„Проект среќа“ донира опрема за спортски клубови за деца

380

Здружението „Проект среќа“ почна со акцијата „Здраво шампиони“, која ќе им обезбеди бесплатна спортска опрема и бесплатни членарини во спортски клубови на децата што живеат во социјален ризик. Акцијата беше промовирана неодамна, во рамките на традиционалната женска трка кај фонтаната во Градскиот парк, каде што „Проект среќа“ имаше донаторски штанд. – Проектот го наменивме за сите деца од Македонија што сакаат да се занимаваат со спорт а немаат услови за тоа. Поддржан е од Агенцијата за млади и спорт и од Сојузот на спортови на градот Скопје, а очекуваме поддршка од сите производители и дистрибутери на спортска опрема.

Пријавувањето за донации ќе биде на нашата фејсбук-страница, „Проект среќа“, како и досега, но овој пат и училиштата и спортските клубови ќе можат да пријавуваат деца за кои мислат дека ваква помош им е добредојдена. Се надеваме на голема поддршка од донаторите – изјави Кристина Арнаудова, претседателка на здружението, која додаде дека можеби токму во тие деца се кријат најдобрите македонски спортисти и потсети на тоа колку деца не можат да посетуваат настава по физичко или да одат на тренинзи затоа што немаат опрема. Акцијата, „Здраво, шампиони“ ќе трае до почетокот на јуни, велат организаторите. Освен оваа акција, „Проект среќа“ почна со реализирање и на проектот „Среќно, матуранти“, со кој обезбедува комплетен матурски пречек за сите матуранти, полуматуранти и апсолвенти што не можат да си го дозволат тоа. – Ги очекуваме пријавите на сите што имаат потреба од ваква помош на нашата фејсбук-страница или кај нашата координаторката Благица Ристов – информираат од здружението.