред тоа, Груевски заслужено казнуваше! По низа страдања, правдата сепак победува – каков одвратен мелодрамски кисел мед! Проклет да си, Пиксерекуре! Ни се гади од тебе и од тоа што твојата мелодрама ги зарази и политиката и медиумите и домаќинките, и МАНУ и САНУ и ШАНУ и ПАНУ и факултетите и – сè. Како муви летаат и нè поплукуваат секојдневно твоите мелодрамски својства!

Ајде сега сериозно, да видиме. Мелодрамскиот мутиран геном е најчестата форма на кичот во масовната култура денес; тоа некако и се поднесува, ама мелодрамското во политиката веќе болно ни ги мие мозоците. Милош Илиќ, во предговорот на српското издание на култната книга на Абрахам Мол за кичот („Кич-уметност на среќата“) ја поврзува појавата на кичот (а со тоа и на мелодрамата) со онаа политичко-економска клима во која се развива и денешната глобализација: „Оваа епоха со економија на либералниот капитализам, технички просперитет, агресивна и противречна култура, создава јадро за кич и го вградува кичот во својата ментална структура“.

Според Зоран Константиновиќ, мелодрамското како својство на нашето севкупно семиотичко (знаковно) социјално однесување има неколку карактеристики, меѓу кои – жед за неочекувани пресврти во текот на наративот. Да се потсетиме само на политичките слогани на нашите партии – „Радикален дисконтинуитет“, „Готов е!“ и слично. Колку пати слушнавме ветувања дека ќе се направи радикален пресврт и прекин со дотогашните „ретроградни политики“, за сите овие години транзиција? И колку пати излезе – бура во чаша вода (и тоа е една убава, популарна дефиниција на мелодрамското). Второ мелодрамско својство е склоност кон спектакуларни мистериозни дејства (неразјаснето убиство, ковање план за атентат, конспиративно разбојништво, теории за светски заговори и слично). Трето својство – патетичен стил. Но, убедливо најважното својство на мелодрамата е изразената морализаторска и дидактичка димензија: „Во мелодрамата доблеста се бори против порокот, доброто против злото, наклеветената невиност триумфира по серија неверојатни перипетии“, вели Константиновиќ. На Балканот сите политички лидери тврдат дека се бијат со црниот ѓавол. А нема мелодрама без токму таква, „црно-бела“ карактеризација на ликовите во морална смисла. Но, во вистинската мелодрама злото и доброто се инвестирани во конкретни индивидуи, а во политиката – во ЦЕЛИ КОЛЕКТИВИТЕТИ.

Тоа е класична генерализација, која води кон лажни претстави и стереотипи. Може да се каже дека на таквата денешна мелодрамска ПОЛИТИКА НА ВООПШТУВАЊЕТО прва слугинка ѝ е современата западна „глобална“, униформна уметност, во прв ред – лесниот, сезонски бестселер ала Гијом Мусо. Така, ако во таков бестселер ЕДЕН муслиман киднапирал деца од градинка во Лондон, имплицитната и премолчена претпоставка на оваа во суштина идеолошко-памфлетна книжевност е дека сите муслимани се такви. Ако некој Русин или Србин од Босна бил фатен (и за тоа пишувале медиумите) во недозволена трговија со дрога или бели робје, бестселерот ќе се погрижи за мелодрамско воопштување, па ќе создаде кај своите читатели впечаток дека „сите Руси“ или „сите Срби“ се такви. Од друга страна, сите ликови од „западните демократии“ се „бели ликови“, без и најмала трага на злото во нив. Постапката е сосема идентична како во Сталиновиот соцреализам, само што таму беше обратно – западните луѓе беа ѕверови, а „црвените“ беа јагниња. Така, она што традиционалната мелодрама го сметаше за морал на индивидуата, бестселер-мутантот на мелодрамското го смета за колективен морал, и со тоа опасно се доближува до расните теории и стереотипи за помалку или повеќе вредни раси, народи и вери. А токму тие стереотипи сака, наводно, да ги урива западната демократија, која и ја измисли оваа „мекдоналдс-книжевност“. Моралот веќе не е персонална, туку национална, верска или геополитичка категорија.

Српскиот високотиражен „Информер“, во бројот од саботата и неделата донесува на насловната страница спектакуларен наслов (се кажа веќе дека спектакуларноста е една од основните особини на мелодрамата: таа сака убиства, откриени разбојништва, конспирации, атентати): ЦИА ГО УРИВА ВУЧИЌ ОД СКОПЈЕ! Поднаслови: „Таен состанок кај Заев“; „Заговорниците коваат пеколен план“ (следуваат фотографии на Заев, Ерик Бернс, Саша Мирковиќ и Сеад Кочан); „ЦИА од Софија во Скопје префрлила специјален тим што треба да раководи со операцијата“; „Одвоени 16 милиони евра за уривањето на Вучиќ“; „За водач на операцијата го избрале Вук Јеремиќ“. Јеремиќ е неодамнешниот најсериозен противкандидат на Вучиќ на претседателските избори, интелектуалец, за кој многумина тврдеа дека Вучиќ еден ден ќе му се одмазди. До кога со вакви спектакуларни мелодрами?
Кутриот Вучиќ, велат вљубените во Вучиќ! Црна белосветска банда му става јамка околу вратот на бело јагне! Ете го мелодрамското црно-бело морализирање. Можна е и обратна перспектива на оваа мелодрама: оние што го сакаат Јеремиќ, тврдат дека „црниот Вучиќ“ ја монтирал целава приказна за на „белиот Јеремиќ“ да му стави јамка околу вратот и еднаш засекогаш да се ослободи од него! Понатаму: од текстот произлегува дека за едните (оние на Вучиќ) ЦИА е црна чума, за другите (оние на Јеремиќ и Заев) – грижлива мајка на стабилноста во регионов. Повторно мелодрамска црно-бела поделеност на два табора што веќе утре можат да си ги ископаат очите во народен бунт и граѓанска војна. За патетичниот стил со кој се пласирани овие „шокантни“ и „скандалозни“ настани на насловната страница – нема потреба да зборуваме.

Но, да не го заборавиме и мелодрамското обопштување. Се затекнав во Белград тој викенд, но немав поим што пишува „Информер“. Еден драг белградски пријател, при првата средба ми вели: „И ти ли бре, брате, со ЦИА против Вучиќ?!“ И така, во оваа мелодрама ЦИА незаслужено станува Македонија, а Македонија – ЦИА, што не е баш праведно! Ама е – МЕЛОДРАМСКИ ПОЖЕЛНО. И затоа, тврдам: кој сака да остане нормален лидер (а богами и човек) на Балканот, треба итно да излезе од мелодрамскиот наратив на Пиксерекур. Зашто, за политиката е важна емпириската, а не мелодрамската стварност.